Рецензија: Се бараат 29 службеници во Министерството за образование – плата 34.000 денари

Се бараат 29 службеници во образование плата 34000 ден Press24-crop-resize

Во дел од членот 6 од Кодексот на новинарите се вели:

„Треба да постои разграничување меѓу рекламирањето и новинарскиот текст со илустрацијата“.

Како ќе се направи разлика меѓу маркетингот и новинарството, ако не се одвојат рекламите од медиумските содржини? Медиумот вербатим пренесува оглас од Министерството за образование без да ја издвои оваа содржина во посебен оддел за рекламирање. Не е наведено дали за ова се добиени пари од огласувачот (како што е обичај кај печатените медиуми) или, пак, медиумот решава да вклучи оглас како дел од уредувачката политика за да ги информира невработените читатели.

Исто така, стои забелешката дека редакцијата не се држи на професионална дистанца од содржината на текстот, бидејќи го пренесува и повикот „Аплицирај!“.

Написот е сосема ослободен од новинарска работа и критичност. Огласот е поставен на простор што наменет за редкациски содржини.

Се бараат 29 службеници во образование плата 34000 ден Press24Линк до оригиналниот напис: Се бараат 29 службеници во Министерството за образование – плата 34.000 денари

Датум и време на објавување: 10.12.2013, 23:20

Датум на рецензирање: 18.12.2013

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Содржината на огласот за вработување од државната институција е објавен дословно и без никакви интервенции. Вистинитоста на фактите е неспорна. Но, дилемата која се наметнува е дали намерата на оваа содржина е да биде огласна реклама, или, пак, е вест која цели да ги информира читателите за можностите за вработување.

Извори на информации: Како извор на информаци е користен официјален извор, односно Министерството за образование. Тенка е границата што може да се помине меѓу професионалноста и поддршката на институцијата.

Содржајност: Текстот содржи многу детален опис на отворените позиции, примањата, начинот на аплицирање, итн. Тој е темелен, бидејќи читателот од него може да ги добие сите потребни информации доколку сака да аплицира за работното место.

Пристрасност: Медиумот свесно или не, пристрасно поттикнува граѓаните да аплицираат за работното место со јазик кој е мотивирачки и маркетиншки. На пример, самата формулација „аплицирајте“, покажува пристрасност и отворена поддршка на медиумот кон организацијата за која пишува.

Коментирање: Повторно не може коментарите да му ги припишеме на новинарот, но може да ги припишеме на непостоењето професионална дистанца меѓу она што значи новинарство и она што значи огласување.

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за целосно пренесување на оглас од институција. Значи, не би можело да се каже дека има плагијат на новинарски напис, туку целосно пренесување на оглас за вработување. Новинарот не се потрудил да состави вест, туку ја искористил полесната варијанта на целосно копи-пејстирање.

Квалитет на насловот: Насловот е афирмативен, информативен и со „огласувачки“ јазик. Од него може да се сфати дека платата за сите позиции е 34.000 денари што не е точно.

Фотографија: Преку фотографијата е направен успешен обид да се асоцира на институцијата во која се отворени работни позиции.

Заклучок: Рубриката „Бизнис“ не е огласна табла на институциите, дури и тогаш кога ќе платат за рекламирање. Пожелно е медиумот да обезбеди професионална дистанца и да не се впушта во поддржување и агитирање за вработување во институција чија организациска и кадровска структура може во иднина да биде тема на неговото новинарско истражување ако јавниот интерес го налага тоа. Иако пренесената информација е точна, прашање е дали во неа е искористено новинарството или, пак, станува збор за прикриен маркетинг. Очигледно е дека оваа информација е објавена во рубриката „Бизнис,“ а не во издвоен посебен простор за рекламирање, во облик на банер. Кодексот на новинари изрично препорачува одделување на маркетингот од новинарството.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција