Рецензија: ФОТО: СДСМ стои зад денешниот протест на стечајците

72-0987-00998-00-protest-crop-resize

Текстот што го рецензираме остава впечаток дека е пристрасен и дека има за цел да го дискредитира протестот. Основната причина за ваквиот впечаток е што не се известува за суштината на протестот, туку се обележуваат личности кои се дел од него како блиски на политичка партија, а тоа е единствениот аргумент за протестите да бидат квалификувани како „сдсмовски“. Базичното граѓанско право за сите граѓани е правото на протест, независно од нивното политичко здружување во партија. Аргументот дека СДСМ е организатор на протестот се темели на тврдењето дека лицата што се учесници во него се претежно од Куманово и Струмица, две општини во кои градоначалникот е од опозициските редови. Непотпишаниот автор на текстот не дава уверливи аргументи дека тоа е така. Дури и кога би се користел критериумот на која политичка партија припаѓаат дел од демонстрантите, да се одредува организаторот, тогаш што би значело тоа што учесничка во протестите вели дека е дел од ВМРО-ДПМНЕ?

72Линк до оригиналниот напис: ФОТО: СДСМ стои зад денешниот протест на стечајците

Датум и време на објавување: 18.02.2014, 15:06

Датум на рецензирање: 19.02.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Вистинитост: Непотпишаниот автор нуди материјали што ги претставува како докази од кои цели читателот да добие впечаток дека СДСМ ги организирал протестите, а тоа се фотографии од регистарски таблички на автобусите од Струмица и Куманово. Од ова треба да се заклучи дека СДСМ е организатор на протестите, заедно со обележувањето на дел од учесниците во протестот кои се членови или симпатизери. Сепак, непотпишаниот автор не ја објавува и информацијата дека една од учесничките во протестот, која ја поврзува со СДСМ, всушност, тврди дека е член на ВМРО-ДПМНЕ.

„Токму овие две општини се општините кои опозициската СДСМ ги користи секогаш кога треба да се организираат некакви протести какви што беа денешните.“

Горенаведениот цитат е сосема неиздржан, тој е коментаторски и не остава впечаток на вистинит. Освен тоа,  се тврди дека има граѓани кои се „вистински“ стечајци, со што се имплицира дека луѓето на протестот не се „вистински“. Ова навистина може да претставува предмет на докажување на вистинитост.

Извори на информации: Нема извори. Текстот е работен врз основа на фотографии и врз основа на нив е конципирана приказната.

Содржајност: Не е првпат во медиумите да има текстови во кои се етикетираат протести поради учесниците. Протестот е граѓанско право и членовите и симпатизерите на политичките партии имаат еднакво граѓанско право да учествуваат во нив. Оттука, бидејќи новинарите работат за јавниот интерес, би било логично барем од читањето на текстот да се дознае зошто се протестира. Текстот нема извори и изјави.

Пристрасност: Политичката пристрасност е евидентна поради тоа што неосновано, врз основа на лабилни или никакви аргументи, се тврди дека политичка партија стои зад протестот на стечајците. Притоа, воопшто не се елаборира, не се опишува проблемот поради кој тие протестираат. Нема изјава од ниту еден соговорник кој ќе застане зад тврдењата во текстот, а дел од неговите реченици се сосема идентични со соопштение на ВМРО-ДПМНЕ објавено на истиот медиум.

 Коментирање: Коментарите се однесуваат на дискредитирање на протестите и нивно поврзување со опозицијата, преку додадени зборови.

Денешниот таканаречен мирен протест на група граѓани кои себеси се нарекуваат стечајци во најголем број беше составен од луѓе дојдени од Куманово и Струмица.

 

Овие протести очигледно се со цел да се дикредитираат измените во законот кои ги донесе Владата и Собранието на Република Македонија со кој се планира решавање на статусот на над 3000 граѓани кои се вистински стечајци.

 

Со самиот факт дека се ближат претседателски избори а се поверојатно е дека би се одржале и предвремени парламентарни избори, немајќи како, СДСМ очигледно свесна дека не може да излезе со добри и издржани понуди пред граѓаните се реши на старите тактики и политики кои на минатите избори им донесоа катастрофален пораз.

Оригиналност/Плагијат: Интересно е што дел од текстот содржи исти реченици како соопштение на ВМРО-ДПМНЕ објавено на истиот медиум.

Квалитет на насловот:  Насловот е политички пристрасен, а, исто така, и претставен како генерална вистина и дискредитирачки за целиот настан.

Фотографија: Фотографиите се клучен елемент од приказната и се ставени во функција на аргументирање дека ако во протестите учествуваат симпатизери и членови во партии, тој е автоматски „безидеен“. Така, на фотографиите, како што и порано се случувало во медиумите, се потенцирани припадници на опозициската СДСМ, или, пак, воопшто луѓе кои некогаш се фотографирале со Радмила Шеќеринска, за да се поврзат со СДСМ, иако тие јавно кажуваат нешто друго  – дека се членови на друга политичка партија, во случајот ВМРО-ДПМНЕ.

Заклучок: Во текстот не се известува за настанот и неговата содржина, туку за учесниците во протестот. Читателот  не се информира за проблемот. Сосема е индикативно што во текстот има исти реченици како во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ на истата тема, со таа разлика што воопшто не е атрибуирана партијата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција