Рецензија: Во Билазора имало владетелска палата кога во Атина куќарќите биле од ќерпич

07082014-Dnevnik-Bilazora-crop-resize

Текстот што го рецензираме се повикува на стручните извори што ги користи, ги пренесува директно ставовите, не поставува многу прашања… Резултат на тоа е едностран, фактички и временски асинхрон текст кој не ја крие намерата за политичко контекстуализирање на една археолошка приказна.

07082014-Dnevnik-BilazoraЛинк до оригиналниот напис: Во Билазора имало владетелска палата кога во Атина куќарќите биле од ќерпич

Датум и време на објавување: 04.07.2014

Датум на рецензирање: 08.07.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Освен овие општи и не многу суштествени забелешки, има неколку многу битни. Како прво, оние задолжени да изведат наслов за сторијата, формирале наслов за кој немаат ниту еден аргумент видлив во самиот текст. Да изведете наслов од ништо дека во Билазора имало владетелска палата кога во Атина куќите биле од керпич, не сугерира ништо друго освен наслов со непотребна политичка димензија кој повлекува многу контра прашања: А, какви биле куќите во Билазора, можеби од мермер?!? Зошто се прави споредба токму со Атина? Зошто не со Рим, или со Вавилон, или со било кој друг градски центар од тој период, трети или втори век пред нашата ера?

Настрана најважното што објектите на локалитетот Билазора датираат од трети или втори век пред нашата ера, а Акрополис во Атина, на пример, е изграден во петтиот век.

Оваа, апсолутно непотребна антиквизација на новинарскиот текст, му прави само противуслуга. Со право реагира читателот на Сервисот за проверка на фактите од медиумите, на чиј предлог ја правиме оваа рецензија кога вели:

„Испаѓа дека Атина, која пред и во периодот на 5 и 4 век била најразвиената и најкултурната држава во светот, била само како некое село во споредба со Билазора. А никаде археолозиве на нашле доказ дека овие ископини на Градиште СЕ Билазора – никаков натпис не е најден за потврда, инаку ќе се фалеа со него. Самите наводи дека овие Пајонци „Тие биле најразвиени, до таа мерка како денес да ја споредувате Америка со Балканот.” се поради тоа што тие биле најблиски до Античките Грци и од нив преземале елементи, како на пример градење палати за локалните моќници што микенските Грци го правеле 5 века ПРЕТХОДНО. “

Овој асинхронитет на споредби по епохи оди дотаму што се споредуваат преданија и записи со повеќевековни разлики. На пример: се наведува дека уште Хомер во „Илијада“ ги споменува пајонските војници, но овој епски запис опишува настани од 13 и 12 век пред Христа што е сосема друг временски, цивилизациски и културен контекст на Пајонија од времето на еден од последните античко-македонски кралеви, Филип V.

Новинарите, ако не сакаат да бидат рутинери и незаинтересирани, мора да се подготват кога пишуваат текстови кои, како овој, секако дека бараат претходна подготовка. Не можете туку-така да отидете кај изворот на вашата приказна и да ѝ се препуштите на приказната. Само подготовката за оваа рецензија, гуглањето за Билазора, на рецензентот му одзеде 4-5 часа. Што останува за новинарот кога треба да пишува ваква сторија?

Ако намерата на текстот била да даде придонес кон античките митови како корени на современа Македонија, тогаш целта е постигната. Но, доколку новинарската постапка била доследна во намерата да направи една објективна слика за Билазора, тогаш недостасуваат реални факти за кој одговорите би биле добиени доколку биле поставени прашања. На пример: колкава била таа палата, димензии, споредба со други палати во поширокиот регион, односно на другите Пајонци, Македонци, Тракијци…

Една таква слика се добива од видео презентацијата на археологот д-р Вилијам Најдингер, од универзитетот „Св. Томас“ од Хјустон, Тексас, САД, раководител на тимот кој од 2007 до 2013 година темелно го истражуваше локалитетот. Неговите сознанија се дека се работи за импозантен археолошки локалитет, но неговата научна одмереност е сосема далеку од егзалтацијата на ќерпичот на Атина до двата коринтски столба на владетелската палата на Билазора.

За крајот на оваа рецензија, уште еден временски асинхронитет што го констатира и нашиот читател на чиј предлог ја пишуваме оваа рецензија:

„Според распонот на движните наоди и белезите на архитектурата, резиденцијалната палата била во употреба во 5 и 4 век пр.н.е. На подот откривме монети, една од нив е и сребрената монета на Александар Трети Македонски. Таа го датира точно времето на уривање. Тоа се случило кон крајот на 4 или почетокот на 3 век, но никако подоцна. “

Монета од Александар Трети Македонски можело да има било кој во периодот било кога ПОДОЦНА од тој крал, а никако ПОРАНО, констатира нашиот читател, а нам ни останува само да се согласиме со него.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција