Рецензија: Евростат: Цените во Македонија речиси половина пониски од просекот во Европа

Евростат  Цените во Македонија речиси половина пониски од просекот во Европа Република Online-crop-resize

Оваа вест, заради грешките и непрецизностите во неа, е добар пример кој покажува дека кога се работи со бројки неопходно е зголемено внимание. Таа, исто така, по којзнае кој пат покажува и дека кога во една вест има многу бројки, графиконите и табелите се најдобро изразно средство.

Евростат  Цените во Македонија речиси половина пониски од просекот во Европа Република OnlineЛинк до оригиналниот напис: Евростат: Цените во Македонија речиси половина пониски од просекот во Европа

Датум и време на објавување: 24.06.2014, 8:15

Датум на рецензирање: 25.06.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Она што може да се види веднаш од насловот и од првите две реченици покажува дека во сите три овие делови има две различни, односно спротивни квантитативни квалификации од кои едната мора да биде погрешна.

Во насловот, кој гласи „Евростат: Цените во Македонија речиси половина пониски од просекот во Европа“ има јасна грешка. Како што може да се види од табелата на Еуростат, цените во Македонија не се „речиси половина пониски од просекот во Европа“, туку тие се над половина пониски.

Во првата реченица, пак, се вели:

„Цените во Македонија се речиси за една половина пониски во однос на просекот во Европа.“

Ова е исто како и насловот само со други зборови и е еднакво погрешно. Ако цените во земјава изнесуваат 47 отсто од европскиот просек, тогаш тие не се „речиси половина пониски“, туку се „над половина пониски.“

Во втората реченица е напишано точно:

„Во најновиот извештај на Европскиот завод за статистика се посочува дека потрошувачките цени во Македонија се на ниво од 47 отсто од европскиот просек.“

Проблем во однос на вистинитоста има и во последните две реченици од веста:

„За Македонија, бројките  покажуваат дека облеката во земјава се продава по речиси европски цени, додека значајно поевтини се  алкохолот и тутунот. Цените на храната во земјава изнесуваат речиси 60 отсто од европските.“

Првата информација, дека „облеката во земјава се продава по речиси европски цени“ не е точна. Цените на облеката во земјава се на ниво од 77 отсто од европскиот просек, односно тие се за 23 отсто пониски.

Со следните две тврдења за цените на алкохолот и тутунот, како и на храната, пак, проблемот не е во неточноста, туку во непрецизноста. Точно е дека алкохолот и цигарите се значајно поевтини, но уште подобро ќе беше да се кажеше дека тие се за дури 62 отсто поевтини од европскиот просек. Зборот значајно за секој читател има различно индивидуално значење и не кажува многу. За цените на храната се вели дека тие „изнесуваат речиси 60 отсто од европските“, додека точната бројка е 59 отсто. Оваа постапка на описно и заокружено информирање за бројки се користи во новинарството во некои ситуации, кога точните бројки се недостапни, но не и кога точно се знаат. Но, проблемот овде е нешто друго. Веста, во 14 реда има 6 бројки и ако за секој вид производ се кажува точниот процент, таа ќе биде оптоварена со премногу бројки. Но, тоа не значи дека заокружените и описните големини ќе ја завршат работата. Некои читатели, од најразлични причини, сакаат да ги дознаат точните бројки. Токму затоа, најдобро решение се графичките изразни средства како табелите и графиконите.

Податоците се бездруго од Еуростат, но проблемот е што во нивното пренесување се направени редица грешки. Дали станува збор за невнимание или нешто друго, не е сосема најјасно.

Веста ја задоволува новинарската минимум содржајност, но тоа не значи дека кажува многу. Еуростат има куп податоци, кои можеле да се искористат за збогатување на веста. На пример, интересно е да се знае дека во изминативе 10 години цените во земјава бележат раст во однос на европскиот просек. Ако во 2003 година тие биле 44 отсто од просекот, денес се 46,7 отсто и слично.

Како што рековме, насловот содржи грешка. Ако цените се 47 отсто од европскиот просек, тогаш тие се за 53 отсто поевтини, односно не се „речиси половина поевтини“, туку „над половина поевтини“ ако веќе ептен се сакало да се употреби описно изразување.

Фотографијата е површна. Таа е толку генерична што прашање е дали кажува било што. Парчиња облека што висат закачени во продавница можат да бидат илустрација за илјадници теми.

Со бројките мора да се внимава. Тие лесно можат да бидат протолкувани погрешно, како што е овде случај во насловот и внатре во телото на веста. Не можеме а уште еднаш да не ја повториме главната поента на рецензијава: кога имате многу бројки во една куса вест, ќе си направите услуга ако употребите табела или графикон.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција