Рецензија: Стево Пендаровски ќе стане претседател – но КАДЕ?

03032014-Pendarovski-Press2-crop-resize

Веста што ја тестираме тука од аспект на потребните професионални етички стандарди, ја објави медиум кој претходните денови беше забележан како единствениот кој објави точна информација за тоа кој ќе биде кандидат на најголемата опозициска партија на претстојните претседателски избори. И тогаш таа информација беше поткпрепена постапката анонимен извори – „извори од  парстиското раководство за Прес 24…“, а така е и сега во оваа информација.

Секако е важно да се знае дека првата информација е добиена од активности што биле во тек или веќе биле завршени и изворот на медиумот можел да „сервира“ релевантна информација. За разлика од тие околности, во тврдењата во медиумската содржина што тука ја рецензираме се укажува на можен развој на процеси кои зависат од многу поголем број фактори што треба да се склопат во иднина и тоа оваа вест ја прави прилично шпекулативна. А, за шпекулациите во новинарството Кодексот на новинарите предупредува уште во првиот член:

„Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.“

За жал, на ниту едно место во информацијата нема предупредување дека станува збор за шпекулација, ниту, пак, информацијата е проверена со втор извор. Јасно зошто е тоа така: во овој случај тоа не е ниту можно зашто кој и да се впушти во образложување на информациите што се шпелулираат во овој новинарски прилог, ќе се впушти во уште една претпоставка.

03032014-Pendarovski-Press2Линк до оригиналниот напис: Стево Пендаровски ќе стане претседател – но КАДЕ?

Датум и време на објавување: 28.02.2014, 15:57

Датум на рецензирање: 02.03.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Со оглед на тоа што го тврди изворот на медиумот зависи од многу фактори што треба да се случат во иднина, оваа информација не е ништо друго освен претпоставка, шпекулација. Се претпоставува дека опозициската партија ќе изгуби на претстојните вонредни парламентарни избори, се претпоставува дека бројот на гласовите на опозициската партија на парламентарните ќе бил многу помал од оние на нејзиниот претседателски кандидат на претседателските избори, се претпоставува дека заради тоа тој ќе седнел во фотелјата на актуелниот лидер на таа партија…

Многу претпоставки за да биде задоволен критериумот вистина. Претпоставките сѐ уште не се вистина, а во оваа фаза и вака пласирани тие имаат карактеристика на спин, на намера да се насочи вниманието кон, повторно претпоставените, состојби во опозициската партија. 

Извори на информации: „Велат извори од Бихаќка“. Тоа е сѐ што овој медиум нуди за да поверуваме во овие претпоставки. Повторно ќе ја споменеме ексклузивата на овој ист медиум со информацијата кој ќе биде кандидатот на најголемата опозициска партија на претстојните претседателски избори, но овој пат како што споменавме во воведот на рецензијата претпоставките, односно шпекулациите, се занимаваат со иднината која навистина зависи од многу фактори какви што само може да донесе еден сложен политички процес какви што се изборите во една земја.

Содржајност: Со оглед на природата на шпекулациите и не може да се очекува некоја посебна содржајност во оваа информација. Нешто што би било додадена вредност. Се рециклираат стари информации за поврзаноста на кандидатот на СДСМ со нивниот поранешен лидер Црвенковски, се цитира стара изјава на Пендаровски… Нема содржина.

Пристрасност: Кога зборуваме за пристрасноста, влегуваме во зона во која заради рецепцијата на овој медиум кај публиката тој се доживува како близок до власта. Но, многу повеќе заради шпекулациите и спинот во оваа информација, се забележува една пристрасност кон посебна политичка структура што не е соодветно на професионалните новинарски стандарди. Впрочем тоа го налага и членот 14 од Кодексот на новинарите:

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

Квалитет на насловот: Насловот е интригантен, но кога ќе ја прочитате веста неговата „интригантност“ станува многу појасна.

Заклучок: Базични се лекциите кои велат дека новинарите треба јасно да ги маркираат мислењата од фактите во една вест. Заради читателите. Треба да се знае дека не се сите читатели вешти во разликувањето на мислењата и коментарите во една медиумска содржина од фактите или од информациите што прават една содржина да биде вест. Тоа е задача на новинарот и во оваа информација авторот ѝ останал должен на својата публика.  

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција