Рецензија: Непуштање народњаци е „грев“ од 20.000 евра

nova-makedonija-nepustanjeto-crop-resize

Казната од 20 илјади евра што ја доби ТВ Телма заради недоволна присутност на народната музика на нивната програма ја подигна и онака високата температура на релација власт – медиуми. Навистина, во т.н. провладини медиуми немаше реакција, како по обичај, кога се работи за потези на власта (поаѓаме од тоа дека и во Агенцијата за медиуми, нели, доминира таа „гласачка структура“) но одгласи имаше во оние независните. Исклучок од таа „шема“ е текстот во Нова Македонија, кој е правен постудиозно и заслужува респект заради приодот и користењето на повеќе извори. Тој е и добар пример за помладите колеги за структурното развивање на темата и за претворањето на нејасното и заплетканото во едноставно и лесно за лично проценување на целиот случај, без да се користи коментирањето (заклучувањето) од страна на авторот.

Непуштањето народњаци е „грев“ од 20.000 евраЛинк до оригиналниот напис: Непуштање народњаци е „грев“ од 20.000 евра

Датум и време на објавување: 23.05.2014

Датум на рецензирање: 25.05.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Македонските телевизии што емитуваат програма на национално ниво би имале помала штета ако не обезбедат соодветна заштита за малолетната публика, отколку ако не ја исполнат квотата за домашна народна и забавна музика, исклучиво со баланс меѓу двата жанра. Според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ако некоја телевизија им овозможи на децата да гледаат насилство или порнографија, може да плати казна од 10 до 20 илјади евра. Но, за немање доволно народна музика глобата е точно 20 илјади евра, ни помалку ни повеќе. Ова е втората највисока казна што се предвидува со овој закон. Највисоката изнесува 100 илјади евра и се изрекува ако радиодифузерите годишно не произведат и емитуваат најмалку 10 часа домашна документарна програма и најмалку 20 часа домашна играна програма“.

Најпрвин, текстот дава еден добар преглед на казнената политика што е можна, согласно на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и укажува на апсурдноста, според која, побаналните, условно земени, прекршоци од еден радиодифузер добиваат максимални, строги казни додека, пак, оние пропусти кои во едно општоприфатено етичко-програмско милје и вон нашите граници би предизивкале построги санкции, кај нас се третирани благо од  казнената политика. Па, така, „ако телевизијата има сомнителен сопственик, ако има таен содружник, односно ако зад еден од сопствениците стои странец на кого не може да му се утврди потеклото на капиталот во матичната земја. Односно, да се има мексикански наркокартел во сопственичката структура е помал грев, отколку да не се пушта народна музика. Во оваа рамка се и казните ако некоја телевизија не ѝ дозволи на агенцијата да врши стручен надзор или ако не ѝ ги доставува податоците што ѝ се потребни. Дури и ако телевизијата почне да емитува програма без да обезбеди дозвола, може да помине со помала казна отколку таа за музиката“. Апсурди, за кои, ако ништо друго, оние кои раководат со Агенцијата требаше да покренат иницијатива за промена. Како што е апсурдна онаа одредба дека ако некоја телевизија организира лажна лотарија ќе мине со казна од само 5.000 евра!

Втор сегмент до кој се допира текстот е одредувањето на поимот народна музика. Според директорот на Телма тие имаат и повеќе минутажа од народна музика од потребната, ама нивната концепција е да ја заштитуваат (или протежираат) изворната музика!

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кажале кои категории на музика ја сметаат за народни, значи присутни се како извор, додека музикологот Коловски дава едно пошироко образложение, кое дозволува да има апсолутно мешање на она што го одредуваме како забавна со она што го третираме како народна! Текстот во „Нова Македонија“, значи, докажа постоење на две „дупки“ во третманот на програмските содржини од страна на Агенцијата, а, кои, засега во два наврати ја погодуваат токму онаа теелвизија која странските посматрачи ја пофалија за најнепристрасно информирање од последните избори. Ова затоа и се доживува како класично „ставање на дневен ред“ на еден медиум кој, меѓу другото, се карактеризира со некомерцијално третирање на културата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција