Рецензија: Јованистите од ПОА со своите лобисти од СПЦ ја обвинија Македонија за политизирање на религијата

Јованистите-Локално-2013-11-11-20-28-37-crop-resize

Кога читателот ќе го прочита насловот и лидот, поднасловот на една новинарска вест, треба да ја добие првичната точна слика за она за што пишува или известува новинарот. Сите останати делови на веста или новинарскиот извештај, телото и завршницата, треба да имаат факти, податоци, цитати и изјави поткрепени од извори кои целосно ги поддржуваат насловот и лидот на веста. Тоа е првата и елементарна лекција по новинарство во делот на структурата на една новинарска сторија. Веста што ја рецензираме тука, за жал, не испочитувала ништо од основните новинарски правила.

Јованистите----Локално-2013-11-11-20-28-37Линк до оригиналниот напис: Јованистите од ПОА со своите лобисти од СПЦ ја обвинија Македонија за политизирање на религијата

Датум и време на објавување: 08.11.2013, 11:13

Датум на рецензирање: 11.11.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Веста е делумно вистинита. Навистина е одржана Десеттата конференција на Светскиот совет на црквите (ССЦ) и навистина е донесена декларација која се однесува на слободата на верските права во Република Македонија, но за насловот нема аргументи, ниту извори наведени во текстот кои нешто изјавиле или коментирале поради што можело да биде извлечен еден ваков наслов, кој е крајно призволен и наведува на погрешен заклучок

Извори на информации: Нема. Општо е познато дека тој ден (8 ноември 2013 година), повеќе медиуми ја објавија оваа вест, повикувајќи се на соопштението на ПОА објавено на нивната интернет страница истиот ден.  Зошто медиумот што ја објави веста што ја рецензираме не го наведува изворот е сосема нејасно. Но, во овој случај, тоа е помалото зло. Поголемото зло е што во насловот и во лидот (поднасловот) на текстот се изведува заклучок кој не е поткрепен со извор.

Насловот и лидот, така како што се напишани, се прилично категорични и не оставаат простор за некаква резерва што создава дополнителна тежина на направената непрофесионална грешка.

Содржајност: Нема. Пропуштена е добра прилика да се навлезе барем малку во суштината на спорот на МПЦ-ОА со православната заедница, како и да се добијат информација за тоа зошто ПОА се заложува да ја врати црквата во Македонија во канонско едниство со другите православни цркви.

Пристрасност: Мора да напоменеме дека заради насловот и лидот на веста што ја рецензираме за кои во проверката не најдовме аргументи за вистинитост, станува уште еден од низата текстови поврзани со нерегистрираната, но според ПОА, единствената канонска православна црква во Македонија, кои изразуваат нетолерантност кон оваа верска заедница, а ја фаворизираат Македонската православна црква – Охридска архиепископија, која, за жал, не е прифатена во заедницата на православните цркви.

На нетолеранцијата кон ПОА убаво укажува м-р Гоце Ристовски во својата анализа за Сервис за проверка на факти од медиумите под насловВерските заедници и медиумите: Да се одбегнуваат стереотипите и предрасудите со внимателната вивисекција на неколку новинарски текстови на оваа тема. Во таа своја анализа тоја заклучува:

„Во информацијата „Влошено здравјето на Вранишковски – не му дозволуваат да биде опериран“ ПОА се означува со „самопрогласената Православна Охридска Архиепископија“. ПОА е „таканаречената Православна Охридска архиепископија“  на порталот Прес 24. Во „Република“ е „српската ‘филијала’ на СПЦ во земјава“.  Во  „Дневник“се користи термин  „одметнатиот владика“. Порталот МКД најави дека „Според ПОА’ (во наднаслов) –  „Расколникот Вранишковски бил сериозно болен“ (во насловот). Се конструира дека тој е „расколник“ според црквата на која е поглавар, што е манипулација.“

Коментирање: Со оглед на тоа што насловот и поднасловот се наведени без извор, не може, а да не се заклучи дека, вусшност, имаат карактер на коментар. И тоа коментар кој не е издвоен од фактите и кој заради тоа создава илузија на факт. Илузија на факт што генерира создавање на погрешен суд, мислење. Во коментаторските елементи на насловот и лидот се споменува „лобирање“ за оваа одлука на ССЦ, иако како што наведува читателот што го препорача овој текст за рецензијаслучајот со ПОА е нашироко познат низ светот, па така, нема потреба од никакви српски лобисти“. Веќе десет години ПОА и верските слободи во Република Македонија се во сите годишни извештаи на американскиот Стејт департмент и на организациите за човекови и верски права како што се Амнести интернешенел и ОБСЕ.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е плагијат на соопштението на ПОА, а единствена, но сосема погрешна оригиналност има во конструктите во насловот и лидот на веста.

Квалитет на насловот: Наслов без корен, без поткрепа во текстот. Наслов кој сака да биде сензационален и кој, во исто време, наведува на логичен заклучок: Ако има Јованисти, тогаш има и Стефанисти (според поглаварот на МПЦ-ОА). И мора да се биде прецизен и точен: Светскиот совет на црквите не ја обвини Македонија за полиитизирање на религијата, туку Владата на Република Македонија. Тоа не е исто.

Фотографија: Преземена фотографија од официјалниот постер на десеттата конференција на Светскиот совет на црквите.

Заклучок: Од анализата на колегата Гоце Ристовски во врска со оваа рецензија издвојуваме уште еден цитат:

„Стереотипи се поедноставени, неоправдано генерализирани и неточни мислења за припадници на групи луѓе. Се темелат на недоволно познавање на групата за која се говори или пишува и се наметнува погрешна, најчесто негативна, слика со групирање на личности според  етничка припадност, религиозна и сексуална определба, пол и други категории. Со нагласено негативно емоционално оценување, стануваат предрасуди со кои се среќаваме секојдневно во реалниот живот, а кои водат во дискриминација, хомофобија, расизам… Новинарите треба да ги одбегнуваат стереотипите и предрасудите и кога им се чини дека изнесуваат валидни и вообичаени ’аргументи’“.

И уште нешто да не заборавиме: Постојат многу студии за навиките на корисниците на интернет содржините, како на пример How Users Read on the Web од угледниот интернет аналитичар Јакоб Нилсен, кој вели дека интернет корисниците не читаат веднаш. Тие прво скенираат: прво насловот, поднасловот, клучните зборови, фотографијата, линковите… и дури потоа донесуваат одлука дали ќе го прочитаат целиот текст или не. Во спомената студија Јакоб Нилсен вели дека 44 до 50 отсто од читателите на интернет откако ќе ја скенираат страницата не ја читаат. Кликаат на следниот линк зашто мислат дека скенот им дал доволно информации за да изведат заклучок.

Според ова, логично е да се претпостави дека одреден процент на оние што ја прочитале веста што ја рецензираме создале слика за тоа што се случило во Јужна Кореа на Светскиот совет на црквите само врз основа на насловот. Тоа, како што покажува нашата рецензија, е погрешен заклучок.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција