Рецензија: „БИ-БИ-СИ“ признава: Ја бомбардиравме Србија со осиромашен ураниум – од рак ќе умрат уште 10.000 луѓе

Oд рак ќе умрат уште 10.000 луѓе   Република Online-crop-resize

Многу работи во овој текст некако не „штимаат“ – од актуелноста која не е до крај јасна, бидејќи неразбирливо се испреплетуваат сегашноста и минатото, до изворите кои се користат бидејќи и во тој сегмент има серизони непрецизности, па се до насловот кој е до таа мерка невистинит што дури е и смешен. Дека човек учи додека е жив, потврдува насловот, според кој сериозна медиумска куќа, јавен сервис, признава дека ја бомбардирала Србија со осиромашен ураниум. Работава е: да умрев немаше да знам дека светски познатиот BBC има ракети, бомби, војска. Значи BBC напаѓала во 1999-тата, а не Велика Британија?! Барем така произлегува ако се чита насловот. Добро е да има нешто што ќе ја продаде веста, што ќе го скокотне интересот на публиката да го отвори четивото, но тоа треба да биде со осет. Во конкретниот случај мерката „дебело“ е надмината.

Oд рак ќе умрат уште 10.000 луѓе   Република OnlineЛинк до оригиналниот напис: „БИ-БИ-СИ“ признава: Ја бомбардиравме Србија со осиромашен ураниум – од рак ќе умрат уште 10.000 луѓе   

Датум и време на објавување:  16.12.2013  16:25

Датум на рецензирање:  17.12.2013

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Темата која се обработува е добро позната „јавна тајна“ – употребата на осиромашен ураниум во бомбите кои НАТО – авионите ги фрлаа врз некогашна СР Југославија на крајот на 90-тите години и ефектот врз населението. Во овој случај не е проблематична вистинитоста, туку начинот на кој е пренесена во написот и употребената фактографија. Нема јасна граница меѓу тоа што е актуелен факт и новост и она што се случувало во екот на бомбардирањето. Се скока од:

Во еден од пет напади американски воени авиони користеле осиромашен ураниум, а половина од 500.000 напади во кои тој бил употребуван биле бомби, покажува статистиката на Пентагон“

без притоа да се прецизира дали податокот се однесува конкретно на СР Југославија или воопшто, па веднаш потоа да се премине на:

„Во мај 1999 година ОН го сокриле целосно од јавноста шокантниот извештај на шефот на првата мисија на УНЕП (Програма на ОН за човекова околина) Сенегалецот Бакари Канти за еколошките последици од бомбрадирањето на СР Југославија“.

Премногу скокови и временски и содржински на многу мал простор, без јасна меѓусебна одвоеност со што донекаде се нарушува кредибилноста на текстот. Значи, вистинитоста и покрај наведените веродостојни извори на кои се повикува, може да трпи поради лошата структуираност и хаосот во редоследот.

Извори на информации: Во оваа категорија нема забележливи сериозни недостатоци. Се нотираат неколку извори: Пентагон, ОН, еминентен британски биолог, итн. И тука како и кај вистинтитоста чудното чувство кое останува да лебди во воздух по читањето на текстот е, пред сѐ, поради „новинарската папазјанија“.

Содржајност: Ја има, но лошо е поставена, би рекле нафрлана и расфрлана. Одредени граматички недоследности и употребени србизми: „Спрема моите“ или пак „плуќа“ како да навестуваат дека можеби бил користен интернет превод, што доколку е така оставило трага на целокупниот тек на текстот, чии сегменти на моменти како да се пресечени со нож и е скокнато на нови пасуси.

Оригиналност/Плагијат: Нема наведено авторство, но и без тоа доминира впечатокот дека станува збор за преземен текст или за материјал добиен од низа други четива кои се споени во еден „мегамикс“.

Квалитет на насловот: Овде е најголемиот проблем. Некој си дозволил меѓу една држава и медиум да стави знак на равенство, бидејќи според насловот за воената акција и последиците во регионот одговорност презема BBC, а не Велика Британија. Неодговорно и недозволиво. Ако барем малку се имало елементарно познавање на работите, за специфичната поставеност на BBC и нејзината независност во однос на државата, иако е финансирана од граѓаните на Британија, за нејзиното значење како светски сервис и стандарди кои ги има воведено и кои строго ги почитува, тогаш не би се напишало такво нешто. Едно е да се нотира дека BBC ја истражувал оваа тематика, а друго да се каже дека:

„БИ-БИ-СИ“ признава: Ја бомбардиравме Србија со осиромашен ураниум – од рак ќе умрат уште 10.000 луѓе“

Да бидеме доследни, нејасно е и од каде е изваден ваков наслов зашто такво нешто никаде не се споменува, ниту навестува во текстот.

Фотографија: Застапена е една фотографија, многу моќна, која прикажува како гори зграда во центарот на Белград погодена од сојузничките бомби. Соодветно за темата за која се зборува во текстот.

Заклучок: Некој се нафатил да сработи многу сериозна задача, но тоа не го направил многу добро. Тежината на неуспехот е уште поголема ако се има предвид значењето на темата – осиромашен ураниум, неговото влијание врз здравјето на луѓето, нагорниот тренд на заболувања од рак во регионот итн. Лошо искористени информации, кои биле на „тацна“ понудени, како и недоволната претходна подготовка и сето тоа со хаотичното редење на информациите придонеле за текстот да изгуби на квалитет. Но, сето тоа како да паѓа во втор план поради невидениот пропуст со насловот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција