Рецензија: Како лидерите на СДСМ поднесуваат пораз: Заев најкукавички, Бучковски најдржавнички

FireShot-Screen-Capture-035-kukavica-crop-resize

Текстот е политички памфлет, а не новинарски текст и може слободно да се смести во категоријата дискредитирачки написи за ликот и делото на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, со кои изобилува македонскиот медиумски простор во постизборниов период.

Интересен по својата структура и според замислата – споредба помеѓу изјавите на лидерите на СДСМ дадени после секој од парламентарните избори во Република Македонија од 2006 година до годинешните. Секој од изборните циклуси во овој период Социјалдемократскиот сојуз ги помина со различна личност на чело на партијата и споредбата на нивните официјални изјави после секој изборен процес се чини интересна за анализа. Меѓутоа, мотивот за објавување на текстот воопшто не е некаква постизборна споредбена анализа и со тоа читателот е начисто веќе со самиот наслов и со читањето на првиот пасус. Неговата основна намена е напад врз сегашниот претседател на СДСМ и негово оцрнување, со користење на навредливи и потсмешливи квалификативи и со примеси на ситење за поразот, на кои не би смеело да им се најде место во една објективна постизборна политичка анализа. Но овој текст, тоа очигледно не ни планирал да биде.

Рецензија:Како лидерите на СДСМ поднесуваат пораз: Заев најкукавички, Бучковски најдржавничкиЛинк до оригиналниот напис: Како лидерите на СДСМ поднесуваат пораз: Заев најкукавички, Бучковски најдржавнички

Датум и време на објавување: 28.04.2014, 12:55

Датум на рецензирање: 1.05.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

НЕИЗБАЛАНСИРАН ПРИОД- НАВРЕДЛИВИ КВАЛИФИКАЦИИ

Фактите кои се пласирани во написот се, всушност, изјавите на партиските лидери на Социјалдемократскиот сојуз, дадени по завршувањето на изборите од 2006 година наваму. Изјавите се коректно пренесени. Сите искази кои се користат во написот можат да се најдат во  пребарувањето на новинските архиви на Интернет, но не е наведено од каде точно се цитирани. Сепак, се работи за познати и повеќепати цитирани искази на наведените личности и не би требало да се доведе во прашање веродостојноста на наводите.

Написот генерално ги дава поентите на сите истапи на Владо Бучковски, Радмила Шеќеринска, Бранко Црвенковски и на Зоран Заев после четирите изборни порази на парламентарни избори. Меѓутоа, тенденциозно се користени само оние делови од нивните изјави кои одат во прилог на тезата од насловот на текстот – а тоа е дека и Бучковски и Шеќеринска и Црвенковски знаеле како да го поднесат поразот, а Заев не.

Пристрасноста не мора ни посебно да се апострофира. Насловот, како и првиот пасус на текстот, доволно зборуваат во таа насока. Написот е неизбалансиран и отворено навредлив за претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

 

КОМЕНТАРИ СО ПРИЗВУК НА СИТЕЊЕ

Коментирањето во воведниот дел на текстот е непријателско и навредливо, а мета на нападот е Заев. Тоа го дава тонот на целиот напис и сиот натамошен труд точно и без цинични забелешки да се пренесат истапите на останатите лидери на Социјалдемократскиот сојуз во засебните сегменти на текстот, поради ова паѓа во вода. Со тоа, овој различен третман на различните личности во текстот само уште добива призвук на лицемерие без трага на објективност. Пристрасно коментирање има и во последната реченица на текстот: „Овие избори не ги признаваме. Бараме итно да се формира техничка влада – изјави Заев по завршувањето на изборниот молк, а потоа во седиштето настапи молк“, што звучи како авторот на текстот да се воздржувал да биде циничен и да му се сити на Зоран Заев и на СДСМ, но попуштил на самиот крај.

Насловот е лош – несоодветен и несмасен од аспект на професионални стандарди, груб и некултурен, гледано од човечки аспект. Притоа уште и – некреативен и тенденциозен.

Кога новинарскиот текст е со дневно-политичка намена, сите новинарски стандарди паѓаат во вода. Оттука, ниту добрата структура и идеја за постизборна анализа, која ја носи текстот што е предмет на рецензијава, не можат да го „исперат“ од политичката обоеност и пристрасност, која доминира.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција