Рецензија: Бизнисменот новинар Героски ги оправдува парите на Милчин

23-0987-009988-crop-resize

Мисија „Новинарски отстрел“ – тоа е „филмот“, очигледно со низа однапред испланирани продолженија, кој се нуди на овој медиумски репертоар. Сцената е поставена, имаме двајца актери, камерите „снимаат“ и АКЦИЈА. Потоа сиот материјал убаво е измонтиран, а за јавна промоција, „несебично“ се ангажираат познатите медиуми. Содржината на овој „филм“ е позната, тематика вообичаена – „кодошко-предавничко-НВО-новинарска“ спрега. Првото прашање е дали на публиката веќе не ѝ се здодевни ваквите „независни“ продукции, а второто, според мене, многу поважното е каде се отидени стандардите и во новинарството и во сеприсутното „филмаџиство“. Читајќи го ова, одговорот како сам да се наметнува – „По ѓаволите“.

2Линк до оригиналниот напис: Бизнисменот новинар Героски ги оправдува парите на Милчин

Датум и време на објавување:  09.02.2014, 16:30

Датум на рецензирање:  10.02.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

Вистинитост: Многу е тешко, врз основа на (не)презентираните аргументи, да се докаже дека текстот има барем минимално ниво на вистинтитост. Се прави обид неодамнешната колумна на новинарот во која тој го спори легитимитетот на Комисијата за лустрација по 15-ти јануари, датумот кога на постојниот состав му истече петгодишниот мандат, да се поврзе со тоа дека станува збор за „нарачка“ на првиот човек на една фондација чија активност, за чудо, не е по мерак на власта. Со други зборови, „едниот намигнал, а другиот одреагирал“ и ете колумна-одбрана на шефот на НВО-то кого пред две години овие лустратори го лустрираа. Еве и да не навлегуваме, мислам новинарски, што, како и за кого одработи овој состав на лустрациска, туку само едноставно да ја читаме содржината на понудениот напис. Во него нема јасна поткрепа на изнесените тези:

„Оваа комисија, која со години спроведуваше инквизиција на политичките неистомисленици на власта, од 15 јануари е илегална и за законот непостоечка, пишува Героски.

Со ваквото дејствување, Героски се става во директна одбрана на првиот човек на Сорос Фондацијата во Македонија, Владимир Милчин, за кого Комисијата за лустрација утврди дека бил соработник на тајните служби“.

Ваквите исклучително тешки и проблематични констатации, а соодветно непоткрепени, не одат во прилог на категоријата – вистинитост.

Извори на информации: Вистинитоста во голем дел е начната поради отсуството на извори. Не може врз основа на една колумна, туку-така да се заклучува дека некој за некого одработува, особено што новинарот во „инкриминирачкиот“ текст нуди не само свое видување на процесот на лустрација, туку цитира и низа законски одредби кои се однесуваат на работата на комисијата. Освен делови од колумната, во овој напис не може да се забележат други релевантни извори.

Содржајност: Ја нема. Ако сакам да видам каков е ставот на „проблематичниот“ новинар за лустраторите ќе ја прочитам неговата колумна. Не ми требаат, а верувам и на јавноста, суфлери од страна за да ѝ „преџвакуваат“ што „сакал авторот да каже“. Всушност, со овој текст, најверојатно, се сакало со еден удар да се завршат две работи – ем пак, по кој знае кој пат, да се омаловажи новинарот, ем да се удри и на човекот кој менаџира со организација што финансира медиуми надвор од „владиниот mainstream“. Неговата НВО не крие кои медиуми ги поддржува, колку одвојува за нив и зошто тоа го прави. Да, точно е дека меѓу нив се и изданијата на овој новинар, но зошто тоа веднаш би се окарактеризирало како нечија одбрана, особено што, барем во текстот, нема квалитетни докази за тоа. Оваа фондација, според документите, финансира десетици медиуми, па не гледам дека десетици уредници или новинари станаа да го бранат шефот на таа НВО, особено што неговиот случај пред лустрациска е стар неколку години.

Пристрасност: Вообичаено, содржајноста не задоволува, ама пристрасноста поминува и тоа со „особен интерес и успех“. Всушност, целиот текст е крајно неизбаланисран и тасот на вагата ептен натежнува кон страната која не ги „мириса“ ниту новинарот, ниту првиот човек на „Сорос“ во земјава.

Коментирање: Се забележуваат обиди за коментирање, но и тие како и целиот текст, се стилски неуредни, а ниту, пак, се структурално изградени, туку како повеќе да се „нафрлани“:

„Токму поради ова, бизнисменот новинар Героски се става во функција на интересите на “драматургот“ Милчин, за кого Комисијата за лустрација утврди дека свесно и тајно кодошел, а сега Героски пишува дека таа Комисија не постои“.

Оригиналност/Плагијат: Текстот не е потпишан, но бездруго понуденото не оди многу во прилог на чисто авторско дело. Отсуството на некакви стандарди наликува на нешто подготвувано надвор од редакција.

Квалитет на насловот: Насловната конструкција е тенденциозна и за еден „нормален“ текст неприфатлива. Но, во ваков случај, со ваква содржина, би било нереално да се очекува покоректен наслов.

Фотографија: Во написот има една фотографија од споменатиот новинар која нема некоја информативна компонента – ставена е за повеќе да илустрира. Значи, ништо особено.

Заклучок: Тешко е да се даде заклучок, кој не би бил повторување, при реценизрањето вакви текстови. Немаат потребно ниво на вистинитост, се забележува отсуство на извори, содржајноста е многу мала, пристрасноста голема, коментарите неумесни… Значи, потфрлање во секоја смисла.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција