Рецензија: Ѓорчев со трето дете, Јанакиески и Георгиев со второ, на Тушева прво

Ѓорчев со трето дете  Јанакиески и Георгиев со второ  на Тушева прво-crop-resize

Редок пример на текст кој се ставил во функција да „остварува“ владина агенда, прикажувајќи ги резултатите на сите што „оствариле“ во 2013 година на полето на „бејби-бумот“ или се вклучиле во кампањата за трето дете.

Намерно или не, авторот и медиумот, броејќи ги успесите на владините функционери и јавни личности, уште во самиот наслов прави лоша споредба, дискриминирајќи ја на највулгрен начин пратеничката на опозицијата, која има само едно дете, наспроти три или две колку што имале нејзините колеги –мажи од власта! Ако медиумот одел по принципот од најмногу кон најмалку деца, очекувано било да ги потенцира и пратениците и министрите кои немаат сѐ уште „остварено“ ниту едно дете, па така да ја  оправда негативната конотација од насловот, но тоа го нема во текстот. Многу е чуден критериумот што го избрал медиумот, во „остварувања“, слоганот од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите да го стави и раѓањето деца и тоа да биде критериум за успех.

Набројувајќи ги успесите на министрите, пратениците, спортистите или јавните личности, а посебно и тие кои се „вклучиле во кампањата за трето дете“ (небаре ова е работна акција, па треба да се натпреваруваме кој колку дрва ќе засади), во текстот преовладуваат пораките од владините кампањи и рекламите, што го  прават класичен политички маркетинг, а не информативна содржина која како таква треба да му се продаде на читателот. Текстот, кој треба да претставува истражување за бројот на деца родени во 2013 година, се претворил во политички памфлет, кој изобилува со комични ситуации преку уфрлени разни епитети или скриени пораки. Па, така, од речиси 130 пара близнаци кои се родиле во 2013 „само Ребека била единствената позната Македонка“ што родила две деца? По кој критериум го направи медиумот изборот за познати и што се помалку важни останатите мајки кои родиле близнаци од потенцираната? Или, која е смислата да се наведуваат четирите деца и четирите жени на екс пливачот Александар Маленко, кој е претставен како „шампион“ затоа што имал четири деца од четири различни жени? Незанемарлив е и епитетот кој им се дава на децата на спортистите Мојсовски, дека се родиле „идните ракометарчиња“. Што ако децава се решат да се бават со друг спорт, различен од тој што го игра нивниот татко или се определат за друго хоби? Колку и да звучи стереотипно, но „зачините“ кои си дозволил да ги употреби медиумот, се изнасилени, непотребни, дури и вулгарни.

Едноставно, текст кој дискриминира и омаловажува, кој користи непотребни епитети до фаза на качување на пиедестал за личности по критериуми познати само ним и наметнување на чувство на презир и вина кон сите што не „оствариле“ барем едно, две или три деца! Да тргнеме од личен пример: дали авторот на оваа рецензија или авторот на текстот се помалку успешни само затоа што не „оствaриле“ и не се вклучиле во кампањата за многудетство и попатно во кампањата против абортусот која се сугерира низ текстот? Како се  чувствуваат пак, сите луѓе кои од здравствени или други причини не можат да имаат деца, ниту свои, ниту да посвојат, бидејќи не исполнуваат одредени услови.

Со вакви нападни текстови, во духот на остварените кампањи и реклами, може ли да замисли човек какви реакции разбудил медиумот кај оваа категорија на луѓе кои немаат деца и кои, логично, треба да се чувствуваат помалку вредни од другите. Никој не го оспорува правото на медиумот да пишува и да истражува на сите теми, но ваквиот начин, кој навлегува длабоко и во приватноста на семејствата и посебно на децата, мора да се напушти. Текстовите не смеат да содржат скриени реклами или политичко-пропагандистички пораки, а наведувањето на имињата никако не  смее да се употребува во негативен контекст, каков што може да се забележи од самиот наслов. Прашањето за бројот на децата е личен избор на брачните партнери и тоа не е обврска што ќе ја пропише државата, па како таква некој мора да ја почитува.

Ѓорчев со трето дете  Јанакиески и Георгиев со второ  на Тушева прво   Република OnlineЛинк до оригиналниот напис: Ѓорчев со трето дете, Јанакиески и Георгиев со второ, на Тушева прво

Датум и време на објавување:  09.01.2014

Датум на рецензирање: 13.10.2014

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Според наведените подаtоци, се стекнува впечаток дека tie се точни и вистинити.

Извори на информации: Kористени се официјални податоци на Државниот завод за статистика и изјави или статуси преземени од приватните профили на Фејсбук  мрежата, што ја отвора моралната дилема, дали ова се прашања кои се од јавен интерес и до која мера и дали за објавувањето на фотографии е побарана согласност од родителите.

Содржајност: Текстот содржи многу информации, дел од нив дури и пресодржајни, посебно тие кои можат да се третираат како лични или приватни информации.

Пристрасност: Апсолутна пристрасност во поглед на владините политики за многу деца, што се гледа и од самиот тон и наклонетоста кон оние со повеќе деца, наспроти тие со едно дете. Од насловот се добива впечаток дека и се префрла вина на пратеничката од опозицијата дека има само едно дете, а нејзините колеги имаат две или три деца!

Оригиналност/Плагијат: Оригинален како содржина, но не и како идеја, бидејќи идејата е преземена од владините кампањи.

Квалитет на насловот: Насловот е сексистички, омаловажувачки и непотребен како таков, бидејќи навредува и дискримира, посебно со потенцирањето дека првиот има три деца, а последната пратеничка едно.

Фотографија: Користени се фотографии од личности за кои се зборува во текстот и нивните малолетни деца, но никаде не е потенцирано дали била побарана согласност за објавување на фотографиите во јавност.

Заклучок: Медиумите не треба да го поттураат грбот пред владините идеи и да одработуваат агенди, нудејќи текст кој е класична пропаганда, во кој се наѕираат скриени пораки. Имањето на деца може да се обработи преку серија интервјуа и разговори на страниците на медиумите наменети за дружење и забава, каде што ќе се води сметка за личните одлуки на поединцот, на правото на негов избор, каде што нема да се дискриминираат другите граѓани, ниту, пак, ќе се повредуваат нивните чувства со тоа што ќе се најдат во кошот со оние кои не ја „оствариле“ партиската агенда, која во меѓувреме станала и агенда на Владата!

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција