Рецензија: Дончев: Бугарите ме задржаа како сведок

FireShot-Screen-Capture-198-Дончев_-Бугарите-ме-задржаа-како-сведок2-crop-resize

„Градоначалниците на Кочани и на Виница, кои завчеравечер беа задржани на граница во Бугарија поради, како што информираа од тамошната полиција, недозволено пренесување куршуми, тврдат дека не биле приведени туку биле само сведоци…Вештачки е создадена фама за недозволено пренесување муниција, бидејќи инцидентот не соодветствува со реалната ситуација. Имено, при рутинска контрола на возилото со кое патувавме кон Македонија, бугарската полиција ја забележа муницијата што се наоѓаше во касетата на истото возило. Таа е сопственост на бугарски државјанин, наш пријател со кого поминавме неколку часа. Мора тој да ги заборавил во касетата бидејќи куршумите не беа скриени – велат двајцата градоначалници“.

Една од пожешките афери во земјава – приведување на двајца градоначалници во полициска станица во Благоевград заради обид да се мине на граница со ловечка муниција, по куса, збунувачка пауза, во дел од медиумите тргна во една „еманципаторска фаза“, значи кон оправдување на приведените. Со овој текст не се влегува во таа приказна, ама не се успева ниту до крај да се истрае во истражувањето на случајот. Па, во крајна точка текстот дава истиот ефект како и оние кои едноставно се држеа додека да се  подготват изјави на приведените.

 

 'Дончев_ Бугарите ме задржаа како сведок

Линк до оригиналниот напис: Дончев: Бугарите ме задржаа како сведок

Датум и време на објавување:05.12.2013

Датум на рецензирање: 07.12.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Новинарката се обидела да добие сознанија од повеќе извори, многу повеќе од сите свои колеги. Во основа, извештаите за овој случај прво се добија од бугарската агенција „Фокус“ 

Таа вест е доволна за да ги задоволи првите интереси и да ја отвори темата. Напишана е непристрасно, ама ја пренесоа медиумите кои главно се оценети како независни. Откако напладне следниот ден приведените ја конструирале својата приказна (верзија), таа веднаш доби свој простор на порталите на т.н. провладини  медиуми. За жал, не се доби вистинската слика за настанот заради тоа што медиумите некако се повторуваа или одеа кај истите извори.

Извори на информации: Индикативно е дека само овде има изјава од окружната обвинителка Стоилова во Благоевград, која прецизира некои правни позиции (лицата се приведени, сослушувани, муницијата е испитувана, нема конечен став за тоа дали и против кого ќе се покрене обвинителен акт) и тоа е значаен чекор напред во однос на она што по малку „папагалски“ го правеа нејзините колеги од другите медиуми.

Обидот на новинарката да извлече некои изјави од вработените во општините на двајцата градоначалници  (Виница и Кочани) е непотребно губење на време – ниту тие знаат повеќе од другите граѓани, ниту, пак, кога би знаеле би смееле нешто да кажат.

Ги нема оние извори на наша страна кои би дале вистинско светло на настанот (стручњаци за промет со куршуми, ловџии, цариници)…

Содржајност: За да се добие содржајност, секако, освен пропуштените извори, пред сѐ, неопходно е да се провери приказната на двајцата градоначалници, а тоа е дали навистина муницијата, без да сака, им ја подметнал некој бугарски државјанин, нивен пријател, додека пиеле кафе во некое благоевградско кафуле. Имено, зошто ја оставил во  нивниот автомобил, како тие не ја забележале додека се возеле кон границата (до неа има 40-тина километри, но е неопходен речиси еден час возење заради теренот), ако таа стоела напред, пред совозачкото седиште, дали муницијата е работа што така се заборава, како запалка или некој сличен предмет…

Суштината на сѐ е како тоа сѐ уште да не го знаеме името на пријателот, ако тој постои, бидејќи, тогаш сѐ би било јасно „од прва“, односно ако таа приказна е таква таа би била лесно проверлива, изјавите се даваат за час и  градоначалниците не би минале толку часови во полициска станица (од седум вечерта до следниот ден на пладне).

Пристрасност: Доколку не се направи обид да се најде одговор за суштинските прашања, тогаш меѓу читателот и вистината останува верзијата која ни ја предочуваат градоначалниците, а тоа е дека тие се „наместени од небрежност на трето лице“. Оттаму, текстот како повеќе да служи за одбрана на потенцијално обвинетите, отколку за наоѓање на верзијата во која нема да се сомневаме.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е оригинален и потпишан.

Квалитет на насловот: Насловот ни го дава само еден од приведените градоначалници во благоевградската полиција (Дончев), до чија изјава во мигот на пишувањето на текстот веројатно авторката дошла. Таа „сегрегација“ во насловот не е добра и не ја одразува суштината на настанот, бидејќи се добива впечаток дека е приведен само еден од градончалниците во автомобилот. Таква нејасност во уредувањето на прилогот е недозволива.   

Фотографија: Овој збунувачки наслов уште повеќе е потенциран од фотографијата, единствена во веста, која сега ги дава двајцата градоначалници, а тука е и поднасловот кој не е „синхронизиран“ со насловот.

Заклучок: Оваа мешаница со ловечката сторија на градоначалниците на Виница и Кочани многу бргу се симна од странците на весниците и остана без завршница. Генерално тоа е минус за сите македонски медиуми кои на било кој начин се допреа до темата, па се добива впечаток дека се немало ентузијазам или – кај уредниците на некои од нив – проработел инстинктот дека кај ловечките приказни не треба „да се чепка мечката“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција