Рецензија: И за Анџелина сме Македонија

FireShot Screen Capture296И за Анџелина сме Македонија I Република Online-crop-resize

Веста за Глобалниот самит за запирање на сексуалното насилство за време на конфликт во Лондон е илустративен пример за тоа како од дрвото не се гледа шумата. Односно, како суштината на еден собир не заслужува речиси ниту еден ред, а една работа која, од аспект на собраните таму, е секако тривијалност, станува клучен мотив да се известува од местото на настанот или да се пренесуваат сознанија.

FireShot Screen Capture #296 - 'И за Анџелина сме Македонија I Република Online' - republika_mЛинк до оригиналниот напис: И за Анџелина сме Македонија

Датум и време на објавување: 11.06.2014, 17:15

Датум на рецензирање: 14.06.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Претстaвници на Грција не присуствуваат на Глобалниот самит за запирање на сексуалното насилство за време на конфликт во Лондон, затоа што нашата земја учествува под името Македонија. Актерката и амбасадорка на канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Анџелина Џоли и британскиот министер за надворешни работи, Вилијам Хејг, се домаќини на четиридневниот самит на кој присуствуваат претставници од над 140 држави од светот, меѓу кои и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски“.

Во основа, веста се потпира на известување на МИА од Атина, за ден потоа веројатно оттаму да се јави дека и Кипар не испратил претставник на тој настан. Има и неколку детали околу тоа како двете влади, онаа во Атина и онаа во Никозија се усогласувале околу(не)одењето за Хитроу.

Иако на самитот нема грчки претставник, локалните медиуми јавуваат за случувањата во Лондон, констатирајќи дека грчкото неприсуство е голем пропуст, се вели во веста. Со ова се дава на знаење дека штета од тој потег имала Грција, па така во некаков само нам (и на Грците) видлив меѓународен двобој, ние ги броиме нашите „успеси“. На самиот Самит во веста е посветена само една реченица, во која се издвојува актерката Џоли, одново, нели, само во функција на оправдување на бомбастичниот наслов. Како да пополнуваме само некаков албум со сликички, па ни фалеше само една – „признание на нашето уставно име“ од страна на холивудска ѕвезда од поголем маштаб.

Најпрвин, кој е во штета со ваквото известување. Грците немаат претставник, ама имале изобилно, според МИА, известувања од тој Самит! Или ние кои не знаеме ништо што имало на Самитот, ама затоа знаеме дека актерката Џоли „нѐ признала под уставно име“, една крајно проблематична формулација, нели!
Веројатно отсуството на релевантни информации за настанот и го натерало само што поставениот британски амбасадор кај нас – Чарлс Гарет да објави своја колумна (или подобро речено поширока информација на местото каде се објавуваат колумни) во Утрински весник за која потрошил доста „хартија“ да објасни што била целта на собирањето на политичари од висок ранг во Лондон. Ова повеќе како одговор на инсуфуцуенцијата на релевантни информации за Самитот кај нас!

Имено, она што било во Лондон од 10 до 13 јуни, во организација на британскиот секретар за надворешни работи Вилијам Хејг, како домаќин и Анџелина Џоли, специјален пратеник на ОН, како своевиден протеже на основната идеја, освен владини претставници, собирал и претставници на граѓанскиот сектор, на одбранбениот сектор и претставници на судски власти. Колку што можеме да забележиме од вестите, такви претставници, од повеќе сегменти, во Лондон од кај нас немало. Или останале анонимни, што е речиси исто. Се знае само за министерот за надворешни работи, Никола Попоски, „кој дал свој придонес“, ама после Самитот, по враќањето дома, не свика, да речеме прес конференција за да обнароди за што се дискутирало таму и што се нашите задачи, како и кои субјекти би ги понеле на својот грб.

Имено, тоа е Самит за еден посебно тежок вид на криминал од каде за нас произлегуваат само – конкретни обврски кои би помогнале да се отстрани силувањето и сексуалното насилство во конфликти од арсеналот на бруталност во светот. Ниту збор дека од вакви собири треба да извлекуваме некакви меѓународни поени, бидејќи, тоа би било некоректно кон оние кои нѐ повикале. Впрочем, знае ли актерката воопшто каде е нашата земја, да ја покаже со прст на картата на Европа? Некој веројатно ќе треба да ѝ помогне во тој напор, а камоли да се очекува таа да знае за историјатот на нашиот спор со соседна Грција!

Значи, тоа не е место каде формата на состанокот, нејзината официелност, би била над задачите и каде – заради ширината на учесниците – некој би внимавал над поентирањето во конкретното ословување на земјите учесници.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција