Рецензија: Пандев сврте грб кога е најтешко, големите спортисти не го прават тоа

pandevkurir-crop-resize

Пред нас се наоѓа текст од кој професионалните стандарди на новинарството се превртуваат во гроб. Ова би можело да се избегне, доколку под текстот се потпише автор, а истиот се смести во графата „колумни“ или „ставови“. Бидејќи тоа не е направено, експлицитно е дека основната функција на овој текст, во формата во која е создаден е да информира, а не да го соопшти ставот на авторот. Но, доколку го гледаме овој текст како информативен жанр (како што е претставен) ќе ги забележиме основните проблеми: не е контактиран Пандев, има низа непроверени факти („бидејќи наводно бил разочаран што публиката во Скопје го исвиркувала“, „Македонската јавност е согласна, повлекувањето на Горан Пандев од репрезентацијата во моменти кога селекцијата е во многу тешка ситуација по последното место во квалификацискиот циклус е некоректно, бидејќи “капетаните“ обично последни го напуштат бродот кој тоне“), обвинувања (Пандев како едвај да чекаше Македонија да има еден ваков катастрофален циклус), морализирање (Пандев има лично право да ја напушти репрезентацијата, но поради капитенската лента што ја носеше имаше и должност јавно да излезе и каже што не чини во репрезентацијата) итн. Основната функција на текстот е да го осуди заминувањето на Пандев од националниот тим и да го смести во групата „предавници“, а како основен „доказ“ за тоа се зема само фактот што тој заминал од тимот.

pandevkurirЛинк до оригиналниот напис:  Пандев сврте грб кога е најтешко, големите спортисти не го прават тоа

Датум и време на објавување: 23.11.2013, 17:10

Датум на рецензирање: 1.12.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Многубројни се обвинувањата, навредите, генерализациите и осудите. Во таква ситуација, не е можно да се докаже вистинитоста на тврдењата, ниту, пак, авторот се потрудил да изнесе факти кои се докажливи.  За сметка на тоа, навидум вистинити тврдења, како, на пример, „капетанот последен го напушта бродот кој тоне“, „големите херои не го прават тоа“ – се носечки столб за да се докаже „предавството“ на Пандев. Авторот си дозволува да зборува од име на „јавноста“ што е врв на манипулација и спин. Мислењето на јавноста не може да се дефинира преку паушални и произволни лични перцепции на авторот, како што е направен обид во случајот. Новинарските написи се темелат на факти кои се докажливи и проверени. Работа на новинарот е да ги провери фактите. Тренд во новинарството во Европа е да се оддели веста од коментарот. Тоа во случајов не е запазено и целиот текст е синтеза на коментар каде личните ставови на авторот се презентираат како факти. На пример:

„Факт е дека Горан Пандев со ова негово повлекување и сврте грб на Македонија“.

Авторот во целиот текст се обидува да биде „совеста“ и „внатрешниот глас“ на Пандев, што е непрофесионално и несериозно. На пример:

„Пандев како алиби го користи „заморот од континуираните натпревари“, но тој е далеку од тоа да биде фудбалски престар за да не може да одговори на предизвиците“

Понатаму, причинско-последичните релации кои се влечат од информациите, се исклучиво оценка на авторот и може да се толкуваат како навредливи и малициозни.

„Второто алиби во кое тој вели дека сакал да им направи место на помладите е навистина смешно да се коментира ако се види каква е ситуацијата со националниот тим“

Извори на информации: Авторот е извор на информациите. Се наведуваат изјави на Пандев, меѓутоа тие се постари и не се дадени за потребите на текстот кој го рецензираме.

Содржајност: Освен осуда, текстот не содржи ништо ново. Во него не може да се согледаат спротивставени ставови, аргументирани оценки, ниту, пак, изјави од инволвираните. Тоа е една од најголемите забелешки, што всушност авторот не го контактира оној за кого пишува, а го претставува како предавник.

Пристрасност: Од првата до последната буква во написот пристрасноста е очигледна. Избраните средства симплифицирано може да се претстават во следната шема: aвторот се претставува како „народот“ и тргнува во поход против Пандев. Текстот изобилува со коментари, осуда и тврдења, чија веродостојност и релевантност сe на стаклени нозе. Текстот содржи дискредитации на личноста.

Коментирање: Текстот суштински е коментар, но формално не е, зашто авторот не ја презел одговорноста за изнесеното и не го потпишал текстот. Во секоја реченица може да се пронајдат коментаторски елементи.

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за изворно создаден текст.

Квалитет на насловот: Насловот е навредлив, коментаторски, неиздржан и паушален. Тој не покажува тенденција да се докаже дека соодветствува со фактите, исто како и текстот поради тоа што ниту во текстот, ниту во насловот нема факти, туку лични перцепции на авторот кој е анонимен.

Фотографија: Текстот е придружуван од фотографија, која остава впечаток дека е нетенденциозна и коректна.

Заклучок: Станува збор за текст насочен кон дискредитација на личност поради нејзина постапка. Воопшто не е направен обид да се анализираат фактите кои довеле до тоа Пандев да се повлече од националниот тим, туку текстот е напишан како „казнено четиво“ за оваа негова одлука. Се користат елементи на подбив, потсмев, погазени се професионалните стандарди и не е консултиран Пандев за изјава. Авторот се крие зад параванот „јавноста е согласна“ со што манипулира.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција