Рецензија: Една година од црниот 24 декември

Една-година-од-црниот-24-де-crop-resize

Има многу новинарски текстови кои не заслужуваат внимание. Од најразлични причини. Но, оние што се служат со невистини, сериозни невистини, не смеат да се премолчат. Зашто, каков и да е, секој новинарски текст остава трага. Интернетот и новите дигитални технологии ги направија широко достапни и со можност да останат архивирани. Ако не се проговори за нив, ако не се укаже на невистините што ги шират, ја делиме одговорноста дека некој, некогаш, може да се повика на нив. Но, за секој случај. Не треба да се премолчи.

Една-година-од-црниот-24-деЛинк до оригиналниот напис: Една година од црниот 24 декември

Датум и време на објавување: 24.12.2013, 10:03

Датум на рецензирање: 24.12.2013  

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Со оглед на тоа што се работи за само една реченица од новинарска информација, ќе ја пренсеме тука за да биде попрегледно за што станува збор:

„Пред точно една година поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски, заедно со толпа нарок (sic), во која се најдоа и сегашниот лидер Зоран Заев се обидоа да влезат во Македонскиот парламент.“

Се разбира дека оваа новинарска информација целосно не одговара на настаните од 24 декември. Се осмелуваме да кажеме дека со една ваква информација авторот го доведува во прашање здравиот разум на целата македонска јавност. Дури и ова докажување на нешто што беше и е толку очевидно, изгледа апсурдно.

Но, ајде да потсетиме. Прво, еве еден линк што објавија медиумите на 24,25 и 26 декември 2012 година. Еве само некои од насловите: „Претседателот на Собранието флагрантно ја суспендира демократијата, законите и процедурите “, „ЗНМ поднесе преставки до МВР, Вељановски се правда дека не издал наредби на обезбедувањето“, „Насилно исфрлање на пратениците на опозицијата“, „И Си-Ен-Ен извести за насилствата во Собранието.“

Да потсетиме и дека владејачката и најголемата опозициска партија, под притисок на меѓународната јавност, формираа ad hoc комисија да утврди што се случи на 24 декември. Еве го делот на Извештај на комисијата за испитување на настаните во Собранието на Република Македонија од  24.12.2012 година во кој претставниците на двете партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ) и експертите утрврдија и потпишаа во главата 5 (Правни кфалификации) во точките 5. и 6. дека во Собранието тој ден е прекршен Уставот на Република Македонија:

„5. Отсуството од соодветни насоки за справување со ваков тип на ситуации, вклучително и отсуството на стратегија за справување со медиумите во кризни ситуации резултираше со отстранувањето на новинарите од собраниската галерија, што ги прекрши загарантираните права за слобода на јавно информирање и јавност на работата на СРМ. Собранието со посебно внимание и отвореност треба да се однесува кон слободата за извесување на медиумите и да ги применува принципите од најдобрата европска практика во овој сегмент.

6. Ескалацијата на настаните и ангажманот и интервенцијата на полицијата која ги доведе во прашање уставните одредби за поделба на власта, ги оневозможи пратениците во остварување на нивната функција (да ги претставуваат граѓаните и да одлучуваат по свое уверување).“

И, на крајот, еве како Европската комисија го оцени тој настан во извештајот за напредокот на Република Македонија во евроинтеграциските процеси за 2013 година. На страница 7 се вели:

„Насилното отстранување на голем број опозициски пратеници и новинари од собраниската сала на 24 декември, за време на донесувањето на буџетот за 2013 година под контроверзни околности, предизвика политичка криза што разоткри големи поделби помеѓу политичките партии и влијаеше на функционирањето на Собранието.“

Извори на информации: Толку многу извори на информации, а ниту еден не е консултиран.

Содржајност: Не само што нема содржајност, туку има обид да создаде псевдо вистина. Невистината да се промовира во вистина.

Пристрасност: Дефинитивно, оваа вест од само една реченица е длабоко политички пристрасна, бидејќи апсолутно не одговара на вистината.

Оригиналност/Плагијат: Кога би се шегувале, би рекле – ептен оригинален новинарски текст.

Квалитет на насловот: Во насловот се крие итрина, лукавство. Тој е неутрален и со ништо не ја најавува журналистичката „бласфемија“ што се крие во „информацијата“.

Фотографија: Има.

Заклучок: Во една од рецензиите овде, на Сервисот за проверка на фактите од медиумите, напишавме дека се познати искуствата од медумската пракса кога одредени медиуми целосно и контунуирано, или во одреден период „застануваат“ зад политиките на одредена политичка партија или идеологија. Тоа е пракса на едно минато време, анахронизам, но, уште еднаш, не е непознато. Само треба таа определба јасно да се нотира во гласилото. За да се биде фер кон јавноста и да не се доведува во заблуда.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција