Рецензии: Лиеж: Премиерот Груевски веднаш позади принцот Вилијам и Кејт Мидлтон

Liez Gruevski Princ-crop-resize

Иако фотографиите ретко кога во рамките на Проектот за проверка на факти во медиумите биле повод за рецензија, еве и една таква исправка. Причина: присуството на македонскиот премиер Никола Груевски на одбележувањето на почетокот на Првата светска војна во Лиеж, што ги предизвика медиумите да ја издвојат позицијата на македонскиот шеф на Владата во однос на кремот на европските политичари, во распоредот за седење на главната бина во белгискиот град. Премиерот е прикажан како седи „веднаш зад принцовската двојка од Лондон“, што треба да значи, нели, дека Македонија и нејзиното раководство се на висока цена. Дали е тоа вистина?

Liez Gruevski PrincЛинк до оригиналниот напис: Лиеж: Премиерот Груевски веднаш позади принцот Вилијам и Кејт Мидлтон

Датум и време на објавување: 04.08.2014, 14:29

Датум на рецензирање: 07.08.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Нашиот премиер ја имаше таа чест да седи веднаш позади војводата и војвотката од Кембриџ – принцот Вилијам и неговата сопруга Кејт Мидлтон, францускиот претседател Франсоа Оланд и германскиот претседател Јоаким Гаук“. Вака гласи дел од веста во „Телеграф“.

Инаку, овде оваа вест е најраскошно презентирана, дури и нуди видео, каде се гледа истата ситуација од истиот агол, во делче од секунда, иако прилогот таму е долг дури 4 минути.

Фотографија од истиот настан, но од друг ракурс, снимена фронтално (види тука) јасно покажува дека премиерот Груевски не ни седи во ист дел на трибината, каде гостите очевидно се поделени на два табори: во едниот, протоколарно поважниот и позначајниот, каде се сместени престолонаследничката двојка и другите шефови на држави (монарси и претседатели на држави), туку во другиот дел каде се сместени премиери и (можеби) други гости. Груевски седи во вториот од трите редови во тој сегмент на трибината.

Оваа лажна перспектива, која е дрзок пример на груба конструкција, ја објавија и други портали и многу други медиуми, што се вели на социјалните мрежи фатени со невистинита констатација, направија измени, па денес не можете да ја видите нивната измама, но затоа се објави втора серија на текстови од типот „Груевски ја покани славната двојка да ја посетат Македонија“ со нова слика, која покажува како Груевски се симнува од трибината веднаш зад наследникот на тронот Вилијам и неговата сопруга, што е нели, чиста случајност од која не треба да се прават никакви алузии за било чие значење.

Многу побитно од сето ова е дали нашиот премиер остварил барем контакти со други високи политичари од континентот. Еве ја листата (види овде), според која премиерот Груевски „неформално разговарал со претседателот на Европската Комисија во заминување Жозе Мануел Баросо, со бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, претседателот на Србија Томислав Николиќ, албанскиот претседател Бујар Нишани, како и црногорскиот претседател Филип Вујановиќ“. Значи со еден експретставник на Унијата (!) и со политичари од соседството, со кои може да се види „од прозорецот“. И сите тие, патем, биле претседатели на држави, а ние таму испративме – претседател на Влада, што секако говори за позицијата на македонскиот претседател, ама тоа е друга тема.

Ваквото претворање на една фотосесија од настан кој има сосема поинаква – реминисцентна – цел, која во извештаите во нашите медиуми е сосема заборавена (!), во нешто сосема друго, говори дека не престануваме со медиумските обиди за градирање на макполитичарите „високо на континетот“, што е невкусно, секако најпрвин и затоа што е невистинито.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција