Рецензија: Венизелос одлучен – Грција останува главна пречка за евроатлантските интеграции на Македонија

venizelos-0987-0980-crop-resize

Ставање сопствени мисли или зборови во туѓа уста – можеби тоа би било најсоодветното објаснување за овој текст. Тоа, пред сѐ, доаѓа до израз во насловот за кој, откако ќе се прочита целиот напис, лесно се увидува дека е, во најмала рака, несоодветен и некоректен. Дополнително, „тежината“ на непрофесионалниот пристап се зголемува со фактот што тема на текстот е проблемот за името – прашање за кое домашната јавност е исклучително чувствителна и на кое, барем според мене, новинарски треба да му се пристапува, колку и да е тешко, внимателно и аргументирано, а не хушкачки.

2

Линк до оригиналниот напис: Венизелос одлучен – Грција останува главна пречка за евроатлантските интеграции на Македонија

Датум и време на објавување: 30.06.2014, 14:48

Датум на рецензирање: 30.06.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ПРЕМНОГУ СЛОБОДНА НОВИНАРСКА ИНТЕРПРЕТАЦИЈА 

Да разјасниме, ова е преземена вест од државната новинска агенција и нејзиниот дописник во Атина. Тоа не се крие во текстот и е јасно наведено. Единствената разлика меѓу оригиналот и оваа, ајде така да ја наречеме, „копија“, пред сѐ, е во насловот. Имено, во „доработката“ ставен е „сопствен печат“ на насловната конструкција која во новата форма „Венизелос одлучен – Грција останува главна пречка за евроатлантските интеграции на Македонија“ звучи како шефот на грчката дипломатија самиот, јавно, на прес-конференција да кажал дека неговата земја е пречка за нашата држава да напредува кон европските институции. Но, такво нешто апсолутно никаде не стои подолу во содржината, односно нема таков цитат од Венизелос. Поточно, некој премногу слободно новинарски си ја протолкувал изјавата на шефот на грчката дипломатија.

Дополнително, со мало, не многу големо, познавање на состојбите во надворешната политика и односите меѓу Македонија и Грција многу лесно се утврдува дека висок грчки претставник, особено министер за надворешни работи, по пресудата на Меѓународниот суд на правдата, нема шанси да си дозволи таков луксуз и со такви настапи да ја загрози позицијата на неговата држава. Токму таквите послободни изјави на дел од политичкиот врв на Грција, дадени по НАТО Самитот во Букурешт, беа искористени како аргументи во македонската тужба пред судот во Хаг кој пред пред две и пол години пресуди дека Грција со постапката во Букурешт навистина ја прекршила Привремената спогодба потпишана меѓу двете земји уште во 1995-тата година. Но, да бидеме искрени, ниту насловот на основната вест на државната агенција, исто така, не е докрај коректен – „Грција останува главна пречка за евроатлантските интеграции на Македонија“, но, сепак, не е толку „утнат“ како во преземениот текст.

„Идејата на насловот во голема мерка треба да зависи, да извира од текстот на кој се однесува, да соодветствува на податоците, гледиштата на текстот“ – Новинарски жанрови.

 

СЛЕПО СЛЕДЕЊЕ НА САМО ЕДЕН ИЗВОР

Покрај проблематичниот наслов, на овој напис може да му забележи уште една, исто така, сериозна работа. Зборувајќи од искуство, знам колку е тешко да се дојде до вистинската вест од некој настан, кој како во случајов, бил надвор од земјава. Значи, неопходни се неброени консултирања на останати извори на информации, претходни познавања, „преглед“ на ситуацијата за во еден релативно кус новинарски производ на публиката да ѝ се пружи реален увид во состојбата. Затоа, пак ќе повторам, според мене,  недозволиво е потпирање само врз една агенциска вест за таков сериозен настан како што е сумирањето на шестмесечното претседателство на Грција со Европската унија. Рековме, темата е исклучително чувствителна – името, интеграции, блокади итн…

Ако се сакало, а сигурно со одреден труд и се можело, „слепо“ не би се преземале неумесните интерпретации од основната агенциска информација од типот:

„Како што јави дописникот на МИА од Атина, Венизелос на пресот поднесе извештај за постигнувањата на грчкото претседателство кои всушност се сведуваат само на разни иницијативи, без реализирани конкретни важни проекти. Тој самиот рече дека Атина реално претседавала само четири месеци, затоа што два месеца биле потрошени за локалните избори во Грција, и изборите за Европскиот парламент во сите земји членки“;

 

„За да покаже дека прави нешто во врска со Балканот, грчкото претседателство во мај ја организираше министерската конференција ЕУ-Западен Балкан, но само како потсетување на Солунскиот самит од 2003 година“.

Овие формулации самите се во контрадикторност со она што подолу стои во текстот, а тоа е дека за време на грчкото претседавање Србија ги почна преговорите за членство, а Албанија доби кандидатски статус. Тогаш како тогаш може да се вели дека Грција „сака да покаже дека нешто прави во врска со Балканот“, кога реално Атина, како претседавач, книжи два успеси во процесот на проширување, меѓу кои, за жал, не е и Македонија.

Мислам дека ова се соодветни примери за тоа што може да се добие кога се користат информации само од едно место, односно кога цел текст се врзува  само со една новинска агенција, особено што станува збор за сензитивна тема која бара поголемо внимание. Ваквото поставување на напис исклучиво врз „еден столб“, а притоа целиот материјал ѝ се пласира бомбастично на публиката, е знак за слаба или речиси минимална новинарска ангажираност, едноставно „copy-paste“ на содржината, намачкана со лош и провокативен наслов и чиниш, ете, солидна вест. Не, за жал, тоа не е така. Грешниот тек на новинарското создавање на веста во самиот оригинал едноставно е пресликан и во преземената вест.

 

„ПАТРИОТСКА“ ПРИСТРАСНОСТ

Тоа е очигледно и од пристрасноста која би ја нарекол „патриотска“. Да, навистина е болно дека нема реален напредок во евроинтеграциите на земјава поради едно прашање наметнато од соседна земја, но тоа не може и не смее да се рефлектира врз објективноста при пласирањето на информацијата. Нам, зборам и како граѓани, но и како новинари, секако не ни е мило што тоа се случува, ама, сепак, зарем се мисли дека со намалување на значењето што Србија почнала преговори, а Албанија добила кандидатски статус, иако и една и другата пред пет-шест години беа каде-каде зад Македонија, ситуацијата за земјава ќе се подобри? Плус, воопшто не е во ред, од аспект на вистинитост и коректност, да се релативизираат и останатите проблеми за кои Венизелос зборувал, а со кои Македонија, имајќи ги предвид пораките од Брисел и извештаите на ЕК, реално се соочува.

Оттука, заклучокот кој произлегува е дека сумирањето на нечиј настап не треба да претставува (пре)слободна новинарска интерпретација, туку концизен и вистинит пренос на ситуацијата, а притоа секако, колку и да е пецкаво и чувствително прашањето кое се обработува, емоциите да се раздвојат од професионалниот пристап.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција