Рецензија: Убиец-мочко: Убиецот на Лука се помочал во гаќи пред полицијата

FireShot-Screen-Capture-050-pomocan-crop-resize

Случајот со убиството на младиот Лука Јовановиќ од Белград, кого непознат возач го прегазил, а потоа избегал, веќе извесно време се следи како од српските, така и од останатите балкански медиуми, а за него се пишува и во македонските. Со оглед дека се работи за настан кој во континуитет генерира случувања, нови моменти од истрагата, потера по осомничениот и слично, следењето од страна на медиумите продуцира вести во низа. Логично е да се очекува дека медиумите ги познаваат правилата за пишување на вести во низа, но веста која е предмет на оваа рецензија тие правила слабо ги почитува, а тоа ни од далеку не е единствениот проблем.

При пишувањето на веста во низа, правило е дека најновиот момент секогаш е на првото место, горе, на почетокот на написот, а од него се вади и насловот. Но, иако новиот момент во веста која е предмет на рецензијава требаше да биде податокот дека осомничениот убиец бил во рацете на полицијата, која сѐ уште не знаела дека го запрела вистинскиот човек, па, за несреќа, го пуштила да си замине, иако се однесувал сомнително при распитот, па дури и се помокрил во гаќи, главното во оваа вест стана токму тој бизарен и спореден детал – мокрењето. Рака на срце, овој детал го најде својот пат и на насловните страници на српските портали, а посебно е апострофиран, бидејќи се вклопува во стереотипизираната претстава за лошиот и бесчуствителен убиец, кој притоа е и кукавица, без да се води сметка за точноста и релевантноста на објавеното и за невкусот што на тој начин се промовира. Но, за разлика од српските портали, насловот на написот кој го рецензираме отишол најдалеку во исмевањето на осомничениот, користејќи неприкладен колоквијален речник и нарекувајќи го „мочко“.

Самата вест нема некои од основните податоци за случајот за којшто се пишува – не е кажано каде, ни кога се случил настанот, ниту реченица за појаснување на околностите за случајот за којшто се пишува, па дури ни линк до претходните текстови или, пак, до изворот на информацијата, како да се очекува читателот подробно да е запознаен со настанот, што, се разбира, не е секогаш случај. Непостоењето на одговор на прашањата КАДЕ и КОГА? Се случило тоа за што зборува веста да е сериозен почетнички гаф, кој не би смеел да си го дозволи ниту еден медиум кој претендира да информира.

Рецензија: Убиец-мочко: Убиецот на Лука се помочал во гаќи пред полицијатаЛинк до оригиналниот напис: Убиец-мочко: Убиецот на Лука се помочал во гаќи пред полицијата

Датум и време на објавување: 19.08.2014, 13:03

Датум на рецензирање: 29.08.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Не може да се провери точноста и веродостојноста на фактите изнесени во оваа вест. Изворите на кои се повикува во неа се, всушност, извори на српскиот портал alo.rs и се анонимни.

Оваа вест е, исто така, несеопфатна, бидејќи во неа недостасуваат некои од клучните елементи кои секоја вест мора да ги содржи за да ги задоволи критериумите на новинарската информација, а тоа се одговорите на познатите пет новинарски прашања (5 W’s – who? what?, when? where and why? Односно: кој, што, кога, каде и зошто). Конкретно, не е дадено каде се случил настанот за кој станува збор (Белград), ниту кога (несреќата се случила на 26 јули, а полицијата го запрела Марко Милиќев, осомничениот убиец на Јовановиќ, два дена по настанот).

Насловот е еден од клучните недостатоци на информацијата. Потсмевањето на плашливоста на убиецот на овој начин во втор план го става, за еден медиум, далеку поважниот податок дека била испуштена шансата да биде уапсен човекот по кого трагаше целата српска полиција и Интерпол.

Фотографијата, позајмена од српски медиуми, соодветно го прикажува осомничениот за убиството на Лука Јовановиќ како безгрижно се забавува, со што се засилува неговото портретирање како некарактерен лик на криминалец и кукавица.

Иако се работи за човек кој, според изнесените докази, најверојатно го усмртил младото момче во Белград пред еден месец и безобзирно избегал од местото на настанот, со што на себе го навлече гневот на српската и балканска јавност, неговото јавно бламирање и потсмев со кој е третиран во овој напис не е ништо пооправдано. Токму спротивното – употребата на пежоративни придавки и отвореното ситење, евидентно во насловот на написот е израз на невкус и недостаток на професионална дистанца, неопходна како пристап кон содржините кои се пласираат. Инаку, нема да се работи за професионално информирање, туку за маалско оговарање.

Занаетски некоректно напишана вест во низа, лош, некултурен и непрофесионално срочен наслов, новинарски производ што не информира туку прераскажува трачеви, тоа би било крокито на веста која е предмет на рецензијава. Изгледа како да, брзајќи да се излезе со што побизарен наслов за настанот, кој ќе генерира читаност, било заборавено дека веста не е вест ако не се каже каде и кога тоа нешто се случило.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција