Рецензија: Ѓорге Иванов победник на сите избирачки места

dyd-09870099870707-0970-crop-resize

Изборниот молк во Македонија е востановен како потребен и во законите и во медиумската култура. Од тоа произлегува и степенот на неговата важност и може да се извлече заклучок за неговата поврзаност со изборниот резултат. Демократските капацитети на општеството се манифестираат, меѓу другото, и со почитувањето на законите. Од принципиелноста на медиумите, во кои суштински (иако не и формално-правно) спаѓаат и интернет порталите, може да се извлечат и заклучоци за демократските процеси.

dydЛинк до оригиналниот напис: Ѓорге Иванов победник на сите избирачки места

Датум и време на објавување: 13.04.2014, 07:55

Датум на рецензирање: 13.04.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

 

ИЗБОРНИОТ МОЛК Е СТАНДАРД, А НЕ ИЗБОР

Изборниот законик во членот 76-б утврдува дека за време на изборниот молк престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборна кампања. Во ставот три од посочениот член се смета дека при известувањето во деновите на изборниот молк ќе се смета дека медиумите го прекршиле  изборниот молк доколку емитуваат, односно објават какви било информации, фотографии, аудио и аудио-визуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници  на политички партии и од носители на функции во органите на власта. Во текстот што го рецензираме е прекршен овој член, но интернет-порталите не се регулирани од страна на овие закони, иако суштински се медиуми и по функцијата што ја извршуваат и по степенот на кој добиваат внимание и читаност.

Текстот е пристрасен и ако се земе предвид тајмингот на објавата се поставува прашањето како информациите во него може да се земат како точни или неточни, кога вистинското прашање е зошто се објавени и дали се броело во период на изборен молк? Освен ова, коментарите се паушални и неаргументирани, синтетизирани во текстот и имаат за цел да фаворизираат еден од кандидатите и да наметнат мислење и став кај електоратот:

Вчерашното гласање покажа дека Стево Пендаровски и СДСМ комплетно се имаат откажано од Македонците во дијаспората во цел свет. Нив нашите сонародници не ги интересираат.

Вистинитоста е дополнително искомпромитирана во делот каде се тврди:

На сите избрачки места на кои се гласше вчера во дијаспората, но и низ Македонија кај луѓето што го користеа правото да гласаат дома, победи Ѓорге Иванов. 100% триумф до овој момент. Не постои изборачко место од Австралија до САД каде Иванов не забележа победа.

Интересно е како е дојдено до овој заклучок ако се земе предвид дека ливчињата од некои места во дијаспората до Државната изборна комисија не се пристигнати ниту до понеделник (14.04.2014), а овој текст е објавен два дена порано.

Сосема е маргинализирана професионалноста во однос на одделувањето на информативните жанрови од оние во кои е застапено мислењето на авторот. Коментарите и контроверзните факти се измешани:

Последните гласања синоќа, во САД во Вашингтон Иванов 81% : Пендаровски 19%. Њу Јорк Иванов 85% : Пендаровски 13%. Не верувам дека “режимот“ на Груевски има влијание на гласачите во Големот Јаболко и во Ди-Си.

 

НОВИНАРИТЕ ДОБРОНАМЕРНО КОРИГИРААТ ПРОПУСТИ, НЕ ГИ СОЗДАВААТ

Во ниту еден момент не се посочува ниту еден извор на податоците. Политичката пристрасност е евидентна. Текстот содржи напади за оние кои известуваат за текот на изборниот процес и во него не е консултиран ниту еден субјект од оние за кои се пишува наспроти професионалните стандарди:

Тврдењата на порталите финасирани од СОРОС, како и тврдењата на политичките трубадури на Бранко Црвенковски и СДСМ, дека тука луѓето биле уценувани, корумпирани, уплашени па затоа не гласале во корист на опозицијата, доживеаја јавна бламажа. Дека УЈП, вработувања, јавна администрација и слични работи кои се мета на обвинувањата на спин мајсторите од СДСМ не играат улога за гласањето, туку народот гласа за идеа, програма, отчетност, работливост доказ се гласањата и убедливата победа на целата планета.

Медиумите како коректор на неправилностите и кучиња, чувари на изборниот процес, не смеат да си дозволат да го прекршуваат изборниот молк. Јавноста во нив треба да препознае партнер во пронаоѓање на нерегуларностите, а не во нив да препознава нерегуларности. Во овој текст се препознаваат пристрасност, непочитување на професионалните стандарди и агитирање.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција