РЕЦЕНЗИЈА: Што е лагата во отровните краставици на Заев?

ALFA TV_000_000-crop-resize

Неблагодарно е кога новинарски текст, како што е во овој случај, ја презема улогата на судија, порота и истовремено егзекутор. Тежината на „професионалниот прекршок“ е дополнително зголемена имајќи ја на ум исклучително важната тема за граѓаните која се обработува, но не од суштински, туку од политички агол.

ALFA TV_000_000Линк до оригиналниот напис:  Што е лагата во отровните краставици на Заев?

Датум и време на објавување:   20.11.2013 17:07

Датум на рецензирање:  21.11.2013

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Веднаш, на самиот почеток се соочуваме со тешкотии во утврдувањето на застапената доза вистинитост. Нема дилема дека настаните со „пестицидните македонски краставици“ уништени во Хрватска се тема и пол, исто како и можните консеквенци кои ќе ги има овој случај, но проблематичен е пристапот во дадениот случај.

„Начинот на кој СДСМ и Зоран Заев се справија со инцидентот со корнишоните за многумина е еднакво скандалозен како и самиот инцидент“.

Констатација, пресериозна за да биде поткрепена само со формулацијата „многумина“. Кои се тие „многумина“ освен наведените земјоделци, без да навлегуваме во нивната реална репрезентативност. Во продолжение пак ставот на опозицијата кон дел од т.н. земјоделски лидери, кои за право да зборуваме, континуирано се дел од „владиното милје“ се поврзува со стара изјава на стариот лидер на СДСМ, што е клучен доказ за понудената теза дека кој и да е на чело на опозиционерите тешко дека ќе има разбирање за „обичниот човек од нивата“. Несериозно! Но, крајот делото го краси и токму е така. По неколкупатно читање се доаѓа до поентата – Опозицискиот првенец сега „како нешто да им продава на граѓаните, фино и скапо спакувано“, но тоа подоцна ќе излегло исто како и со корнишоните: „штетни за сите, а и за државата“. Од приложеното произлегува дека вистинитоста се „скисели“ во ваквите формулации.

Извори на информации: Наидуваме на скржавост во делот на извори. Покрај веќе споменатите „многумина и т.н. познавачи“ јасно се нотира само уште ставот на дел од земјоделците, а вон контекст се употребува изјава на претставник на опозицијата од претходниот ден. Сето тоа не е доволно за основно ниво на кредибилитет на текстот.

Содржајност: Ако би било преостро да се заклучи дека ја нема, тогаш можеби е благо да се каже дека треба со лупа да се бара.

Пристрасност: За сметка на содржајноста, во преден план избива пристрасноста. Таквиот впечаток е неизбежен, впрочем самиот текст како и да не се обидува барем малку да ја подзатскрие.

Оригиналност/Плагијат: Тешко е јасно да се прецизира во која категорија спаѓа овој текст. Авторот е јасно именуван, но понудениот текст, во (не)веројатно слична форма, се појави и на други медиуми.

Квалитет на насловот: Насловот е еден од најпроблематичните елементи. Прво, затоа што е во прашална форма и без употреба на наводници – најмалку што можело да се искористи како форма на своевидна ограда и второто е тоа што се нуди веќе запечатена пресуда. Таквите одлуки се работа на судовите, а не на медиумите.

Фотографија: Краставица во тегла! Нејасна и недоволно обмислена употреба на фотографија, иако станува збор за телевизиски извештај.

Заклучок: Целата приказна за „краставиците со премногу пестицид“ од земјоделска стана политичка тема од прв ред. Недостауваат новинарски прозводи кои до крај, од терен, а не само од прес–конференции, до крај ќе го истражат овој проблем. Таков случај е и со овој текст. Недоволно аргументиран, премногу партиски и политички оптоварен, а за сметка на тоа отсуствува содржајност, информативност и, на крајот на краиштата, вистинитост. Се можело и подобро, навистина многу, многу подобро.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција