Рецензија: Нѐ очекува криза ако не се смени курсот на денарот

Нe очекува криза ако не се смени курсот на денарот Нова Македонија-crop-resize

„Вредноста на денарот со години е преценета во однос на еврото и доколку Народната банка и Владата не преминат од фиксен кон променлив девизен курс, нашата земја неизбежно ќе доживее финансиска криза, покажува истражувањето „Теоретски аспекти и мерење на реалниот девизен курс“ што за Народната банка уште во 2007 година го направија реномирани домашни економски експерти. Во овој труд се анализира реалниот девизен курс од 1995 до 2004 година, при што се оценува дека курсот на денарот отстапува од своето долгорочно рамнотежно ниво до 8 отсто“.

Во медиумите чија инвестициска основа е крупниот капитал малку-малку па се појавуваат текстови кои сугерираат напуштање на фиксниот курсот на денарот кон кошничката светски валути; всушност, се сугерира девалвација на денарот, со што некои фирми, кои се големи извозници, преку ноќ стекнуваат големи пари врз основа на нововоспоставените курсни односи на денарот кон западните валути.

Ова е еден таков текст кој се обидува да даде и некаква научна базираност на тоа барање, но повикувајќи се на застарени оценки на тројца несомнени авторитети, кои, згора, не се сосема прецизно толкувани, а написот дури предизвика и реакција на еден од нив!

Не очекува криза ако не се смени курсот на денарот

Линк до оригиналниот напис: Нѐ очекува криза ако не се смени курсот на денарот

Датум и време на објавување: 20.02.2014

Датум на рецензирање: 25.02.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Факт е дека авторот на текстот се повикува на публикацијата „Теоретски аспекти на мерење на реалниот девизен курс“, издадена од страна на Народната банка на Република Македонија во ноември 2007 година. Тоа се конкретни емпириски истражувања за реалноста на курсот на денарот во периодот од 1994 до 2004 година во петтото и од 1998 до 2005 година во шестото поглавје. Од ова, практично, излегува дека истражувањето и во времето кога било објавено имало застареност. Како што ја има и во овој текст.

Од самиот труд и не произлегува некакво децидно барање за корекција на курсот и се вели дека – според весникот – истражувањето „не бара еднократна корекција на номиналниот девизен курс. Сепак, резултатите истовремено покажуваат дека реалниот девизен курс е доста ригиден и дека неговото враќање во рамнотежа би се одвивало бавно. На пример, според пресметките, времето потребно да се отстранат 95 проценти од нерамнотежата изнесува четири години и девет месеци!“

Извори на информации: Новинарот нема ниту едно поново гледање на оваа проблематика, туку се држи на споменатите истражувања од пред речиси една деценија (последното истражување од неколкуте кои ги има во делото). Зад тие истражувања стојат тројца видни професори – академик Таки Фити, професорот Владимир Кандикјан и академик Гоце Петревски. Дел од тие истражувања и не се сосема директно врзани за тезата за штетноста на преценетиот курс кај нас, туку имаат општо, образовно стојалиште а дел се многу бајати за да бидат релеватни, особено што прилично се промени вкупниот амбиент во земјата, главно заради влезот на девизи по разни основи, па Македонија не е толку зависна од односот увоз-извоз на стоки.

Содржајност: Ова, секако, се одразува и на содржајноста (тезите внатре во текстот стануваат нерелевантни, како кај споредбите со каматите, на пример, меѓу Германија и Македонија и слично), а секако се оди и на создавање на забуна кај читателот, бидејќи општообразовните тези (не е спорно што значи лошо „штелуван“ девизен курс) се сфаќаат како забелешки на тековната ситуација во земјата.

Пристрасност: Токму тоа „замешателство“ меѓу теоријата и конкретните состојби се основот на тенденциозноста со која авторот сугерира промена на курсот кај нас, иако таквите заложби од науката некако стивнаа пред неколку години, па за нив не говорат и најголемите протагонисти на таа идеја (да речеме екс гувернерот на НБРМ, Љубе Трпески).

Коментирање: Како завршен коментар на изнесеното, пуштен е коментар од канадскиот економски стручњак Тим Бањан, кој во студијата која ја платила УСАИД препорачал „власта да размислува за промена на сегашниот курс на денарот во блиска иднина“ и понудил неколку варијанти за кои треба да одлучат домашните експерти. Но, нема ниту збор за варијантите и ниту податок кога тоа истражување се случило (која година) и каде е тоа мислење присутно (во кое дело, брошура и слично).

Квалитет на насловот: Во ниту еден дел од текстот насловот не е оправдан, односно никаде не сме конкретно соочени со кризата која би ни се случила ако го задржиме фиксниот курс!

Фотографија: Фотографијата е авторска, ама е чисто илустративно и сама по себе нема некаква вредност во прилогот.

Заклучок На недостатоците на текстот во весникот реагираше и еден од коавторите на споменатата книга која се користи (цитира) – професорот Кандикјан неколку дена потоа. Тој, исто така, забележува на задоцнетиот тајминг на користењето на изнесените податоци, смета дека новинарот нема доволно „мунициозно познавање“ на темата за истите да ги користи, при што се цитира многу јасна насока од тоа дело која вели дека сознанијата од збирката текстови мора многу внимателно да се користи во донесување на заклучоци.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција