Рецензија: Што монструмот го чека во затвор? – ќе го проколне денот на раѓање!!!

FireShot-Screen-Capture-048-siluvanje-crop-resize

Без сомневање, пред нас е текст за кој се потребни и јак желудник и силни нерви да се прочита до крај и да се свари неговата содржина. Текстот е поврзан со случајот на неодамнешното свирепо убиство на девојче во Србија и претставува вознемирувачки опис на малтретирањата и ужасите на кои вообичаено (според тврдењето во написот) по затворите се изложени осудените за убиства, силувања и малтретирања на деца, а на кои ги подложуваат останатите затвореници. Иако и порано во повеќе наврати медиумите се занимавале со оваа шокантна појава на садизам и своевидна сурова ретрибуција со која самите затвореници ја „преземале правдата во свои раце“ и спроведувале сексуално насилство врз силувачите и убијците на деца, текстот кој е предмет на рецензијава дава толку детален опис на мачењата кои наводно го чекаат човекот, кој е осомничен за убиство на тинејџерката Тијана Јуриќ, што изискува посебен напор да биде прочитан докрај.

Се работи за преземен и преведен текст од српски портал, но тој факт им е премолчен на читателите и грижливо се избришани секакви назнаки дека станува збор за напис во кој стојат податоци и искази добиени од анонимен затвореник од Србија. Она што, меѓутоа, веќе на прв поглед ја кажува вистината е неоригиналниот, преземен (поточно, лошо преведен) наслов во кој сѐ уште стои срспката граматичка конструкција на реченицата! Ништо подобра не е ниту состојбата со самиот текст, каде, исто така, се гледа дека преводот на текстот од српски не одел баш лесно и каде што се евидентни грешките.

Но, лошиот превод ни оддалеку не е и најголемиот проблем на овој напис. Во овој текст осомничениот се именува како „овој монструм“, иако во оригиналот таква квалификација е избегната (таму се зборува за тоа „што ги чека во затвор монструмите што ќе сторат вакво дело“) . Една од клучните препораки во Прирачникот за етика во новинарството гласи:

 „Новинарското известување не смее да биде начин за општествено казнување на осомничените и нивно ставање на столб на срамот“. 

Препораки за почитување на презумпцијата на невиност во новинарската практика има во повеќето етички кодекси и прирачници на национални новинарски асоцијации, како и поголеми новински и телевизиски куќи (Њујорк Тајмс, Би-Би-Си и др.)

Сепак, она што, без сомнение го прави овој текст неприфатлив од аспект на општоприфатените етички, а посебно од аспект на новинарските стандарди, е невкусот и дегутантноста на неговата содржина. Начинот на кој се вршат силувањата и реквизитите кои притоа се користат, сето тоа раскажано со доза на своевиден одмазднички ентузијазам, се детали кои навистина не ѝ се неопходни на јавноста или барем, како што е пракса во светот, таа содржина треба да биде издвоена од останатата, а читателот треба да биде соодветно опоменат, со предупредувачки банери или линкуван.

„Покажете добар вкус. Избегнувајте повладување на ниските страсти за да предизвикате љубопитност“ ( „Show good taste. Avoid pandering to lurid curiosity“, SPJ Code of ethics).

Рецензија: Што монструмот го чека во затвор? - ќе го проколне денот на раѓање!!!Линк до оригиналниот напис: Што монструмот го чека во затвор? – ќе го проколне денот на раѓање!!!

Датум и време на објавување: 7.08.2014, 20:08

Датум на рецензирање: 11.08.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Фактите што се наведуваат во изјавата и во описите добиени од анонимниот извор на информации (на оригиналниот напис) не се проверливи. Не може да се утврди веродостојноста на исказите на затвореникот, кој наводно ги објаснува ужасните детали од насилството наменето за убијци и извршители на насилни криминални дела врз деца, иако за таквата пракса јавноста и порано имала прилика да слушне.

Изворите на информации во овој текст се проблематична категорија. Тие се неофицијални и анонимни, но всушност и не биле достапни на медиумот кој ги користи, туку на медиумот кој оригинално го објавил текстот. Во текстот кој ние го рецензираме, нема назнака дека се цитира туѓ текст, а со тоа и туѓи извори. Се поставува и прашањето на релевантноста како на изворот, така и на самите тврдења.

Ни оддалеку не е применет принципот на сепофатност. Освен тврдењата базирани на исказот на анонимниот затвореник, текстот нема други релевантни содржини поврзани со темата која ја обработува (искази и толкувања на пенолози, криминолози, психолози и тн.)

Со мали, несмасно направени корекции на оригиналот, овој напис е превод и целосна копија на напис од српски сајт. И самиот наслов е лош превод од оригиналниот, не е направен напор со нов наслов дури ни да се замаскира „позајмувањето“ на содржината.

Во конкретниот случај написов само се надоврзува на веќе присутниот говор на омраза, со кој медиумите го третираат убиецот на малата Тијана Јуриќ.

Убиството на малолетничката во Србија доби огромен публицитет кај тамошната, но и поширока јавност, а лицето кое потоа беше уапсено под сомневање дека го сторило убиството (и го признало во истрагата),  беше дочекано со огромен гнев. Во светлото на ова треба да се набљудува и третманот што тој го добива во српските и балкански медиуми, кои како да се натпреваруваат во кревањето негативни сентименти кон осомничениот, за што сведочи и суровиот опис на силувањето, што, наводно, му се заканува во затвор. Предметниот текст е еден од најекстремните примери за тоа. Прашањето кое овој текст го покренува, на крајот е, која е неговата релевантност за јавноста, која е потребата таа до детали да биде запознаена со бруталната „практика“ на силување на силувачите и убијците на деца кога ќе се најдат во затвор. За да ѝ олесни или, пак, се работи за подгревање на најниските страсти кај читателската публика, сѐ со цел да се зголеми гледаноста и читаноста.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција