Рецензија: Самсунг му исплати 1 милијарда долари на Apple во 30 камиони монети од 5 центи

Самсунг му исплати 1 милијарда долари-crop-rsize

„Утрово повеќе од 30 камиони натоварени со апоени од 5 центи пристигнале пред канцелариите на Apple во Калифорнија. Обезбедувањето на фирмата се обидело да ги убеди да си заминат, но неколку минути подоцна директорот на Apple Тим Кук добил телефонски повик од Самсунг преку кој му било објаснето дека Јужно Корејската фирма решила на овој начин да го исплати долгот по судскиот спор кон Apple.“

Вака почнува сатиричната приказна која ѝ се подметнува на јавноста како вистинска вест. Всушност, оваа сатирична информација е објавена на повеќе странски интернет сајтови со ваков профил и содржина уште во август  минатата година . Во текстот што го рецензираме, пак, нема ниту една ограда дека станува збор за „кромид“ и никаде не е наведено дека се работи за преземена вест од интернет страница со назнака „хумор и стаира“. Онака како што е пласирана „веста“ со наслов „Самсунг му исплати 1 милијарда долари на Apple во 30 камиони монети од 5 центи“, предизвикува забуна кај читателите дека пред седиштето на Ејпл во Купертино, Калифорнија, навистина се случил таков „настан“. Некои од коментарите под текстот го говорат токму тоа. Но, некои не го „проголтале“ овој фабрикат па има забелешки од типот: „се излетале“, „дезинформираат“,  „не знаат ниту да  препишат“…

Самсунг му исплати 1 милијарда долариЛинк до оригиналниот напис: Самсунг му исплати 1 милијарда долари на Apple во 30 камиони монети од 5 центи

Датум и време на објавување: 20.11.2013, 23:06

Датум на рецензирање: 23.11.2013

Рецензент: Оливера Војновска

Вистинитост: Бесмислено е да се проверува веродостојноста на овој стар ископиран материјал. Во него е пласирана лага што претставува сериозно прекршување на новинарските правила.

Извори на информации: Во текстот нема посочено ниту еден извор на информации, тој е пласиран без трошка професионалност.

Содржајност:  Се работи за целосно преземен напис, така што тука и не може да се говори за некаква содржајност.

Оригиналност/Плагијат: Нема сомнение дека материјалот е копија, но не може со сигурност да се каже од каде е преземен. Имено, оригиналната информација е објавена пред повеќе од една година на мексикански сајт за смешни и измислени вести. Набрзо се пласирани и репродукции на оваа вест во други странски  медиуми со сатирична содржина. Речиси идентичен ваков материјал со наслов „Samsung  ја плати казната од 1 билион долари на Apple, но во монети!“ е објавен два дена претходно – на 18 ноември, на друг македонски сајт . Само што, истиот ден  на овој медиум е дадена и информацијата:  „Сепак Samsung не пробал да ја плати казната во монети“, во која се објаснува дека се работи за лажна вест.

Квалитет на насловот: Насловот е напишан во сензационалистички манир, тој  ја содржи лажната информација пласирана во текстот.

Фотографија: Написот е илустриран со фотографија симната од интернет на која е прикажано како се истура големо количество монети во  некаков контејнер. Таа треба да ја заокружи манипулативната улога на „веста“.

Заклучок: Порталот на читателите  им понудил бајата сатирична информација објавена многу одамна во странски медиуми, проценувајќи дека во овој момнент таа ќе биде интересно четиво за домашната публика. Очигледно е дека вака спакуваната „вест“, без да се посочи изворот и профилот на  содржината,  има намера да  го наведе читателот на погрешен заклучок. Со ваквиот потег првенствено се  демонстрира отсуството на одговорност кон јавноста.  Тоа во никој случај не може да се оправда со лежерниот третман на темите во рубриката „Забава“, каде што е објавена „веста“.

Почитувањето на основните професионални и етички принципи е стандард во новинарството, независно дали е во прашање изработка и пласирање на политичка, економска или полефтерна тема.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција