Рецензија: Домашни и странски туристи го наполнија Смилевскиот музеј

Smilevski-muzej-crop-resize

Во Кодексот на новинари се вели:

Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со членот 16 од Уставот на Република Македонија.

Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.

И во член 1 стои:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.
Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.
Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Во овој текст не се испочитувани овие начела на Кодексот на новинарите. Претеран и претенциозен е насловот на текстот, кој е далеку од вистината. Најверојатно е направен прилог за да се пополни терминот на вестите, но тоа не смее да се прави на овој начин. Според насловот, во прилогот се очекува да се види врвулица од народ во Смилевскиот музеј, но за чудо таму има само еден човек со своите две малолетни деца. И сето тоа е: Домашни и странски туристи го наполнија Смилевскиот музеј.

Затоа и овој текст е денеска тука на рецензија.

Smilevski muzejЛинк до оригиналниот напис: Домашни и странски туристи го наполнија Смилевскиот музеј

Датум и време на објавување: 24:08.2014, 14:51

Датум на рецензирање: 02.09.2014

Рецензент: Владо Ѓорчев

 

КАДЕ СЕ ЛУЃЕТО?

Од прилогот никаде не може да се забележи дека музејот е преполн со луѓе. Ако таа претпоставка е земена поради присуството на еден човек и тоа повратник од странство, тогаш целиот пристап е погрешен. Дури ниту од изјавата на одржувачот на музејот, Ѓорги Коштревски, не може тоа да се заклучи.

Тој вели:

,,Поставките во музејот се интересни како за домашните посетители, така и за странците. Посетеноста во музејот во Смилево од година во година е поголема. Повеќе посетители има сега во летниот период. Инаку, во текот на годината имаме и посети од училиштата. Се прават напори со писма до основните и средни училишта за да имаме уште поголема посетеност. На овој начин целта е музејот да има и едукативна функција за нашите млади генерации.“

Значи, ниту одржувачот на Музејот, кој е таму секој ден, не вели дека тој е полн. Дури и на момент се жали дека прават напори да се придобијат повеќе посетители од училиштата за да може музејот да функционира.

Истиот човек, пред три години, пак, за Радио Слободна Европа има изјавено:

Посетеноста во првите неколку години беше поголема, сега е многу послабо. Се прават напори со писма до основните и средни училишта за да имаме поголема посетеност. Месечно ако нема​ученици бројката е многу мала од 20 до 30 лица“.

Значи, тој признава дека бројката е многу мала и дека зависат од учениците. Со тоа паѓа целосно во вода тезата дека Музејот е преполн со луѓе.

Овој медиум пред само две години објави сторија за Смилевскиот музеј со наслов: „Смилевскиот музеј оставен на забот на времето“, во кој се тврди дека никој не се грижи за него (на пребарувачите се зачувани само траги на овој текст, но не и целиот). При пребарувањето низ медиумите и низ интернет не може, пак, да се забележи ниту еден документ или напис дека нешто е сторено со овој музеј во последните две години. Затоа и се поставува прашањето како музејот стана атрактивен и со што за овие две години? Ова прашање не го одговара ниту прилогот.

Има извори на информација, но, сепак, никаде не може од нив да се чуе за огромната посетеност.

 

МНОГУ СЛАБОСТИ

Инаку текстот има повеќе слабости. Ако веќе се одлучило да се прави тема за голема посетеност, секој гледач би сакал да чуе нешто и во бројки. На пример, колку посети остварил Музејот за време на летните месеци? Тогаш најверојатно и има повеќе посетители, поради враќањето на дел од иселениците. Потоа, убаво би било да се чуе и колку ученици месечно го посетуваат овој Музеј и дали тоа е дел од училишната програма или во рамките на еднодневните екскурзии? Исто така, интересно би било да се чуе: Колку посети има годишно? Дали Музејот функционира и во зима со оглед дека се наоѓа на ридест терен? Колку луѓе го одржуваат? Дали имаа струја? Дали се плаќа влезница? … Но, сето ова во текстот го нема.

Насловот ја прави и најголемата каша, што подоцна текстот не може да ја исправи.

Убаво е да се прочитаат на моменти и репортажни текстови низ медиумите. Но, како и за сите други новинарски жанрови и за нив важат истите правила. Значи, треба да се објективни, вистинити, точни и интересни. Тука не е земен предвид ниту еден од овие моменти. Текстот е гол, без податоци, со голема доза на неверување, стерилен и во делови неразбирлив. Убаво е да се има репортажа, но таа да е направена по терк на правилата и по вкус на гледачите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција