Рецензија: Од банкомат украдено повеќе отколку при најголемиот грабеж на банка

FireShot-Screen-Capture-195-78A533641B0-crop-resize

„Два банкомата на Стопанска банка се ограбени за само едно деноноќие во скопските населби Илинден и Ченто, а за тоа дека е можно да се направи милионски грабеж без оружје, говори фактот што од еден од банкоматите се украдени повеќе пари отколку што беа земени при најголемиот вооружен грабеж на банка во Македонија. Од банкоматот во Ченто се украдени неверојатни 54.000 евра, а банката сѐ уште не соопштува колку пари се земени од банкоматот во Илинден, но се претпоставува дека сумата е приближна бидејќи во тоа време најверојатно банкоматите биле полни со пари. Инаку, само за споредба, во спектакуларниот грабеж во Про кредит банка што се случи во април 2009 година беа украдени 50.000 евра, а во него учествуваа неколкумина тешко вооружени разбојници кои беа маскирани небаре се специјална полиција“.

Иако црната хроника обично има голема читаност насекаде во светските печатени медиуми, кај нас оваа рубрика е далеку под нивото на атрактивност заради големата политизација на медиумите. И во опремувањето и најавите текстовите за криминалот ја немаат таа „лепливост“ и кога ја заслужуваат. Ова е еден таков текст кој е брз во донесувањето на информацијата, говори многу за техниката на ограбување и јасно укажува каде има потфрлувања, кои се добар траг за истрагата. А истрагата како да е под нивото на новинарското „душкање“!

 'Од банкомат украдено повеќе отколку при најголемиот грабеж на банка'

Линк до оригиналниот напис: Од банкомат украдено повеќе отколку при најголемиот грабеж на банка

Датум и време на објавување: 26.11.2013, 16:38

Датум на рецензирање: 29.11.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Опширната вест од местото на две поврзани кражби на банкомати, близу и просторно, ги дава сите релевантни факти – за првиот грабеж  е доста прецизна и во износот на одземените пари а за втората открива дека се работи за чудна заплетканост на сите – ограбените, чуварите и полицијата, па дури и во износот на сумата (!) што секако го треба да го светне алармот на повисоки нивоа. Нема двојба дека новинарката храбро, но без коментирање, ја поставува на тацна заспаноста на одговорните.

Извори на информации: Сосема е сигурно дека првичната информација на редакцијата ѝ дала предност, бидејќи, другите медиуми како да се пишманеле на стартот во трката по атракции. Згора, се работи за викенд кога и нашите новинари имаат олабавен професионален тонус. Но, рака на срце, новинарката дошла на двете места на грабежот и во разговор со оние кои ги нашла таму самата добила првична слика, а потоа и ги побарала другите можни сведоци во околината, па потоа и ја креирала приказната со помош на нам непознати стручњаци за работа на банкоматите.

Содржајност: Иако методот е доста школски, кога говориме за новинарска реконструкција на криминална истрага, таа токму затоа е доста уверлива и наративно успешна. Експертите практично ја наведуваат новинарката да нѐ убеди со причина дека оној (веројатно оние) кои ограбувале знале сѐ – кога ќе има доволно пари, умееле да работат со шифрарници и да не вреват многу, да ги извлекуваат вреќите со пари со добро познавање на полнењето на овие апарати …

Пристрасност: Веста нема пристрасност кон никого и ништо – таа се обидува да ги заштити нашите пари, да укаже на бројни пропусти и чудни „заспаности“ на оние кои примаат плата во обезбедувањето на имотот на банките, но во случајот и на Општината Илинден, заеднички објект со банкоматот (всушност на истото место имало повеќе банкомати, заради чувство на безбедност на банките), а е сместен и вториот ограбен банкомат, каде некој или некои како да фрлаат чадни бомби и неколку дена после грабежот во обид веројатно да се отплетка колективната вина за криминалот.

Оригиналност/Плагијат: За оваа тема ова е веројатно и единствен текст со таква опширност за овие грабежи.

Квалитет на насловот: Како и во содржината, каде пристапот е како што се спомена – школски и насловот е педантно дескриптивен и во една проширена реченица ја објаснува содржината. Некогаш се тоа неправедно потценети наслови! Оној кој работи на наслвите добро знае дека тие умеат да бидат многу тешки.

Фотографија: Илустративна фотографија од еден од ограбените банкомати. На фотографијата како да недостасува само закаченото „упатство“ за ограбување.

Заклучок: Криминалот со парите во банките, штедилниците и поштите е еден од оние што ја оддаваат големата „дупка“ во јавната безбедност во земјата и кои во јавноста оставаат впечаток дека тука како да има некој вид на „злосторничко здружување“ и на повисоко ниво од извршителите. Ова е еден текст кој секако ќе нѐ наведе на тој траг и затоа треба да се одбележи како високо надстандарден.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција