Рецензија: Со овој статус на Фејсбук Сергеј Варошлија ја шокираше јавноста

maxim_mk_so-ovoj-status-na-fejsbuk-sergej-varoshlija-ja-shokirashe-javnosta-crop-resize

Кусата вест што ја рецензираме делува  збунувачки.  Се состои  само од две реченици, озаглавена е со наслов: „Со овој статус на Фејсбук Сергеј Варошлија ја шокираше јавноста“, а како илустрација е употребен скриншот од постот на актерот Тони Михајловски! Така што, читателите не може да разберат каква „шокантна“ објава имал на Фејсбук познатиот стилист.

maxim_mk_so-ovoj-status-na-fejsbuk-sergej-varoshlija-ja-shokirashe-javnostaЛинк до оригиналниот напис: Со овој статус на Фејсбук Сергеј Варошлија ја шокираше јавноста

Датум и време на објавување: 24.08.2014, 14:07

Датум на рецензирање: 27.08.2014

Рецензент: Оливера Војновска

 

ЛОШО ПРЕПИШАНА ВЕСТ

Како единствен извор на информации е посочен  статус на Фејсбук. Намерата на медиумот веројатно била да информира дека стилистот преку својот ФБ профил им испратил порака на оние кои, наводно, пуштаат гласини дека е болен. Меѓутоа, наместо статусот на Варошлија, прикажана е  Фејсбук – пораката на Михајловски до оние кои го прифатија „ледениот предизвик“ да се полеваат со кофа вода.

Но, како всушност се случила ваквата грешка?

На 24 август повеќе медиуми, некои порано – некои подоцна во текот на денот, ги објавија фото- вестите за статусите на Варошлија и на Михајловски. Во конкретниот случај, порталот во 14,07 часот го објави текстот што го рецензираме, а три минути претходно, односно во 14,04 часот ја пласираше веста за постот на Михајловски со наслов: „Тони Михајловски на Фејсбук ги „утепа” оние кои се полеваат со ледена вода“.

Час и половина, пак, претходно вести со идентични наслови беа пласирани на еден друг медиум. И тоа, веста со наслов: „Со овој статус на Фејсбук Сергеј Варошлија ја шокираше јавноста“ (според агрегаторот Дејли),  е објавена  во 12, 38 часот, а написот насловен: „Тони Михајловски на Фејсбук ги „утепа” оние кои се полеваат со ледена вода“,  во 12, 35 часот.

Па, како што може да се забележи, веројатно двете вести се преземени од истиот портал и во брзањето не е сменета илустрацијата, односно скриншотот  од Фејсбук-профилот на Михајловски со оној од статусот на Варошлија.  Што укажува на тоа дека пред нас имаме една лошо препишана вест.

И, како што со право забележува читателката на чиј предлог го рецензираме написот: „Кога се краде и препишува, дури не се гледа дали текстот одговара со фотографијата. Битно, да се пласира информацијата!“.

Настрана тоа што  „Фејсбук не е простор за новинарско самопослужување“ , како што впрочем е посочено во новинарската лекција  објавена на страниците на Сервисот за проверка на факти од медиумите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција