Рецензија: Во Рио де Жанеиро се родило бебе на чии раце пишувало Исус се враќа

FireShot Screen Capture 051-09876-098-crop-resize

На многу луѓе им е мака да гледаат по втор пат ист филм. Некои не можеш да ги натераш по втор пат да читаат ист роман. А да слушнеш бајата вест? И тоа бајаги стара – едно седум години!? Тоа гледачите на оваа вест можеа да го искусат деновиве – сеедно што е стара, дај те ја ваму, си рекле уредниците, иако е еднаш објавена во ноември 2007 година, ама е интересна!

FireShot Screen Capture 051-09876-098Линк до оригиналниот напис: Во Рио де Жанеиро се родило бебе на чии раце пишувало Исус се враќа

Датум и време на објавување: 13. 08. 2014, 15:32

Датум на рецензирање: 15.08.2014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Во предградието Итагуа на бразилскиот град Рио де Жанеиро на 15 јуни 2007 година е родено девојче со споени дланки, како да моли. Лекарите им соопштиле на родителите дека ќе го оперираат девојчето под наркоза. Операцијата била многу едноставна, затоа што дланките и биле поврзани само со тенок слој кожа. Кога ги отвориле дланките на детето, се изненадиле кога на нив виделе дека е испишано: „Исус се враќа“… Лекарите почнале да плачат, како и сите останати кои биле во болницата. Луѓето од предградието Итагуа како да се препородиле. Тие кои се оддалечиле од црквата почнале да се враќаат, а други го прифатиле Исус како свој единствен Спасител“.

Она што прво ќе си го помислите во врска со оваа вест, кога ќе ја слушнете, e дека во неа има некаква грешка, односно дека веста е свежа ама е погрешен датумот. Не е вообичаено туку-така уредништвото да признава дека поставило на сајтот како занимлиост нешто бајаги ветво. Но, ако проверите (види тука) излегува дека веста навистина е стара, дека се случила пред седум години. Потоа, ќе си помислите дека можеби во неа има некои нови елементи. Да речеме – нека ни биде простено – девојчето воскреснало, се јавил нов таков случај на планетава или во крајна линија нѐ посетил некој на планетава согласно на предвидувањата од Бразил… Но, проверивме, такво нешто нема, што значи дека веста не е ниту случајно скусена, некоја невнимателна ножица во монтажата да го исекла најинтересниот дел!

Повеќе е веројатно дека некој од дескот налетал на некој религиозен портал, па наседнал на „атрактивноста“ на времепловот. Овој случај е експлоатиран од религиозните сајтови до бесконечност (види овде и овде), некои дури и немаат точен датум на настанот, со што се добива впечаток дека се работи за „свежа“ работа.

Ама одговорно уредништво мора да ги филтрира ваквите настани и не само заради застареноста на настанот, туку и заради ненавлегувањето во пропагандистички „филмови“.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција