Рецензија: Хрватска преплашена: жена стопира возачи пред тунел, влегува во нивниот автомобил, а потоа мистериозно исчезнува!

влегува во нивниот автомобил  а потоа мистериозно исчезнува-crop-resize

Текстот обработува тема за наводна мистерија во Хрватска, каде постојат приказни дека непозната убава девојка, која најверојатно била дух (!), автостопирала на Јадранската магистрала и на возачите, кои ќе ја качеле во колата, им ја претскажувала иднината, а потоа мистериозно исчезнувала од возилата! Иако е објавен уште пред повеќе од еден месец, овој текст сѐ уште се чита и споделува на социјалните мрежи. Претставува типичен пример на написи со кои во последно време се полнат рубриките ЗАНИМЛИВОСТИ, БИЗАРНИ ВЕСТИ, ПАРАНОРМАЛНО по домашните портали, иако е поместен во рубриката ЖИВОТ, која, вообичаено би требало да донесува посериозни и поиздржани теми. Според начинот на кој  ја обработува, поточно – ја преработува темата од хрватски медиуми – без критичка дистанца, без наведени извори, без ограда, со бомбастичен наслов и со многу ефтин сензационализам, написот е и пример за непрофесионален пристап и промоција на кич и невкус кај својата читателска публика.

влегува во нивниот автомобил  а потоа мистериозно исчезнуваЛинк до оригиналниот напис: Хрватска преплашена: жена стопира возачи пред тунел, влегува во нивниот автомобил, а потоа исчезнува!

Датум и време на објавување: 3.11.2013, 11:05

Датум на рецензирање: 20.12.2013

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Пишувајќи за наводната автостоперка-дух, авторот се повикува на изјави на сведоци, како и на информации од хрватската полиција, како да ги добил директно од нив, но всушност само непрофесионално го цитира она што хрватските медиуми го истражиле во врска со темата.

Содржајност: Во текстот се користени фрагменти од приказната за „црната убавица од Учка“, автостоперката која исчезнува, од хрватски медиуми, но тоа не е наведено.

Оригиналност/Плагијат: Некоректно се пренесени делови од темата за автостоперката-дух, кој ја објави хрватскиот портал 24sata.hr , а потоа ја пренесоа и други медиуми во Босна и во Србија, без да биде наведен изворот, па поради тоа постојат елементи на плагијат. Како автор е наведено само лично име: „Напишано од Сандра“, што  не е ниту приближно професионално наведување на авторот, но, што е уште поважно, потпишаната личност е автор на „преработката“ на туѓ текст.

Квалитет на насловот: Насловот содржи лажно и пресилно тврдење – дека цела Хрватска била преплашена од духот на жената во црно кај тунелот на Учка. Освен тоа, непотребно е долг.

Заклучок: Уште еден во низата текстови наменети исклучиво за забава на читателите, во кој ефтиниот сензационализам е единствената содржина на објавениот материјал. Згора на тоа, не е почитуван новинарскиот стандард – во пренесените, па дури и преработените теми од други медиуми, изворот да биде исправно наведен.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција