Рецензија: „Виз ер“: За 1500 денари од Скопје до Париз, Брисел и Франкфурт

„Виз ер“  За 1500 денари од Скопје до Париз  Брисел и Франкфурт   FAKTOR-crop-resize

Доколку било платено рекламирање, тогаш негативните ефекти од маркетиншкиот трик ќе му се припишеа на огласувачот, а не на медиумот. Но, овде ни се нуди информативна содржина, каде што се цитирани изјави од премиер, а во насловот е потенцирано дека податокот е соопштен од авиокомпанијата која ги најавила новите летови и цените. Меѓутоа, со мала и едноставна проверка во системот на цени се доаѓа до податок дека на најавените летови ни оддалеку не може да се добие цена од 1.500 денари, нагласена во самиот наслов. Автотрот и медиумот, во ситуација кога тврдат дека цените на авиобилетите ќе бидат 1.500 денари, а во изјавата цитираниот политичар вели: „по цени почнувајќи од 1500 денари“, требало да понудат минимум дополнителни информации за да го информираат читателот до кој износ може да достигне цената. Нашето истражување покажа дека најевтиниот авио билет што може да се добие на релацијата Скопје – Париз на 4 април, на првиот лет, е најмалку 181 евро. Или речиси три пати поскапо од цената која се нагласува во насловот. Покрај улогата да ги пренесуваат информациите, новинарите имаат обврска и да ги проверуваат, што не е случај во конкретниов пример. Информацијата е примамлива, засега поголем број на граѓани, но таа не ги информира, туку ги манипулира. Едноставно, колку и да станува збор за ефтини летови, невозможно е да се лета за 1500 денари до Париз или Франкфурт. 

„Виз ер“  За 1500 денари од Скопје до Париз  Брисел и Франкфурт   FAKTORЛинк до оригиналниот напис: „Виз ер“: За 1500 денари од Скопје до Париз, Брисел и Франкфурт

Датум и време на објавување: 24.11.2013

Датум на рецензирање: 30.11.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Информацијата е делумно вистинита. Во првиот дел каде што се најавуваат нови летови, но не и во другиот дел кој се однесува на цените на картите. На читателот не му се нудат другите неопходни информации: за багажот што може да го носи или на кој аеродром слетува компанијата, од што зависи цената на билетот, итн., па оттаму се стекнува впечаток дека намерно се прикриваат одредени информации или се немало желба да се „буричка“ понатаму, од недоволно јасни причини. Медиумите не се само трансмитери на информации, тие треба да се сигурни дека тоа што го пренесуваат е вистинито и треба да го стават на тест за вистинитост и проверливост.

Извори на информации: Посочена е самата компанија и премиерот, користени се официјални извори, но изостанува обидот тие да се проверат. Затоа, на читателот, консумент на информацијата му останува само да погодува дали медиумите намерно или од незнаење наседнале на маркетиншки трик и на тој начин, на поголема целна група ѝ пласирале делумно вистинита информација.

Содржајност: Текстот е содржаен во промотивните цели и најавите за нови летови, но изостанува минимум истражување за тоа каде слетува компанијата, колку чини трансфер до аеродром, дали се плаќаат дополнителни такси, за да може да ѝ се верува и да биде цитирана како референца понатаму.

Пристрасност: Се забележува пристрасност во текстот, која може да се “прочита“ како комерцијална наклонетост и поддршка. Кога не би било така, требало да се направат соодветни проверки во системот за резервација на карти или преку прашања до тој што го тврди ова, да се извлечат информации дали и што покрива оваа цена на билетот за да не биде доведен читателот во заблуда.

Оригиналност/Плагијат: Пренесен дневен настан, без потпишан автор или поголема новинарска креација.

Квалитет на насловот: Насловот е целосно проблематичен и ги доведува во заблуда читателите, независно што во него стои дека тоа е информација што ја соопштила компанијата. Такво тврдење, без ниту една новинарска ограда, го става на испит комплетниот производ, чија содржина не соодветствува со понудата на компанијата и тоа на првата проверка што ја направивме, обидувајќи се да резервираме авионска карта за првиот лет од Скопје кон Париз на 4 април 2014 година.

Фотографија: Фотографијата е наменета за илустрација на текстот, наменски одбрана, дури и пренагласена, па текстот личи на рекламен леток.

Заклучок: Овој вид на информации мора внимателно да се пренесуваат и да се проверуваат, бидејќи се претавени како вести/информации, чија цел е да го информираат читателот. Никаде  не е споменато дека станува збор за комерцијален оглас, за платено претставување, за да се префрли евентуалната вина врз самиот огласувач. Независно што изворот на информацијата е самата компанија, на пример, како што стои во насловот, или изјавата на премиерот кој вели дека ќе се лета по цени почнувајќи од 1.500 денари (за финеса поразлично од тврдењето во насловот), нема оправдување за некритичкиот однос кој требало да биде насочен кон проверка на информацијата. Нашиот обид да резервираме авионска карта за првиот лет за Париз од аеродромот во Скопје, достапен на 4 април 2014 година, заврши вака: добивме најниска цена од 3.690 денари во еден правец, или повратна авионска карта и еден чекиран куфер од средна големина  за вкупна цена од 181 евро. Секако, ќе се согласите дека оваа цена е далеку од промовираната. Независно дали ја гледате како сума за еден правец (околу 93 евра) или во двата правци (181 евро).

Патниците и читателите кога веќе во насловот им се нуди информација за цена од 1.500 денари за лет до Париз, Брисел и Дизелдорф мора да бидат информирани и дека компанијата, која најавува ефтини летови, слетува на аеродромот Beauvais што се наоѓа на 79 километри од Париз. Такси превоз од аеродромот до градот во два правци чини 115 евра. Сите овие податоци мора да му бидат достапни на читателот, а новинарот требало да направи напор да обезбеди и дополнителни информации корисни за патниците, од типот до колку килограми багаж смеат да носат, со доплата или без, дали се плаќаат дополнителни аеродромски такси и колку изнесуваат тие за аеродромите во Скопје и во европските метрополи. Со пласирање на информации на ваков начин, без критички пристап со проверка на фактите, медиумите стануваат соучесници во маркетиншките трикови кои ги смислуваат разни компании што сакаат да испратат порака до поширок круг на заинтересирани. Граѓаните ќе сфатат дека наседнале на трикот на комапниите и медиумите кога ќе го имаат првиот контакт со производот или услугата што им била понудена на ваков начин.

Ваквите текстови можат да се стават и во делот на скриени реклами, појава што се санкционира во повеќе европски земји. Потрошувачот, при претставување на одредени услуги или производи, мора да има претстава за вкупните трошоци, а не само на делумните кои парцијално ги нуди само превозникот во случајов. Народната поговорка: „во Солуна грош сомуна, а до Солуна сто сомуна“ е иделана за илустрација на оваа сторија: Во Солун некогаш лебот бил еден грош, но додека да стигне човек до евтиниот леб, требало да изеде 100 леба. Така и овде, авионските билети може и да се ефтини, но колку треба да се плати за да се дојде до евтиниот авион?

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција