Рецензија: WANTED

09052014-Vecer-Wanted-crop-resize

Ова „новинарство“ како од Дивиот Запад, кога за правото и правдата одлучувал како кој ќе му текне, ни се случи деновиве. Иако ова што е објавено нема никакви допирни точки со еден вообичаен новинарски текст, стана предмет на нашата рецензија зашто е објавен во стандардната рубрика МАКЕДОНИЈА, а не во платени огласи, и како таков прекрши повеќе членови на Кодексот на новинарите и други етички и професионални новинарски стандарди.

Од оваа медиумска содржина се гледа дека мотивот за овој текст е тоа што на судски рочишта покренати од страна на уредници на овој медиум, не се појавиле тужените, инаку, исто така, уредници на други медиуми. Од текстот се сугерира дека тие, тужените, не му биле достапни на судот.

Ова новинарство, кое многумина го препознаа како класична хајка и потерница, нешто што, вусшност, не го кријат ниту авторите на овој текст, бидејки тој е така насловен „Wanted– By Order of the Sheriff” („Потерница – По наредба на шерифот“) е преседан и во новинарската пракса, и во судската достава на покани за рочишта, како и во адвокатската пракса со оглед на тоа што адвокатите на тужителите одобриле и се наведени како места за испорака на информации за гонетите, односно за тоа каде се движат, спијат или работат.

Вака организирана, дизајнирана и објавена потерница во голема мерка наликува на притисок на судот и на наведување на јавното мислење за вината на тужените.

Најголемиот апсурд, а со тоа и монструозноста на оваа потерница, е тоа што најмногу од  предметите што се споменуваат во хајката, судскиот процес не е ниту отпочнат. Бесмисленоста на оваа новинарска бласфемија е што нејзините автори ги објавуваат датумите за кога се закажани рочиштата.

Еве, повелете, извадок од оваа медиумска содржина кој потврдува дека се работи за рочишта кои допрва треба да се одржат, освен едно:

„Станува збор за следните предмети: Ивона Талевска – Саше Политико, рочиште закажано за 01.10.2014 во 09:45 во судница 18, број на предмет П4-719/14; Латас – Шилегов, рочиште закажано за 01.10.2014 во12:30 во судница 3, број на предмет П4-672/14; Латас Фокус, рочиште закажно за 10.10.2014 во 09:30  во судница 19, број на предмет П4-773/14; Латас – Либертас, рочиште закажано за 05.09.2014 во 10:15 судница 18, број на предмет П4-673/14; Латас – Бранко Героски рочиште закажано за 30.09.2014 во судница 19, предмет број П4-681/14;

Ивона Талевска – Либертас рочиште закажано за 16.10.2014 во 10:20 во судница 19, предмет број П4-668/14; Ивона Талевска – Шилегов рочиште закажано за 07.10.2014 во 10:30 во судница 19, предмет број П4-670/14; Ивона талевска – Фокус рочиште закажано за 17.10.2014 во 12:00 во судница 3, предмет борј П4-734/14; Ивона Талевска – Бранко Героски рочиште закажано за 07.10.2014 во 10:00 во судница 19, број на предмет п4-669/14.“

Само еден предмет, број П4-673/14, „Латас против Лиебертас“ бил закажан за 5 септември. Тоа е истиот ден кога е објавен овој текст.

09052014-Vecer-WantedЛинк до оригиналниот напис: Wanted

Датум и време на објавување: 05.09.2014, 23:00

Датум на рецензирање: 08.09.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Од текстот на потерницата не е јасно, но најверојатно, тужениот во предметот П4-673/14 не се појавил на рочиштето. Тоа, пак, во никој случај не е доволна причина да се покрене ваква потера која му е прилежна, очигледно и нескриено, според дизајнот на потерницата, само на Дивиот Запад.

На нашиот исток, или југо-исток, во држава која се декларира како во неа владее правото, дека судството е независно, а новинарите и адвокатите имаат кодекси на однесување што ги гарантираат високите професионални стандарди, кога ќе се објави ваква потерница, следствено се кршат неколку членови од Кодексот на новинарите. И тоа, како прво, член 6 кој во првиот став вели:

„Новинарот не смее да го користи медиумот за објавување или прикривање информации за стекнување лична корист.“

Тоа подразбира дека новинарите, макар биле и уредници, никогаш не треба да информираат за теми и прашања за кои имаат сопствен финансиски интерес и да не ја користат сопствената позиција за стекнување привилегии кои не ѝ се достапни на јавноста.

Членот 8, пак, гарантира дека новирските текстови нема да ја повредат пресумпцијата на невиност:

„Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.“

Потерницата што ја организира медиумот, чија објавена содржина и форма ја рецензираме, го погазил членот 8 и со сугестибилноста на текстот им наметнува и на судот и на јавноста пресуда, а од целиот случај прави сосема неоснована сензација.

Прекршен е и членот 16, кој ги уредува професионалните и еснафските релации меѓу новинарските професионалци. Тој член нагласува:

„Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности, вклучувајќи ги и своите колеги.“

Ниту новинари, ниту уредници не би смееле да си дозволат да се пресметуваат со свои колеги преку сопствените медиуми. Таквото однесување не само што е закана за нивниот интегритет и достоинство, туку ја урива репутацијата на новинарската професија воопшто и ја намалува довербата на јавноста во медиумите.

Според „Принципите на новинарството”, утврдени од страна на Истражувачкиот центар за добро новинарство Пју од Вашингтон, САД, објавен во прирачникот „Етика во новинарството“ (З.Бојаровски/Т.Чаусидис, ЗНМ, 2012 г.), оваа потерница:

„Новинарите мора постојано да ги вежбаат нивната лична совест и чувството за добро и лошо. Секој новинар мора да поседува лична етика и одговорност – сопствен морален компас. Секој новинар мора да биде подготвен, ако тоа го бараат новинарскиот ферплеј и точност, да им дава шанса на разликите.“

Медиумите треба да ги негуваат независноста на мислењето и слободата на изразувањето на тоа мислење и да ги охрабруваат новинарите да го прават тоа. За да се разбере едно изразито мултикултурно општество какво што е нашето, стимулирањето на различноста е неопходност.

Но, еве, наместо една таква новинарсла пракса, ние сме сведоци на преседани, на потерници издадени по наредба на шериифот. Единствено што треба дополнително да се открие е – кој е шерифот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција