Рецензија: Гробари и Делии набавуваат ножеви, секири, куки и огнено оружје – Се подготвуваат за крвава пресметка

gd-crop-resize

Напомена: Рецензијата е направена по барање на читател. И Вие можете да побарате да се направи рецензија на било која вест преку формуларот на нашиот сајт, кој можете да го пополните овде.

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“ се вели во члeн 10 од Кодексот на новинарите.

Одговорното новинарство не е паушално пренесување на информациите под плаштот дека некој друг медиум веќе објавил некоја содржина, па останатите имаат право  безусловно да го цитираат без да преземат одговорност, туку е и уредничка и новинарска одлука што ќе се пренесе и како тоа ќе се стори. Се разбира дека е дозволено други медиуми да се користат како извори на информации, но редакцијата секогаш има предвид дека тоа воопшто не ја иззема од одговорноста поврзана со професионалните и со етичките стандарди.

Во случајот имаме текст за кој се тврди дека е пренесен од српски „Курир“, но новинарот не се потрудил да постави линк до оригиналниот напис. Содржината на оригиналниот напис кореспондира со содржината во преводот. Во поглед на авторството на оригиналниот напис, тој е потпишан со иницијали на новинарот, но при преводот на македонскиот медиум иницијалите на авторот „се губат попатно“. Текстот ниту во верзијата на српскиот, ниту во верзијата на македонскиот медиум не се темели на релевантен извор, поттикнува на насилство, предвидува „идеален термин“ за крвава пресметка меѓу две навивачки групи. Директните цитати се неатрибуирани, а, сепак, повикуваат на насилство и крвопролевање, што е неодговорно во смисла на можните последици кои авторот може да ги предизвика.

 gdЛинк до оригиналниот напис: Гробари и Делии набавуваат ножеви, секири, куки и огнено оружје – се подготвуваат за крвава пресметка

Датум и време на објавување: 05.11.2013, 18:04

Датум на рецензирање: 08.11.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Вистинитоста на овој текст е крајно искомпромитирана поради тоа што во него не се известува за настан кој веќе се одржал, туку врз основа на изјави од анонимен, неатрибуиран, ниту пак поблиску лоциран извор, се повикува на насилство, но и се даваат детали за крвавото сценарио што го прогнозира авторот.

Сомнителната вистинитост авторот се обидел со техника на спин да ја втемели на „историја на случаи“ кога настанувале тепачки меѓу две навивачки групи. Токму поради тоа што пред објавувањето на овој напис имало инциденти и тепачки меѓу двете навивачки групи, новинарот со одговорно новинарство можел да допринесе да не се создаваат дополнителни тензии во специфичниот период. Наместо тоа, во овој текст гледаме повици за крвави пресметки на кои навистина може да им се приклучат индивидуи кои во комбинација со психологијата на толпата може да ескалираат и за тоа новинарскиот напис не треба да ризикува да прогнозира, затоа што штетата може да биде поголема.

Извори на информации: Текстот содржи изјава од анонимен извор, кој не е лоциран на ниеден начин. Неговата веродостојност е под знак прашање, особено ако таа се стави на кантар со тежината на изјавата што е пренесена. Едноставно, изјавата што се пренесува од анонимниот извор премногу поттикнува на насилство и содржи силни зборови за да биде оставена на неофицијални и недокажливи извори.  Во текстот, македонскиот медиум се повикува на српски „Курир“ кого го користи како извор.

Содржајност: Во текстот нема доволна содржајност. Потфрлено е завршувањето на задачата, бидејќи во текстот се немаат консултирано повеќе извори, нема ниту еден официјален извор, а извлечениот сензационалистички наслов се темели на изјава за која не може да се тврди дека не е измислена. Има делумен бекграунд, односно се даваат информации за настани кои му претходеле на овој што се предвидува.

Пристрасност: Авторот не е пристрасен, односно не зазема страна на ниту една од навивачките групи.

Коментирање: Коментирањето е содржано во реченицата:

„Идеален термин за нивната пресметка е следниот викенд кога има натпревар меѓу Рад и Црвена звезда, кој ќе се игра на стадионот ’Обилиќ‘ во Белград“.

Со ова не само што дава коментар и свое видување на ситуацијата, туку авторот и прогнозира за „идеален“ термин кога ќе настане тепачката. Од таква позиција може да се протолкува дека свесно или несвесно, со или без намера, новинарот ја оправдува и не презема ништо да ја амортизира ситуацијата за која пишува. Напротив, додава масло на огнот.

Оригиналност/Плагијат: Текстот не е авторски, но изворот од каде што е пренесен е наведен.

Квалитет на насловот: Станува збор за сензационалистички наслов за кој во текстот не се изнесени доволно докази од кои читателот ќе може да се убеди дека станува збор за вистинито тврдење – дека се набавува оружје.

Фотографија: Фотографијата го засилува негативниот ефект од насловот. Раскрвавеното лице на еден од навивачите на фотографијата има за цел да го тргне превезот на неверодостојноста од севкупниот новинарски производ и да го засени заради емоцијата што кај читателот ќе се создаде од фотографијата.

Заклучок: Новинарите одговорноста ги краси. Кога се известува за насилства или сензитивни релации кои може да предизвикаат насилство, алармот на одговорноста се вклучува. Новинарот известува со факти за настани кои се случиле, а не за кои предвидува дека допрва ќе се случат. Етиката налага од новинарското перо да не капе крв.

За читателите со понизок степен на медиумска писменост, навистина е можно „нешто да биде вистина, зашто го прочитале во медиум“, но ова е опасно и може да донесе последици по безбедноста, што е ситуација која новинарот со одговорно известување може да ја спречи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција