Рецензија: Избегната тепачка меѓу раководството на СДСМ

Избегната тепачка меѓу раководството на СДСМ NetPress-crop-resize

Во основите на професионализмот во новинарството е начелото за проверка на информациите и консултација со сите инволвирани страни во приказната што новинарот ја работи. Минимумот што новинарот како обврска го има, за неговиот текст да биде професионален, е да се обиде да добие реакција, во случајот изјава од оние за кои тврди дека биле учесници во инцидент или вербална расправија. На таков начин, приказната би станала веродостојна, а читателот би добил впечаток дека новинарот се обидел да ја провери информацијата и да дојде до потврда за правилно да информира. Во текстот што го рецензираме воопшто не е евидентно дека новинарот направил обид да ги контактира оние за кои тврди дека биле инволвирани во расправија.

Избегната тепачка меѓу раководството на СДСМ NetPressЛинк до оригиналниот напис: Избегната тепачка меѓу раководството на СДСМ

Датум и време на објавување: 18.01.2014, 11:52

Датум на рецензирање: 24.01.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Големиот број непрецизни објаснувања оставаат простор за сомнеж во вистинитоста. На пример, фразата „се пеглале повеќе теми кои како недоразбирање постоеле подолг период во јадрото на партијата“ не кажува ништо во поглед на фактите, исто како и „на состанокот се разговарало за стратегијата според која СДСМ како опозиција треба да делува“.

Ако му се верува на медиумот дека бриферот е од СДСМ, тогаш не е јасно зошто тој извор не би ги прецизирал темите на кои се дискутирало, а за сметка на тоа би изнесувал „компромитирачки“ информации за наводна расправија. Новинарот може да го избегне овој сомнеж за постоењето на изворот ако побарал официјален став од партијата за инцидентот за кој пишува.

Ситуацијата колуминирала кога започнала вербална расправија помеѓу Јани Макрадули и пратеникот Марјанчо Николов, која според очевидците за малку ќе завршела со физичка пресметка која била избегната со асистенција на присутните на состанокот.

Бидејќи авторот ги споменува имињата на наводно инволвираните, логично би требало да ги праша за ситуацијата и за причината за расправијата. Тоа не е сторено.

Оттаму и на читателот останува да верува или не во напишаното. Дополнителен аргумент во неговиот суд ќе биде и тоа што не се открива темата за која авторот тврди дека имало несогласување.

Извори на информации: Изворот е анонимен и непрецизен, а новинарот не направил напор да ги праша оние за кои пишува дали настанот навистина се случил.

Содржајност: Содржински текстот е сиромашен и заради недоволната аргументација и недоволната релевантност на изворот. Од напишанотот не може да се утврди за што, наводно, се расправале Макрадули и Николов и како авторот знае дека „за малку ќе завршело со физичка пресметка“. Зошто читателот би требало да ѝ верува на оваа објавена информација?

Пристрасност: Авторот остава впечаток дека е политички пристрасен поради тоа што не ги консултира оние за кои тврди дека учествувале во инцидент. Без тоа, текстот може да се доживее и како „псевдо-настан“. Основниот впечаток што треба да се добие по читањето на текстот е дека раководството на СДСМ е насилно. Сепак, содржински, текстот не оди дотаму да тврди дека имало и физичка пресметка, поради што е неможно да се потврди информацијата од официјални извори како МВР на пример.

Коментирање: Новинарот се обидел да влезе во чувствата и душевните емоции на раководството на СДСМ, посочувајќи дека „меѓу некои членови на СДСМ подолг период се акумулирало меѓусебно незадоволство, гнев и омраза“. Конструкцијата „според информациите“ и „според очевидците“ се нестабилни и оставаат простор за сомнеж во вистинитоста:

Инаку според информациите, не е прв пат да има вакви агресивни и нервозни реакции на првенците на СДСМ и според очевидците подолг период се акумилирало меѓусебнмо незадоволство, гнев и омраза помеѓу некои членови од раководството на СДСМ.

Оригиналност/Плагијат: Станува збор за медиумски производ изворно создаден во редакцијата. Тоа може да се заклучи и од самиот текст каде авторот посочува дека анонимни извори го брифирале порталот на кој е објавен текстот.

Квалитет на насловот: Избегната тепачка меѓу раководството на СДСМ“. Насловот е привлечен и предизвикува љубопитство, но текстот не го оправдува поради неверодостојниот извор. Се користат силни зборови.

Заклучок: Текстот е оскуден со факти и нема конкретен извор, ниту контактирање на инволвираните страни, нема доволно податоци и детали. И насловот и текстот оставаат впечаток како да имаат за цел да се стават во функција да го претстават раководството на СДСМ како агресивно, но без аргументација и конкретен доказ за настан што верно ќе посведочи за тоа.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција