Рецензија: Миленко на ФБ: Мухамед Зекири е девојче

Milenko-09876-098-crop-resize

Во македонското новинарство се е можно, па така и Фејсбук статуси да стануваат главни теми во медиумите. Ова е случај и со овој текст. Но, ако веќе стана пракса да се дојде до текст само со copy-paste од Фејсбук, сега тоа излезе од контрола. На Фејсбук се појавуваат статуси од секаков вид, од понижувачки, траорни до криминални и опасни. Затоа, кога се почна со таа пракса никој не помисли дека ќе дојдеме до ова дереџе. А, тоа е крајно безобразни статуси да стануваат вест и тоа главна вест во медиумите.

MilenkoЛинк до оригиналниот напис: Миленко на ФБ: Мухамед Зекири е девојче

Датум и време на објавување: 11.07.2014, 10:33

Датум на рецензирање: 12.07.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

НЕПОЧИТУВАЊЕ НА КОДЕКСОТ

Статусот постои, тоа е точно. Друго прашање е дали се смеело тоа да се пренесе или не во смисла на етичкиот дел од Кодекс на новинарите, особено кога станува збор за членот 16 кој вели:

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различноста на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги;

Изворот на информација е Фејсбук. Но, кога станува збор за социјалните мрежи мора многу да се внимава како, кога и што ќе се пренесе. Тука овој статус е само искористен за навреда и омаловажување на колега и нема некоја друга смисла или логика.

Текстот има и полова дискриминација, во делот на статусот што е спротивно со членот 10 од Кодексот на новинари:

Новинарот нема свесно да создава, ниту да преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и на дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…)

Се гледа дека текстот има навивачка конотација. Односно, сака да понижи некого во интерес на некој друг.

Па, кога се работи за Фејсбук статус, всушност, целиот текст е коментар. Тука има еден премногу слободен личен став, кој се пренел и станал новинарски текст или барем имал намера да стане. Дури и во текстот (малку биле навредите преку статусот) се потрудиле да докоментираат и да дообјаснат:

Целта на Зекири беше да претстави слика дека премиерот не гостува во емисии на албански јазик, а Груевски токму вчера гостуваше во ударните вести на албански јазик на националниот сервис МРТ.

Се разбира, секому му е јасно дека не е исто гостување на медиум кој е пријателски настроен кон премиерот, каков што е јавниот сервис на албански јазик на МРТ и критички насторена комерцијална телевизија каде што можат да бидат поставени и непријатни прашања.

 

НАВРЕДИ И ПОЛОВА ДИСКРИМИНАЦИЈА УШТЕ ОД НАСЛОВОТ

Текстот е оргинал, но тоа воопшто и не е важно. Насловот содржи полова дискриминација и навредува. Иако текстот не би смеел ни да биде објавен, тој уште повеќе не би смеел да биде објавен со ваков наслов. Во насловот стои „Мухамед Зекири е девојче“, а причината за тоа е неговото наводно несакање да учествува во емисијата на Миленко Недлековски. Ова е навредливо за колегата Зекири и неговото недоаѓање во емисијата сигурно нема врска со она што се тврди во насловот.

Редица новинари ни на сон не би гостувале во оваа емисија во знак на протест заради изјавите на водителот кои повикуваат на насилство против колеги со чии ставови Неделковски не се согласува, заради навредите кои ги содржат тие изјави, при што има и такви каде новинари се нарекуваат предавници, иако тоа е правна категорија и ниеден новинар во земјава никогаш не бил осуден за предавство, што би претставувало единствен основ некому да му се стави таква етикета. Да не говориме, пак, за фактот што кога некој и би гостувал во оваа емисија, а е критички настроен кон власта, голема е веројатноста дека таквото лице ќе биде во малцинство и тоа најчесто единствено со такви ставови, против себе ќе има троца или четворица други гости со кои ќе мора да полемизира истовремено и покрај тоа што ќе има три или четири пати помалку време, а може да се очекува дека и во емисијата ќе биде нарекуван предавник или поинаку навредуван, што и порано се има случувано.

Текстот содржи полова дискриминација кон целиот женски пол, се разбира, зашто преносно наведува дека жените се поплашливи од мажите кога станува збор за гостување во телевизиски емисии и за дебатирање, што, секако, нема никаква научна потврда. Ваквиот наслов и ваквото тврдење, кое е повторено и внатре во текстот, само ги потхранува стереотипите кои постојат во македонското општество во однос на женскиот пол, а кои со ништо не се поткрепени. Покрај ова, зборовите „талибанче што крши споменици“ се, пак, типичен пример за верска дискриминација.

Фотографијата е ставена колку за илустрација.

Новинарот треба да ги почитува човековите права и слободи, како и културните, религиозните и етничките разлики и да не поттикнува дискриминација по верска, национална, расна, полова или кој било друг вид омраза. Во овој текст има дискриминација и навредлив говор, како и обид  да се дискредитира личноста.

Понижувачки е колегите помеѓу себе да си пукаат во нога. Но, ете и тоа се случува во Македонија. Иако е погрешно, непотребно и недолично, во последно време сѐпочестосепојавуваат текстови во кои се труди да се омаловажат колегите. Тоа би требало да запре веднаш, ако не денеска требало да запре уште вчера.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција