Рецензија: ЦИГ: Пендаровски далеку пред Иванов за цели 30%

SDSM-anketa-0987-009988-crop-resize

„Aнкетите претставуваат многу корисно орудие во политиката, меѓутоа можат да бидат и исклучително деструктивно оружје“, вели професорката Мирјана Најчевска во својата најнова анализа „Новинарите многу ги сакаат анкетите“.

Така и овде пред нас имаме текст кој во целост ја задоволува поентата на професорката.

Ова, на пример, е поентата на текстот:

Непопуларноста на Иванов се должи на неговата безличност и лошиот вокабулар кон медиумите и јавноста, барем така одговориле граѓаните кои се опфатени со анкетата. 

Анкети во Македонија досега, барем пред избори, се појавуваат со тони. Од различни институти, до организации повеќе или помалку познати, дури некои од нив и анонимни, направени за еднократна употреба. Иако во Македонија стана навика со потсмев да им се гледа на анкетите, испитувањето на јавното мислење е сериозен чин во светот, односно онаму каде што има и сериозност во новинарството. Имаше некои медиуми кои, оваа вест откако ја објавија, веднаш ја избришаа, пронаоѓајќи ја грешката. Но, некои (малкумина), сепак, додржаа и веста сѐ уште стои.

Згора на сѐ, и според Кодексот на новинарите:

14. Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите, треба да биде непристрасно и избалансирано.

SDSM anketaЛинк до оригиналниот напис: ЦИГ: Пендаровски далеку пред Иванов за цели 30%

Датум и време на објавување: 19.03.2014, 12:38

Датум на рецензирање: 20.03.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

ЗОШТО Е НАПРАВЕНА ТАА АНКЕТА

Многу битно за оваа рецензија е кој ја нарачал и кој ја направил оваа анкета. Според текстот се подразбира дека „најверојатно“ нарачателот е една политичка партија. И да е така тука нема ништо спорно. Напротив, тоа им е опис и попис на работното место пред избори и за време на изборна кампања. Но, треба најнапред да се преиспита дали, сепак, е сѐ во ред со анкетата. Особено ако авторот е добар познавач на политичките случувања во државава, уште на прва би му „светнала сијаличката“ дека тука нешто не штима. Сепак, некој може и да сака да и верува на една анкета, но повеќето новинари (потковани за изборни кампањи со огромно искуство) ги знаат реалните бројки во Македонија, па затоа и можеби толку неволно ги пласираат сите анкети досега објавени.

Професроката Најческа за ова вели:

Прво прашање кое треба да го постават новинарите кога се повикуваат на конкретна анкета е: зошто е направена таа анкета? Дали е направена за потребите на конкретна партија, или, пак, со цел моделирање на јавното мислење? Анкетирањето е несомнено многу корисен метод со кој политичките партии можат да добијат сознанија за расположението на граѓаните, за нивната поддршка на одредени политики, за прифаќањето на одредени личности и сл.

И второто прашање е: кој ја направил оваа анкета. Ова е, исто така, момент за размислување кој треба да се земе предвид. Досега во Македонија се појавија можеби десетици организации и институти кои мерат јавно мислење, но ретко кој од нив го сочувал својот кредибилитет. За тоа говори и Најчевска:

Второто прашање (кое е во тесна врска со претходното) е кој ја направил таа анкета? Ова прашање е поврзано како со откривањето на капацитетите на одреден тим за формулирање, спроведување и интерпретирање на анкета, така и со одредувањето на нивото на објективност на истражувачката институција (тим). Истражувачкиот капацитет определува дали се поставени соодветни прашања, на соодветен начин, на потребна популација. Дали податоците се обработени со почитување на основните правила и на крај како се прикажуваат и интерпретираат добиените податоци.

 

БЕЗ НЕОПХОДНИТЕ ПОДАТОЦИ ВЕСТА Е ПРИСТРАСНА

Изворот на информација е наведен, но освен името не се дава друг податок за институцијата. Има и изјава од директорот, која можеби е вистинита, но нема податок дали оваа организација е кредибилна, од кога функционира, какви прашања поставила. Има податок само за бројот на испитаници кои биле опфатени со анкетата.

Веста или прикрива, или ги нема другите податоци. Зачудувачки е зошто нема, на пример, која била возраста на испитаниците, од кога до кога била спроведена анкетата, која е посочената директорка на институцијата. Нема и никаква понатамошна анализа што би значеле разултатите доколку се точни. Изгледа како анкетата да ги збунила и авторите, па не знале како и што понатаму да прават со текстот.

Без сите неопходни податоци може да се заклучи дека веста е пристрасна, а во контекст на следниот цитат од анализата на професорката Најчевска:

Доколку медиумите не сакаат да бидат само пропагатори на одредени политички партии, тие мораат не само да ги постават сиве овие прашања, туку и резултатите од спроведените анкети да ги презентираат во контекст на: изготвувачот на анкетата (поврзаноста со конкретна политичка опција и реалните капацитети за спроведување анкета), употребените процедури, претходниот историјат и резултатите од слични анкети спроведени во истиот период. Само така презентираната информација за определена анкета може да претендира на објективност, а конечниот суд за понудените вредности да се препушти на самата јавност.

 

ВЕСТА НАПРАВЕНА ПРЕМНОГУ ЕУФОРИЧНО

Не може да се процени дали во текстот има коментирање или тоа е заклучок од анкетата, затоа што јасно не е издвоено.

Текстот е најверојатно оригинал, ист ваков имаше и во повеќето медиуми, но по извесно време го снема оттаму и остана само на овој и на уште можеби еден до два медиуми.

Насловот дезинформира целосно. Некако направен е премногу еуфорично, кој повеќе нанел зло отколку добро и на посочениот лик и на медиумот.

Фотографија има само колку за илустрација – ништо заедничко со анкетата: нема ниту графикони, ниту други фото-податоци од НЕА.

Што да се заклучи од овој текст. Само да ја искористиме поентата на професорката Најческа и да се согласиме со неа:

Новинарите многу ги сакаат анкетите. Анкетите станаа составен дел на медиумското известување, посебно во текот на предизборните и изборните активности. Кога ќе се презентираат податоци од некоја анкета, тоа за медумот веќе не е нечие тврдење, не е издвоено мислење, туку, податок со кредибилитет, потврдено тврдење, бројки кои јасно покажуваат и докажуваат. Бројките влеваат сигурност, спомнувањето на некакви примероци и методологија ја зацврстува оваа сигурност, а разнобојните графикони ја цементираат.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција