Рецензија: Мухамед Зекири со фундаменталистички ставови

Мухамед Зекири со фундаменталистички ставови-crop-resize

Пред нас имаме текст кој содржи спин, дисквалификации на „ад хоминем“ основа и жестоки обвинувања што не се темелат на докази. Дискутабилно е според кои критериуми изнесените информации во текстот станале вредни за објавување, особено ако се земе предвид дека коментарите на Мухамед Зекири се поистоветуваат со коментарите на сите припадници на албанската етничка заедница, што авторот на текстот го предочува преку реченицата:

„Каењето на Цапа неприфатливо за Албанците“

Во текстот се изнесени обвинувања, дисквалификации и навреди.

„На овој начин Мухамед  Зекери го оправдува нападот врз премиерот и националистичкиот чин и се става во функција на вжештените националистички реторики кои одредени албански кругови на политичари веќе подолго време ги застапуваат.“

Во текстот нема извори, односно авторот на текстот низ коментаторски дискурс нафрла факти дури и од приватниот живот на новинарот Зекири, со цел да ја доближи неговата религиозна определба со радикализам, што е обид за спин и за манипулација. Атрибуцијата „упатените тврдат“ може да претствува и неуспешен обид да се скрие непостоењето извор. По пат на генерализација во цитатот

„ваквото радикално однесување на Зекири не ги изненадува оние кои подобро ги познаваат неговите ставови. Имено, Мухамед Зекири беше еден од првите кои го проби полицискиот кордон и се туркаше со полицијата на протестот организиран од ЗНМ и повеќе здруженија пред Музејот на Македонската борба“.

Понатаму, во текстот без аргументи и потребни докази се објаснува дека Зекири се обидува секоја критика врз него да ја прикаже како напад врз слободното новинарство. Уставното право на протест авторот на текстот се обидува да го поистовети со радикализам.

Мухамед Зекири со фундаменталистички ставовиЛинк до оригиналниот напис: Мухамед Зекири со фундаменталистички ставови

Датум и време на објавување: 06.11.2013, 16:13

Датум на рецензирање: 09.11.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Мал дел од изнесените факти може да се потврдат поради тоа што се вредносни судови и мислења на авторот. На пример, цитатот каде се тврди дека Зекири користи националистичка реторика, што ја затскрива зад позицијата новинар, не само што е со сомнителна вистинитост, туку и е сериозна дисквалификација и жестоко обвинување, кое пред да се изнесе, мора да има поткрепа и сериозни докази.

Извори на информации: Дефицитот од извори и изјави, како и дефицитот од поводи и причини за објава на овој напис порталот се труди да го нашминка со таканаречени извори, во случајов „упатените“. Покрај тоа, се користи еден прилично нов начин на конципирање на текстовите каде статуси од социјалната мрежа Фејсбук се зачувуваат и се објавуваат, а околу нив се конципира целата приказна со коментари од авторот.

Содржајност: Фактите се нецелосни. Од друга страна, пак, се мешаат различни сфери од живеењето на новинарот, не се става црвената линија меѓу приватноста и професионалниот ангажман во обидот да се претстави Зекири како радикален. Така, се објавува и верската припадност на новинарот, која е приватна работа.  Фотографии од аџилакот на Зекири се објавуваат непосредно по параграфот во кој се тврди дека тој има националистички и радикални ставови. Не се нуди ниту еден доказ дека ставовите на Зекири се националистички. Во овој контекст се ставаат и новинарските протести каде Зекири зел учество, што е надвор од темата на која иницијално се однесува текстот.

Пристрасност: Има пристрасност, односно напад врз новинарот Зекири поради јавно изнесен став. Авторот е пристрасен и во низа се труди да го дисквалификува уредникот на „Алсат М“ телевизија, на начин што и уредувачката политика на телевизијата ја става во функција на својата теза дека Зекири „го оправдува нападот врз премиерот од страна на Таулант Цапа“. Ова тврдење авторот на текстот го темели на фактот што на телевизијата, каде уредник е Зекири, се објавуваат коментари со критика на чинот на извинувањето на Цапа. Медиумите се должни да пренесуваат различни ставови, да ги пренесуваат мислењата кои се различни, сето тоа во функција на демократскиот амбиент и плурализмот, како и отворањето поширока дебата за настаните од општествена важност.

 Коментирање: Понекогаш авторот се труди своите коментари да ги затскрие како да се изјави од анонимни извори, но формулацијата „упатените“ е со сомнителен кредибилитет и дава основа за сомневање дека изворот воопшто постои, бидејќи тој не е поблиску лоциран.  Коментари може да се забележат во следните цитати:

„На овој начин Мухамед  Зекери го оправдува нападот врз премиерот и националистичкиот чин и се става во функција на вжештените националистички реторики кои одредени албански кругови на политичари веќе подолго време ги застапуваат.“

 

„Ваквото радикално однесување на Зекири не ги изненадува оние кои подобро ги познават неговите ставови.“

 

„Упатените тврдат дека Мухамед Зекири, инаку близок пријател со Насер Селмани од ЗНМ, својата националистичка реторика вешто ја затскрива зад позицијата новинар и секоја критика врз него се обидува да ја прикаже како напад врз слободното новинарство во што се приклучува и заштитникот и негов пријател Насер Селмани со кого на денот на револуционерната борба 23 октомври протестираа“.

Оригиналност/Плагијат: Се работи за оригинален текст, изворно создаден во редакцијата. Статусите од Фејсбук се користат како замена за втората страна. Авторот не зема изјава од Зекири, туку ги презема неговите статуси на Фејсбук и ги вметнува во контекстот што наумил да го создаде.

Квалитет на насловот: Насловот дезинформира, спинува и дисквалификува. Не само што семантички зборот „фундаменталист“ не кореспондира со описите на дејанијата на Зекири, туку и содржината на текстот не покажува дека Зекири има фундаменталистички ставови.

Фотографија: Се користат повеќе фотографии, од принтскринови од Фејсбук статуси, до фотографии на Зекири од неговата приватна посета на Мека, фотографии од новинарскиот протест. Сите тие се во функција да го поткрепат секој засебен фрагмент и да го спојат со негативната слика што се прави обид да се создаде за Зекири.

Говор на омраза: Нема говор на омраза, но има контекст кој треба да истакне дека Зекири е муслиман, дека е против извинувањето на Цапа кон Груевски и дека претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, му е пријател. Овие навидум несврзливи информации, контекстуализирани заедно во еден текст, не се показател на искрена и добра намера да се информира читателот.

Заклучок: За да стане вредна за објавување, веста треба минимум да одговори на петте новинарски прашања. Треба да содржи нова информација. Правото на мислење е загарантирано со Европската конвенција за човекови права. Обидот нечие поинакво мислење да се поистовети со фундаментализам е спин.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција