Инфективно новинарство: Ширење зараза и интригантство без извори

06202014-Dnevnik-Zaev-Pesac-crop-resize

[Рецензија: Зошто Заев оди пеш за Грција наместо со автомобилот од 80.000 евра?]

Има еден вид новинарство за кое нема да најдете лекции во учебниците, ниту, пак, во теориите за  медиумските жанрови и формати. Се вика инфективно новинарство, или инфективни новинарски текстови. Тоа се оние текстови што се интересни и интригантни, но во нив нема елементи кои можат да ја потврдат нивната вистинитост, најчесто се без извори, или во најдобар случај изворите се анонимни, по правило насловите се сензационалистички и по правило се дозираат толку колку да ја поттикнат инфекцијата, а да не предизвикаат реакција за одговорност на медиумот.

Имаме повеќе причини да го ставиме текстот што го рецензираме во категоријата инфективни и понатаму ќе ги презентираме аргументите за ова наше мислење со помош на методологијата за проверка на фактите во медиумските содржини.

06202014-Dnevnik-Zaev-PesacЛинк до оригиналниот напис: Зошто Заев оди пеш за Грција наместо со автомобилот од 80.000 евра?

Датум и време на објавување: 19.06.2014, 09:55

Датум на рецензирање: 20.06.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Прашањето на вистинитоста во овој текст, како што доликува на текстови со инфективна намена, не мора да е проблематично. Можно е сите детални описи на пешачењето на лидерот на опозицијата да се точни. Во детали. Но, која е поентата на оваа листа на влез/излез на граничните премини? Текстот се обидува поентата на овие постапки да ја поврзе со некои, според медиумот, важни настани кои се случиле во Брисел, Њујорк, Солун, Скопје и Демир Капија, во истите денови кога Заев пешачел.

Но, во самиот текст, авторот и медиумот предлагаат дека се работи за коинциденции:

„Се разбира, во секоја земја, па и во Македонија, секогаш има настани што можат да се врзат за одреден датум, па овие настани може да се сфатат и како занимливи коинциденции.“

Уште повеќе текстот дури и поентира:

„Kаква врска има тоа со патувањето на Заев во Грција? Не мора да има никаква, од друга страна, сешто може на човек на да му падне на памет.“

И навистина е во право авторот на текстот: Сешто може на човек да му падне на памет.

Тоа е главната поента на инфективните медиумски конструкции.

Но, прашање е дали вакви сенешта можат да му паднат и на некој новинар туку-така? И дали таквите сенешта можат да бидат материјал за да се изгради еден новинарски професионален текст?

Да ги провериме изворите на информациите за овој текст. Инфекцијата се активира уште во првиот пасус со сугестијата дека ова за што пишува авторот на овој текст, е, всушност, тема на разговори меѓу непријателите на лидерот на опозицијата во самата партија. И толку. Нема никаква индикација повеќе за тоа. Токму така како што налагаат текстовите што треба да инфицираат.

Ако се позанимаваме малку со можниот извор на податоците за влез/излез навиките на опoзицискиот лидер,  текстот објавува информации до кои новинарите можат да дојдат само со непосредно набљудување, или, пак, да ги добијат од институции кои имаат начини како да го следат движењето на граѓаните, со почитување на законските процедури, заради безбедносни причини.

Во организирана држава институциите на системот кои  спаѓаат во делот на државната безбедност работат според точно утврдени протоколи и за својата работа одговараат пред нивните надлежни – претседателот на државата или парламентот.

Оттаму, имајки ги предвид изјавите на пофалба за работењето на врвните претставници на таквите институции, како и на надлежните владини и министерски тела, немаме причини да се сомневаме дека овој вид на информации „истекле“ од тие институции.

Но, бидејки во тие институции работат луѓе со сите човечки слабости, од кои една е синдромот „длабоко грло“, тогаш една од претпоставките за тоа од каде медиумот добил толку прецизни податоци за пешачењето на опозицискиот лидер во граничната зона, е дека некој службеник во овие институции е зафатен од споменатиот синдром. Но, тоа е веќе друга приказна и таа не е од интерес на Сервисот за проверка на фактите од медиумите.

Но, прашањата на новинарската дистанца и на пристрасност, секако се дел од објективното одмерување на професионалоноста на еден новинарски текст. За жал, пристрасноста тука се изместила од својот баланс и покрај завршната реченица во текстот во која добиваме информација дека од лидерот на опозицијата било побарано објаснување за опишаните постапки. Тоа е видливо и во насловот на текстот кој има намера да инфицира една стара тема која еднаш веќе беше предмет на дел од медиумите.

На ова некој ќе додаде дека лидерот на опозицијата не е било кој човек и многу е легитимно да одговори кај оди пешки преку граница? Сигурно не е шверцер на ситни стоки кои носат по две торби преку граница… Така е, не е шверцер, но не е ниту комплетно лишен од својата приватност и од своето граѓанско право да патува и да се движи дури и преку граница доколку не го крши законот за гранична контрола.

Лек за инфективните текстови кои не се ништо повеќе од интересни и интригантни е уште еден лек на „и“ – игнорирање.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција