Рецензија: Експертите потврдуваат дека нема кривично дело со „Македонска банка“

8ue-0987-098-crop-resize

Во новинарството условот за веродостојност на еден медиумски производ најмногу зависи од изворите. Од тоа какви се изворите, дали се посочени со нивните имиња и функции, дали од нив има фотографии или видео, најмногу ќе зависи дали читателот ќе поверува најнапред во тоа дека постојат, а потоа ќе оценува дали верува во она што тие го зборуваат. Но, тој мора да се увери дека извори навистина постојат. Овде, со ништо не му се дава на читателот оправдана причина да поверува дека изворите постојат. Дури и да постојат, не се поблиску лоцирани (од која област се, како ја добиле експертската титула, итн). Основната забелешка е, што во многу наврати се користи формулацијата „експертите“, а притоа воопшто не се посочува на ниту една поблиска квалификација за нивно лоцирање. Со други зборови, логичното прашање е кои се експертите и дали тие навистина нешто изјавиле.

8ueЛинк до оригиналниот напис: Експертите потврдуваат дека нема кривично дело со „Македонска банка“

Датум и време на објавување: 28.06.2014, 16:52

Датум на рецензирање: 02.07.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во однос на содржајноста, читателот не може да добие сеопфатни информации за тоа кои се причините и околностите поради кои обвинителството утврдило дека „Груевски ниту можел ниту извршил кривично дело во случајот Македонска банка“. За да се промени ова потребно е да се цитираат сите објаснувачки информации од соопштението на обвинителството. Кога се пишува дека делото е застарено, тоа е потребно да се докомплетира со цитирање на соодветните закони од кои читателот ќе може да се увери дека тоа е така.

Основната забелешка, сепак, е во тоа што се алудира на неименувани експерти со што се отвора прашањето дали можеби тие се штит и ѕид зад кој се кријат ставовите на некој друг. Ова секогаш се поставува како прашање кога не се дадени доволно индиции дека експертите се веродостојни. Барем еден цитат со наведен извор би можел значително да ја промени оваа перцепција. Но, такво нешто нема. Овие „експерти“, сепак, се еднострани и со единствено гледиште на ситуацијата, што прави да се претставува само едната страна на гледиштата без да се понудат различни ставови. Со тоа се остава впечаток на пристрасност. Овие „експерти“ се провлекуваат како основен извор покрај официјалниот, кој е Основното јавно обвинителство и тие се столб на кој се гради приказната околу која има една единствена идеја, без навлегување во суштината, површно да се одбрани еден субјект. Освен тоа се забележуваат и непрецизни формулации. На пример, СДСМ не е истражен орган за да го терети Груевски за нешто.

„СДСМ го теретеше Груевски за противзаконито посредување. Експертите за ова посочуваат дека е неосновно обвинување кое беше докажано со документи, закони и експертиза“.

Тежината која му недостасува на производот е длабинско прикажување на целосната слика, околностите, посочување на изворите со нивното име и презиме, како и бекграунд.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција