Рецензија: Се случи ТЕШКА СООБРАЌАЈКА – 14 годишно девојче загина, две момчиња повредени!

teskasoobrakajka-0987-09800-crop-resize

Вестите од рубриката „црна хроника“ сѐ почесто се објавуваат во нечесен дух и со манипулирање и притоа се води сметка само за кликовите, а не и за квалитетот и за професионалноста. Тоа предизвикува револт кај медиумски писмените читатели, кои знаат дека прикривањето на одредена информација која битно го менува критериумот „блискост“ во една вест, е со намера за наведување на погрешно толкување на информацијата. Особено во вестите за жртви и за катастрофи (но и воопшто во сите вести) непишано правило е во насловот да се прецизира местото на случување на настанот. Ако не се прецизира местото, тогаш се добива впечаток дека се работи за случка што се случила во Република Македонија.

teskasoobrakajkaЛинк до оригиналниот напис: Се случи ТЕШКА СООБРАЌАЈКА – 14 годишно девојче загина, две момчиња повредени!

Датум и време на објавување: 31.05.2014, 12:12

Датум на рецензирање: 02.06.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

 

ЧЕСНОСТА Е ВАЖНА ЗА КРЕДИБИЛИТЕТОТ

Нема логично оправдување зошто во насловот е изоставено местото каде што се случила сообраќајката. Читателот може да помисли дека таа се случила во Македонија. Никако не значи дека загубен живот во Србија вреди помалку од загубен живот во Македонија, но во критериумите за една вест важно е да се знае (и да се применува) дека потребата на читателите да прочитаат некоја информација е правопропорционална со нејзината блискост и импакт (ефект врз нив). Со ова невешто се манипулира, па дури по кликнувањето на овој текст дознаваме дека сообраќајката со тешки последици се случила во Србија, а не во Македонија.

Од несмасно оставените српски зборови може да се претпостави дека изворот на информацијата е од Србија, но тој експлицитно не е наведен и не е посочен. Оттука, не може да се дојде ниту до заклучок дали информациите се вистинити. Основната забелешка се состои во тоа што се користат нечесни техники за да се примами читателот, иако станува збор за крајно сензитивна информација и несреќни судбини на луѓе.

Насловот е посебна приказна. Иако он-лајн платформите оставаат поголема слобода споредено со печатените медиуми околу тоа како ќе се претстави некоја галерија или како ќе се посочи дека станува збор за фотографија, сепак овде имаме поинаква ситуација. Со големи букви се потенцираат сензационалистички зборови за да се хиперболизира и онака големата трагедија и да се „пушти повеќе крв низ мониторот“. Се прави обид за засилување на ужасната вест со извичник на крајот.

Во принципите на однесување од Кодексот на новинари на Македонија се вели:

Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат. Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

Тоа, меѓу другото, значи да не се бараат повеќе кликови на начин што ќе дезинформира и да се почитува тагата и жалоста на семејствата што ги загубиле блиските. Во ситуација кога се известува од настани со жртви, клучно е новинарот да се воздржи од сензационализам.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција