Рецензија: СДСМ молчи за скандалите и се крие од одговори

1223-0099876-0908-crop-resize

Од почетокот до крајот на овој текст, евидентно е дека партискиот е ставен над јавниот интерес, што е неприфатлив и непрофесионален пристап. И во Кодексот на новинарите, во членот 13 стои дека:

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Сосема спротивно, изобилувајќи со голем број на субјективни констатации и коментари, овој текст е оскуден во поглед на фактите и подобро би се вклопил во категоријата „мислења“. Обидот да се градираат по скандалозност два одделни настани, остава сомнеж дека намерата е да се спинува поновата информација, а не да се информира јавноста. 

1223Линк до оригиналниот напис: СДСМ молчи за скандалите и се крие од одговори

Датум и време на објавување: 15.01.2014, 16:43

Датум на рецензирање: 20.01.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Новинарот присуствува на прес-конференција на која се изнесени податоци и документи за актуелен случај кој ја разбранува јавноста, но во текстот не се обелоденува што била темата на прес-конференцијата. Читателот не може воопшто да утврди за што станува збор, бидејќи не се споменува ни името на главниот актер заради чии постапки била свикана прес конференцијата. Во неколку наврати се изнесуваат сомнителни тврдења од аспект на нивната вистинитост. На пример:

Портпаролот на СДСМ очигледно ќе продолжи со молк за сето она за кое Заев се терети.

Авторот не објаснува за што Заев „се терети“ и во која судска постапка, доколку има сознанија за таква.

Извори на информации: Половина текст е коментар или пак претставува гнездо на неатрибуирани и недоволно уверливи факти. Портпаролот на СДСМ е единствениот јасно наведен извор.

Содржајност: Неспоменувањето ниту со една реченица на темата на прес-конференцијата, остава сомнеж дека авторот на овој текст тоа го прави смислено, со намера да го пренасочи вниманието на јавноста од темата на прес-конференцијата на друга тема. Ова остава простор за сомнеж во намерите со кои се прави, покрај тоа што го прави текстот несеопфатен.

Пристрасност: Начинот на кој е напишан текстот, користените реченични конструкции и фрази, оставаат сомнеж дека за политичка пристрасност и непрофесионално извршена задача, во смисла на севкупно информирање за она што било изнесено во текот на целата конференција. Доколку сепак, за темата на прес-конференцијата е напишан друг текст, во овој текст не се користи техничката можност и стандард за поврзување со линкови.

„Зоран Заев продолжува да шири невистини, а остануваат отворени и сомнежите за финансиски скандали во општина Струмица. Портпаролот на СДСМ очигледно ќе продолжи со молк за сето она за кое Заев се терети.“

Коментирање: Забележлива е тенденцијата на изнесување на лични ставови во текст, кој, според категоријата во која е сместен, треба да биде исклучително информативен, а не коментар. Професионалното новинарство и неговите стандарди прават разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Во случајот таква дистинкција не може да се препознае.

Шилегов во одбрана на својот шеф и денес премолчи за вртоглавите суми преку тендер доделени на речиси цело потесно семејство Заеви.

Уште еден голем скандал денес остана неискоментиран. Дневниот весник „Дневник“ излезе со пресметка дека фирмите на Заеви вредат 12 милиони евра иако тој досега спомнуваше суми од само 6 до 7 милиони евра.

Зоран Заев продолжува да шири невистини, а остануваат отворени и сомнежите за финансиски скандали во општина Струмица. Портпаролот на СДСМ очигледно ќе продолжи со молк за сето она за кое Заев се терети.

Оригиналност/Плагијат: Оригинален текст, создаден изворно.

Квалитет на насловот: Насловот е бомбастичен, а темата застарена. Стандардот двоен. Во функција на целиот текст и насловот се фокусира во поддршка на тема која е надвор од онаа на прес-конференцијата.

Фотографија: Фотографијата е поставена илустративно и е коректна.

Заклучок: Стандардот авторот да се огради од субјективни констатации и заклучоци е сосема погазен и неиспочитуван. Станува збор за текст во кој авторот се става на страната на политичка партија и ги прикрива информациите изнесени на прес-конференцијата. Тоа што прес-конференцијата е пренесена несевкупно остава сомнеж за намерите на текстот. Новинарството се базира на факти во информативните жанрови а на мислења во коментаторските.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција