Рецензија: Женска тепачка на плоштад Македонија – три лица завршија во болница

FireShot-Женска-тепачка-на-плоштад-Македонија-–-три-лица-завршија-во-болница-–-think_mk-crop-resize

Написот е илустриран со несоодветна фотографија. Нагласена е родовата припадност со што е нарушен принципот на еднаквост меѓу половите и информацијата во целост е преземена од полициски извештај. Тоа се клучните забелешки за овој напис, кој не би можел да се нарече новинарски производ, туку информација поставена на огласна табла.

Рецензија: Женска тепачка на плоштад Македонија – три лица завршија во болницаЛинк до оригиналниот напис: Женска тепачка на плоштад Македонија – три лица завршија во болница

Датум и време на објавување: 16.11.2013

Датум на рецензирање: 22.11.2013

Рецензент: Тони Димков

Вистинитост: Фактите врз кои се темели написот се добиени, препишани или само пренесени од извештај на полицијата. Нема причина да не веруваме во нивната веродостојност.

Извори на информации: Единствениот извор кој може да се евидентира во написот е полицијата. Информациите од изворот соодветно се употребени во објавениот напис.

Содржајност: Текстот во целост е базиран на полицискиот извештај. Минималното ниво на сеопфатност е задоволено, иако нема изјави од очевидци или учесници во констатираното дејство. Имињата на учесниците во дејството соодветно се наведени со иницијали.

Пристрасност: Нема обид за извртување на вистината. Написот само ја пренесува информацијата добиена од изворот.

Оригиналност/Плагијат: Не може да се одреди дали написот е целосна копија на полицискиот извештај или целосна копија на напис објавен на друг портал. Освен датумот, не е наведено точното време во кое е објавена информацијата. Истата информација на истиот датум е пренесена во повеќе различни портали. Написот е објавен без наведен автор.

Квалитет на насловот: Насловот е јасен и соодветен за објавената информација. Дилеми предизвикува акцентирањето на половата припадност на учесниците во наведеното дејство.

Фотографија: Употребата на несоодветна фотографија е најголемата причина за рецензија на написот. Отсуството на автентична фотографија која би го илустрирала настанот можело да биде компензирано со неутрална фотографија. Во овој случај е употребена фотографија на која е прикажан судир меѓу полицијата и група граѓани што учествуваат во протест што нема никакви допирни точки со објавената информација. Затоа на овој начин е направена груба манипулација со фотографијата. Секако, не се објавени ниту авторството на фотографијата, ниту нејзиниот извор. Употребената фотографија е од протестот организиран поради убиствата кај Смиљковското езеро во април 2012 година.

Говор на омраза: Акцентирањето на родовата припадност на учесниците во дејството го суспендира принципот на еднаквост меѓу половите. Доколку стануваше збор за „машка“ тепачка, сигурно тоа немаше да биде спомнато во насловот. Во овој случај половата еднаквост е повредена со обидот да се постигне сензација.

Заклучок: Медиумите не се огласна табла на која може да се објавуваат соопштенија на државните институции без новинарска обработка. На тој начин само се девалвира новинарството како професија. Манипулацијата со несоодветни фотографии е неетички чин кој нема допирни точки со новинарството.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција