Рецензија: Ужасно убиство: Го фрлил двегодишното дете од десетти спрат па ја убил баба му

recenzijanatekst-098-09876-crop-resize

Да се пренесе информацијата коректно не значи само да се пренесат точни информации, туку и да се направи соодветен распоред на одговорите на петте основни новинарски прашања, односно тие да се подредат по приоритет. Сѐ почесто се случува во текстовите да се одбегнува да се наведе местото на настанот за кој се известува, со што, најверојатно свесно, се прави нечесен обид да се „залаже“ оној што чита, дека настанот се случил во Македонија и да се создаде привид дека настанот е  поимпактен и поблизок. Ова создава анимозитет и губење на довербата кај публиката што е запознаена со правилата на медиумското изразување.

recenzijanatekstЛинк до оригиналниот напис: Ужасно убиство: Го фрлил двегодишното дете од десетти спрат па ја убил баба му

Датум и време на објавување: 05.08.2014

Датум на рецензирање: 08.08.2014

Рецензент: Мирослава Бурнс

Пред нас се наоѓа куса вест за настан што се случил во Русија. Но, местото каде се случило убиството го дознаваме дури на крајот, иако при известување од вакви настани логично е и неопходно тоа да се наведе на самиот почеток како основна информација. Графички текстот е одделен со фотографија, која, исто така, може да биде пречка да се добие потребната информација за местото на случувањето што побрзо, односно во главата на текстот. Иако медиумите на интернет ја имаат предноста да линкуваат и да ги поврзуваат статиите со изворите од каде што ги презеле информациите, оваа можност, карактеристична за онлајн медиумите, не е искористена. Сепак, даден е изворот Итар Тас кој е релевантен. Но, веста е премногу кратка и личи на прв дел од „вест во низа“.  Забелешката е дека се остава сомнеж да се помисли како веста да се случила во земјава, со намера да се  наведе читателот на погрешно толкување, . Трикот навистина носи повеќе кликови, но ефектот е губење на довербата. Во насловот се коментира дека убиството е ужасно. Зарем постои убиство што не е ужасно? Оттука, нејасна е потребата за користење на квалификацијата и таа го открива сензационалистичкиот пристап. Нема потреба од „засилување“ или „ублажување“ на ужасот. Доволно е да се пренесат само фактите, на начин кој ќе биде релевантен и чесен.

На крајот, сосема накусо, новинарот треба да биде во состојба да ги потпишува своите текстови или текстовите што ги преработува, со што создава доверба кај читателите и формира личен кредибилитет. Псевдонимите (или никовите) делуваат непрофесионално.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција