Рецензија: Рангирање на ЕУ: Македонското здравство меѓу најдобрите на Балканот

Република-Online-republika_mk__p1988320crop-resize

Насловот на кој било новинарски текст е исклучително важен сегмент од целиот процес на пишување и продукција. Тоа е така зашто насловот е еден од поважните елементи што го „продаваат“ производот и што ги тера луѓето да го прочитаат, да го разгледаат или да го прескокнат текстот. Насловот може да биде краток, долг, инвентивен и креативен, тенденциозен, здодевен… може да биде секаков, но никако не смее да биде неточен, односно да не одговара на фактите изнесени во текстот. Токму таков наслов имаме на оваа проширена вест и тој, без оглед на мотивите, е неточен и манипулативен.

Не е во ред да се манипулира преку наслов, зашто преку насловот фактички е изманипулирано и со податоците во текстот, при што читателите се наведуваат да ги проценуваат со поинаква диоптрија од реалното и да ценат дека податоците потекнуваат од ЕУ или некое нејзино тело.

FireShot Screen Capture #065 - 'Рангирање на ЕУ_ Македонското здравство меѓу најдобрите на Балканот I Република Online' - republika_mk__p=198832Линк до оригиналниот напис: Рангирање на ЕУ: Македонското здравство меѓу најдобрите на Балканот

Датум и време на објавување: 07.02.2014, 09:24

Датум на рецензирање: 11.02.2014

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Телото на текстот се темели на факти. Тоа се избрани факти од целата студија и тие се точни, а нивната веродостојност може да се утврди. Меѓутоа, вистинитоста на целиот текст е испроблематизирана поради неточниот и манипулативен наслов и поради нецелосноста. Со други зборови, покажано е само едно лице на вистината.

Извори на информации: Во текстот се користат два извори на информации – студијата и анонимен извор од Министерството за здравство. Нема повеќестраност на изворите кои би помогнале во вистинско светло да се анализираат оценките произлезени од студијата.

Содржајност: Веста, иако проширена, е несеопфатна. Во текстот се прикриени сите лоши или недоволно добри оценки кои за повеќе индикатори или подиндикатори се наведени во студијата.

Пристрасност: Уште од самиот наслов се гледа пристрасноста. Целиот текст, иако во суштина е вистинит, не ја одразува вистинската состојба, бидејќи од него се изоставени оние делови кои според странските истражувачи можат да се оценат како негативни трендови во здравствениот систем во Македонија.

Коментирање: Ако го занемариме насловот, во текстот има интегрирани коментаторски елементи, но тие се занемарливи и не се битни за целиот квалитет на напишаното. Со други зборови, ситните коментаторски делови како што се „токму поради значителниот напредок на Македонија во здравствените реформи“.., не се главен проблем на текстот од аспект на професионалните и етичките стандарди.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е делумна копија, со ненаведен автор, но со наведен извор без линк. Тој од збор до збор е идентичен со оригиналот објавен на сајтот Здравство24, но со една мала клучна измена – насловот е на „Република“.

Квалитет на насловот: Насловот е главната причина поради која овој текст си „избори“ место за рецензија според методологијата со која ги оценуваме стандардите при пишувањето. Овој наслов е неточен и како таков е дезинформација. Тој не е сензационален, но е несоодветен и тенденциозен, зашто ги наведува читателите на погрешно толкување.

Фотографија: Фотографијата од Хируршките клиники од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ нема автор, таа е едвај соодветна и е ставена само како илустрација.

Заклучок: Станува збор за текст кој може да се класифицира како проширена вест за резултати од една меѓународна студија за квалитетите на здравствените системи на поголемиот дел од европските земји. Текстот кој оригинално потекнува од специјализиран сајт за вести од здравството, „Здравство 24“, е преземен од збор до збор со една мала интервенција – сменет е насловот. И така, од релативно коректна, иако нецелосна и несеопфатна информација која прикрива некои содржини, се дошло до текст со чиј наслов се врши дезинформација. Како е дојдено до тоа, од незнаење, невнимателност или намера, нам не ни е важно во оваа рецензија.

Но, факт е, дека студијата EURO HEALTH CONSUMER INDEX 2013, не е РАНГИРАЊЕ НА ЕУ, како што тоа се тврди во насловот на текстот што го рецензиравме. Индексот за кој зборуваме е, всушност, годишно истражување на приватна компанија од Шведска, Health Consumer Powerhouse (HCP), која работи на оценки на здравствените системи и на подобрување на здравствениот менаџмент во јавното здравство. Според самата компанија, тие работат со влади на разни земји околу подобрување на здравствените системи (не ги наведуваат на сајтот) и прават опсежно истражување еднаш годишно (финансирано и од фармацевстката индустрија), за кое велат дека од ЕУ е оценето како многу информативна и влијателна проценка на европските здравствени системи, но тие истражувања, тој годишен индекс, кој, патем речено, започнал со набљудување на здравствените системи во 20-тина земји во 2005 година, едноставно, не е рангирање на ЕУ!  Тоа не е официјален документ на ЕУ, ниту, пак, на телата на ЕУ задолжени за здравствената политика.

Тука е главната дезинформација што се случила овде при интервенцијата во насловот на овој преземен текст. Самиот текст, пак, е вистинит, но со специјално избрани факти од истражувањето кои говорат за позитивни промени, а прикриени се негативните оценки што не одат во прилог, како што се големата смртност на новоредните (при самиот европски врв), просечната достапност до медикаментите (само 30 отсто од максималниот број поени што може да се освојат во оваа поткатегорија), непостоењето никакви податоци за МРСА болничките инфекции (само Македонија и Србија неамаат податоци), негрижата за обезбедување болнички кревети или помошен медицински персонал за старите лица (при дното на листата од земјите во истражувањето), минималното издвојување за системот на здравство според глава на жител, итн.

Оваа вест за Еуро индексот, која со помош на насловот е всушност претворена во дезинформација, можела да послужи како извор за прекрасни анализи и генерално за здравствениот систем и за потсистемите во здравството во Македонија. За жал, на јавноста и е пласирана точна, но нецелосна вест, која, пак, со таквиот наслов води кон дезинформација и збунетост.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција