Рецензија: Син на пратеничка раководи сајт, туристички работници се новинари

FireShot-Screen-Capture-021-portal-crop-resize

Речиси веднаш по објавувањето на истражувачката сторија на тим од тројца новинари на НОВА ТВ и на ФОКУС, за оф-шор бизнис-политиските врски помеѓу власта во Република Македонија и неколкуте портали, кои најмногу работат на дискредитација на опозицијата и критички настроените новинари во државава, овде е пренесен напис на едниот од засегнатите портали во сторијата, а кој говори за наводни незаконски врски и работење на два портали – brif.mk и А1он, кои, пак,  се критички настроени кон власта. Притоа, направен е обид за дискредитација на пратеничката Ленче Николовска од СДСМ преку обелоденување на информацијата дека сопственикот на brif.mk ѝ е син, но по сѐ изгледа намерно заборавајќи дека забраната за сопственост на медиуми за носителите на јавни функции важи само за РАДИОДИФУЗЕРИ – односно за радио и ТВ станици, но не и за интернет-портали.

Во ист кош, во написот е ставен и сопственикот на А1он, уште еден медиум критички настроен кон власта, а нему „на душа“ му се става тоа што направил црногорска верзија на сајтот, а нејзиното седиште било на иста адреса на која е и туристичка агенција во Подгорица, па тоа се прогласува за „скандал“.

Очигледна е намерата на авторот на написот, како и на уредништвото во медиумот кој овој напис го пренел, да се оцрнат и двата сајта, како и двајцата сопственици, без никаквa основa, освен можеби фактот што не застапуваат исти политички ставови со нив.

Рецензија: Син на пратеничка раководи сајт, туристички работници се новинариЛинк до оригиналниот напис:  Син на пратеничка раководи сајт, туристички работници се новинари

Датум и време на објавување: 4.02.2014

Датум на рецензирање: 10.02.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Вистинитост: Написот дава точни податоци за тоа кој е сопственик на порталот brif.mk и во какво сродство е тој со пратеничката од СДСМ, Ленче Николовска, како и тоа кој сѐ работи во порталот. Точни се и наводите за тоа кој е сопственик на А1он и на која адреса се наоѓа седиштето на црногорската редакција на А1он Монтенегро.

Извори на информации: Како извор на информациите, во написот е наведен НЕТПРЕС.

Пристрасност: Спинувањето на вистината е во сржта на написот. Фактите за сопственоста на два портала, кои имаат критички однос кон власта, се користат за да се искреираат случаи на коруптивно однесување во медиуми. За порталот brif.mk се проблематизира роднинската поврзаност на сопственикот со пратеничка од СДСМ, намерно „заборавајќи“ на фактот дека нема законска пречка носител на јавна функција или негов близок роднина да биде сопственик на интернет-гласило. Во вториот случај, на порталот А1он, „доказ“ за нешто што „наликува на случај“, според авторот на написот е тоа што сопственик бил бивши новинар на затворената А1 Телевизија! Како сомнителен се истакнува и податокот дека сајтот во првата година од своето постоење остварил добивка од 1.078.588 денари! Но, најсомнително, според него било тоа што сопственикот на сајтот А1он направил црногорска верзија на сајтот и таа имала иста адреса и телефон како и една туристичка агенција од Подгорица. Во написот се тврди дека луѓето дадени во импресумот на црногорскиот сајт на А1он се истовремено и туристички работници и тоа според авторот на написот е „скандалозно“. Пребарувањето на интернет навистина доведува до заклучок дека седиштето на црногорскиот портал А1он е на истата адреса, како и туристичката агенција ТТС. И во овој случај, нема законска пречка за такво нешто, што значи дека нема ниту случај, а уште помалку скандал.

Коментирање: Низ текстот се проткаени тврдења и паушални оценки, јасно насочени кон креирање на квази-коруптивен случај, односно сензација иако за такво нешто не се понудени никакви докази. Дури и самиот автор на текстот не е сигурен дека она што го пишува претставува случај, па се служи со фрази:„наликува на случај“, „можеби е само проформа зад која стојат одредени политички интереси“.

Квалитет на насловот: Несомнена е тенденциозноста на насловот, еднакво како и на текстот за кој станува збор. Неуспешен обид за сензационализам, кој, поради нерелевантноста на тврдењата, е, пред сѐ, смешен.

Фотографија: Иако илустрацијата на текстот на прв поглед е прифатлива – ставена е фотографија од пратеничката Николовска на прес-конференција. Таа, заедно со насловот, треба да ја пренесе пораката дека Николовска на некој начин го крши законот во сферата на медиумите и поради тоа е обид за манипулација.

Говор на омраза: Написот не содржи директен навредлив говор ниту говор на омраза, но намерата за дискредитација на спомнатите во него, е очигледна. Пратеничката Николовска, преку нејзино ставање во негативен контекст во врска со политичка манипулација со медиум, е несомнено жртва на таа намера. Во написот лошо поминал и сопственикот на А1он, Предраг Петровиќ, чијшто сајт е наречен сајт-почетник, а работењето на црногорската верзија на сајтот е наречена „скандалозна,“ бидејќи седиштето и било на иста адреса со туристичка агенција, а го раководеле луѓе кои биле и туристички работници, што му го уривало кредибилитетот !?

Заклучок: Текстот претставува типичен пропагандистички производ во кој фактите се користат селективно и тоа само тогаш кога зборуваат во прилог на зададената теза, а останатите, кои не соодветствуваат со неа – едноставно се ставаат под тепих. Не може да се избегне впечатокот дека написов претставува своевиден контра-напад по обелоденувањето на политичко-роднинско-бизнис врските на власта со одредени интернет-портали, кои на јавноста ѝ се познати како најрадикални во справувањето со политичките противници на владеачките партии.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција