Рецензија: Крајот на една Рејтинг агенција

FireShot-Screen-Capture-031-kraj-rejting1-crop-resize

Едно истражување на јавното мислење во пресрет на претседателските избори во Република Македонија минатата недела во голема мерка ја разбранува јавноста и генерираше жолчни реакции како кај владеачката ВМРО-ДПМНЕ, така и во медиумите кои ја поддржуваат. Беа извадени аргументи дека се работи за нестручно, партиски пристрасно истражување на јавното мислење, иако оваа агенција порано во повеќе наврати исправно ги прогнозираше изборните победи токму на ВМРО-ДПМНЕ. Типичен пример за тоа колкава провокација беа прогнозите на агенцијата Рејтинг е и написот кој е предмет на рецензијава, бидејќи е срочен со невообичаено голема доза за личен револт и анимозитет, кои провејуваат од првиот до последен напишан ред.

Иако се работи за текст во кој не само што се анализира, туку и се коментира анкетата на Рејтинг, личниот пристап, стилот и начинот на изразување, аргументацијата која се нуди за да се оправда насловот („Крајот на една Рејтинг агенција“) попрво можат да се протолкуваат како израз на огорченост од објавените резултати на анкетата отколку како издржана анализа на понудениот материјал и нивно аргументирано побивање. Конкретен пример е заклучокот дека агенцијата Рејтинг прогнозирала излезност од 83% од гласачите на претседателските избори. До таа бројка во анализата е дојдено со просто собирање на процентите на гласовите за сите претседателски кандидати во анкетата на Рејтинг и од тоа е изведен заклучокот дека Рејтинг пласира апсурдни и неиздржани прогнози. Сепак, не е потребно продлабочено познавање на методологијата на истражувањата на јавното мислење за да се знае дека прогноза за излезност на гласачи не може да се изведе со просто собирање на прогнозираните проценти од добиените гласови. Излезноста значи колкав процент од вкупниот број регистрирани гласачи излегле да гласаат на конкретните избори, а процентите на добиените гласови се добиваат кога од вкупниот број на гласачи кои го искористиле гласачкото право ќе се види колкав број од нив гласале за кој кандидат. Излезноста, исто така, никогаш не може да се добие со прост збир на гласовите дадени за сите кандидати вкупно, бидејќи некои од гласачите уфрлаат и неважечки ливчиња во гласачките кутии.

Во случајот со изборните прогнози – испитувањето на јавното мислење во врска со прогнозата за излезноста на гласачите значи дека конкретен процент од испитаниците кои учествувале во анкетата одговориле потврдно на прашањето дали ќе излезат да гласаат на изборите, а такво прашање во анкетата воопшто не е поставено.  Прогнозираниот процент на гласови за овој или за оној кандидат, пак, значи дека од вкупниот број на испитаници (во случајот со анкетата на Рејтинг имало 1.560 испитаника) определен број рекле дека ќе гласаат за некој од понудените кандидати. Целата анализа која се надоврзува на вака погрешно истолкуваните резултати од анкетата на Рејтинг, според тоа е комплетно промашена.

Рецензија: Крајот на една Рејтинг агенцијаЛинк до оригиналниот напис: Крајот на една Рејтинг агенција

Датум и време на објавување: 4.04.2014, 21:48

Датум на рецензирање: 8.04.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

ПОГРЕШНИ КАЛКУЛАЦИИ

Текстот се темели на објавена анкета на агенцијата за испитување на јавното мислење Рејтинг за весникот Фокус и податоците кои се анализирани во написот потекнуваат од неа. Поради тоа, неспорна е точноста на податоците кои се анализирани. Сепак, во самиот текст потоа се презентираат и бројки и калкулации на авторот на текстот, изведени од резултатите на Рејтинг и на нив се темели неговата критика, меѓутоа калкулациите се погрешни, а со тоа се погрешни и заклучоците до кои се доаѓа во написот – дека анкетата на Рејтинг е „Паушална, елементарно неиздржана, со политички речник кажано дилетантна“. Има простор за сомневање дека ваквата математичка „утка“ не е резултат на незнаење туку дека се работи за намера преку погрешно изведени заклучоци да се прикаже дека Рејтинг работи пристрасно и надвор од декларираната методологија, а во полза на опозицијата.

 

СИНХРОНИЗИРАН НАПАД НА АГЕНЦИЈАТА РЕЈТИНГ

Иако тргнува од податоци кои ги објавија Рејтинг и Фокус, написот оди понатаму во сопствена анализа на резултатите од анкетата при што се надоврзува и со свои калкулации кои не соодветствуваат на она што го вели објавената анкета. Пристрасноста, односно наклонетоста на една (политичка) страна, е очигледна и провејува низ целиот напис, со квалификации како „паушална, елементарно неиздржана, дилетантна, срамна, безвредна“ анкета, дека прашањата се манипулативно срочени и слично, но не нуди уверливи или пак воопшто не понуди докази за таквите тврдења. Синхронизирано со објавувањето на овој напис, ВМРО-ДПМНЕ одржа прес-конференција на која исто така ја нападна агенцијата Рејтинг дека анкетата е лажна и дека „овие анкети служат за мотивирање на членовите на СДСМ, а за нив Спасов зема дебели пари“. Во насловот е содржан нескриен револт на авторот предизвикан од темата за која пишува и тој е соодветен на содржината која ја донесува написот.

Критичкиот приод во анализирањето на состојбите на политичката сцена е сосема оправдан и прифатлив во новинарските текстови кои се занимаваат со оваа проблематика и до тука нема ништо спорно во поглед на написот кој е предмет на рецензијава. Но, неаргументираните или погрешно аргументираните критики во еден новинарски текст се контрапродуктивни – значат удар врз угледот на медиумот кој го објавува и на новинарот кој го потпишува, без оглед дали се работи за превид, лоша анализа или за скриени намери за манипулација.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција