Рецензија: (ФОТО) Ќерката на Роза Топузова- Каревска летува во Португалија во хотел со 5 ѕвезди

25-098765-098-crop-resize

Имаме фото-вест со многу кус текст, но со сериозно изместено тежиште. Ова го велиме од причина што се сакало да се докаже некаква поента преку крајно извитоперен новинарски пристап. Очигледно намерата била да се „наштети“ на родителот преку објавување и саркастично „збогатување“ на информацијата каде се одмора неговото дете. Народски кажано: „Ако не можеш по магарето, удри по самарот“. Ова, секако, е неприфатливо новинарство.

2Линк до оригиналниот напис: (ФОТО) Ќерката на Роза Топузова- Каревска летува во Португалија во хотел со 5 ѕвезди

Датум и време на објавување: 22.07.2014, 18:21

Датум на рецензирање: 25.07.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

ИЗБРЗАН СЕНЗАЦИОНАЛИЗАМ НАМЕСТО КРЕДИБИЛНО НОВИНАРСТВО

Ќе бидеме благи ако само кажеме дека вистинитоста на овој текст е проблематична. Пораката која сакала да се прати е дека опозициската пратеничка, која се одметна од својата партијата и наспроти одлуката да се бојкотира парламентот реши да седне на собраниската клупа, си дозволила сопствената ќерка да ја прати на одмор во странство во хотел со 5 ѕвезди. Но, тука настанува проблемот поради фактот кој некој не го имал во предвид – а тоа е дека девојката која одмора во скапо летувалиште, како што самата соопшти, а некои други медиуми тоа дополнително го исполитизираа, веќе со години живее и работи надвор од Македонија и располага со сопствен буџет кој може да си го троши како сака. Ова е соодветен пример за избрзан сензационализам наместо кредибилно новинарство.

Вакви случаи се чести кога како основен, но и единствен извор на информации се користат само податоците достапни на Фејсбук. Не дека фејсбук не треба да се ползува за собирање вести, но не секогаш новинарот може да се потпре само на тоа. На пример, доколку некој се јавел и ја прашал спомената пратеничка како тоа нејзината ќерка може да арчи пари по скапи странски хотели, сигурно ќе добиел соодветен одговор и ваков „климав“ напис најверојатно не би се појавил. Се согласувам дека кај публиката има интерес да ги следи животите на другите, особено познатите или роднините на познатите и политичарите, ама, сепак, мора да се има мерка до каде се оди. За каква содржајност зборуваме кога дете треба да одговара за постапките на родителот?! Тука доаѓаме до другиот елемент кој се забележеува во текстот – пристрасноста. Очигледна е сериозната „напаѓачка доза“ на материјалот:

„Ќерката на пратеничката Роза Топузова- Каревска, пратеничката од ЛДП која реши да остане во Собранието кое нејзината партија не го признава, се сонча на една од најубавите плажи во Португалија, пишува порталот Народен глас. Според овој портал, Стефана Каревска летува во хотел со пет ѕвездички“.

 

ОРИГИНАЛОТ ПОВЛЕЧЕН, КОПИЈАТА СЀ УШТЕ СТОИ

Од овој пасус гледаме дека текстот е преземен, но она што е интересно е дека оригиналниот напис е повлечен, најверојатно поради излетувањето со информацијата, додека на другиот портал сѐ уште стои ваквата вест. Можеби причината поради која преземената информација сѐ уште ѝ е достапна на публиката, и покрај демантот од засегната страна, е дека носи многу „кликови“ кои секако се должат и на сензационалистичкиот и, имајќи ја предвид вистинската ситуација, тенденциозен наслов.

Материјалот е придружен со неколку фотографии кои имаат наменска цел да (до)кажат како „се трошат парите на мама“. Фотките можеби и ќе завршеле работа, доколку ситуацијата навистина беше таква.

Затоа, од претходно кажаното, овој текст може да се оквалификува како некакво „пакосно“ новинарство.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција