Рецензија: Како Заев би ја претставувал Македонија?

in-0987009988770987-crop-resize

Пред нас е силно пристрасен и коментаторски текст, кој паушално дискредитира врз основа на снимена фотографија и не може да се пофали со веродостојни факти ниту со обид тие да се проверат. Објавувањето на текстот во предизборниот период остава сомнеж дека неговата намена е да го разубеди гласачкото тело дека не треба да гласа за опозицијата, но начинот на кој се прави ова е полн со предрасуди и со „што би било кога би било“.

inЛинк до оригиналниот напис: Како Заев би ја претставувал Македонија?

Датум и време на објавување: 25.04.2014, 14:53

Датум на рецензирање: 25.04.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Ад хоминем пристапот, односно пристапот кој не се фокусира на политиките, туку на личноста сама по себе е лајт мотив во овој текст. Со пристрасен и дискредитирачки говор, базиран на личен став, а не на аргументи и факти, се алудира на тоа дека Заев е несериозен и би оставил лоша слика во меѓународните односи. Ова се прави на сосема нелегитимен начин – една фотографија. Од фотографија не може да се утврдуваат способностите на политичарите, особено кога не се прецизира во каква прилика таа е снимена. Оттука се остава впечаток на дискриминаторски однос каде во обидот за дискредитација на учесникот во кампањата, „горат“ и други личности кои немаат никаква врска со политиката и се дел од новинарството што се занимава со шоу-бизнис.

Текстот изобилува со лични прашања кои се претставуваат како општи дилеми, односно спинови:

Едно од прашањата што си го поставуваат голем број од македонските граѓани се однесува на начинот на кој Заев би ја претставувал земјата на евентуални средби со светски лидери како Обама, Меркел, Путин или Оланд.

Со ништо не се потврдува дека ова прашање си го поставуваат голем број граѓани, а ако си го поставуваат, тогаш не е јасно како овој текст може да им го одговори прашањето.

Понатаму во дух кој остава впечаток на спинерски и сосема неаргументирано се продолжува со прашања што имаат цел да бидат реторски:

Како човекот што беше инволвиран во десетици скандали во кои главни актери беа неговите најблиски роднини, кои ги водат компаниите во кои беше утврден криминал и прекршување на тендерски процедури, ќе излезе и ќе разговара на рамна нога со светските, европските или регионалните лидери?!

И интерпунциските знаци упатуваат на пристрасност и мешање баби и жаби:

Настрана прашањето како Заев би се снашол во разговори на глобални и сложени регионални теми кога тој не може да избегне гафови дури и за обични домашни прашања?

Дискурсот не отстапува многу од маалски муабет пред гранапче и не нуди никаква новост. Текстот не нуди нови информации, ниту одговор на петте новинарски прашања што би го класифицирале во информативните жанрови, па оттука е нејасно зошто се објавува. Нема ниту еден извор, ниту една изјава, а не се посочени основни податоци ниту за кога е снимена фотографијата. Не е јасно што сакал авторот да каже.

Отвореното убедување и агитирање со техники кои оставаат впечаток на пропагандистички отстапува од професионалните новинарски стандарди во Кодексот на новинари, бидејќи отворено се навива против еден кандидат и се даваат квалификации кои може да бидат навредливи, освен тоа што се крајно субјективни:

Но, овие прашања не се однесуваат на македонските гласачи затоа што ним и е јасно дека Заев ни оддалеку не е дораснат за врвна државна функција. Ова реторичко прашање треба да го одговори човекот што македонската јавност не го памети по некоја голема идеја или изјава туку исклучиво по гафови и погрешни процени, какви што не се дозволени ниту во македонската политика.

Да сумираме, во овој текст новинарството е минимизирано за сметка на нешто сестринско со пропагандата. Новинарството е аргументирано, нуди нови информации, а професионалноста налага инволвираните за кои се пишува да се прашаат за мислење. Во овој текст за жал, победила пристрасноста притисната од „дед-лајн“-от на изборниот молк.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција