Рецензија: ИСИС ги надмина границите: Oбезглавeни пет жени- главите ги фрлиле во ѓубре

22-09876-0987-isis-crop-resize

Пример за лошо сработена агенциска вест дополнително новинарски нагрдена со несоодветен наслов кој на неумесен начин се обидува да направи некаква градација за однесување и постапки на една групација, која генерално манифестира секакво непочитување кон значењето на човечкиот живот и основните цивилизациски придобивки. Зарем некому му требало ново масовно обезглавување за да разбере дека тоа што ИСИС го прави е надвор од сите граници на нормалното?!

2Линк до оригиналниот напис: ИСИС ги надмина границите: Oбезглавeни пет жени- главите ги фрлиле во ѓубре

Датум и време на објавување: 09.09.2014

Датум на рецензирање: 09.09.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

НЕМА „ЛЕСЕН НОВИНАРСКИ ЗАЛАК“

Вистинитоста на овој материјал не е проблематична, бидејќи информацијата која се пласира е објавена од низа други медиуми. Спорен е начинот на кој таа вест и е спакувана на македонската јавност. Пристапот покажува голема доза на новинарско неискуство и незрелост – само прочитајте ја првата реченица: „Терористичката организација ИСИС ги надмина границите во Мосул“?! Тоа што сакало да се каже, а што се утврдува откако ќе се проверат други текстови за овој настан, е дека во Мосул – град кој со месеци е под контрола на исламистите, ИСИС направила нешто што, според некој, веќе е надвор од сите граници. Па, чекајте, дали на тој што го напишал текстот му требало толку време и низа јавни егзекуции за да разбере дека потезите на ИСИС се безумни и дури сега тоа ѝ го сервира на нашата јавност како новинарско откритие. Апсолутно е јасно дека последниот чин е гнасен и неразбирлив, силно се надевам и последен од таков вид, ама тој секако не треба да се претставува како единица мерка за „прелеана чаша“.

Границите се надминати веднаш по првото „сечење глави“ пратено по социјалните мрежи. Сметам дека новинарски е недозволиво да се степенува нешто што, од цивилизациски аспект, е неприфатливо – чин кој се случува во 21 век, особено ако ја видиме крвавата трага која истата таа организација со месеци ја остава зад себе. Не зборуваме дека досега ИСИС лошо се однесувала, ама сега станала уште полоша. Не, напротив! Оваа организација од почеток ја покажува својата бруталност и практикува сила врз сѐ што не ѝ одговара, почнувајќи од војници, преку заробеници, па сѝ до жени, деца и немоќни стари луѓе. Очигледно е дека Универзалната декларација за човековите права, која ООН ја усвои во далечната 1948 година не значи ама баш ништо за овие луѓе.

Затоа непотребно и неоправдано е да се навестува некакво споредување меѓу нивните чекори, зашто ниту еден не е разбирлив или оправдан. Па и во самата информација се цитира човек кој вели дека „ова не е првпат ИСИС да направи такво нешто“ и затоа нема разбирање за тврдењето дека сега ВЕЌЕ се надминати границите. Неколку примери: обезглавување во живо на двајца новинари, егзекуција на неколку докторки, каменување до смрт, итн.

Овде имаме случај на некоректно пристапување кон преземена вест, не е наведено од каде е „позајмена“, на која претпоставувам ѝ е пристапено со некакво сознание дека е „лесен новинарски залак“ за потоа таа да биде унаказена со лоши формулации. Тој што мисли дека работењето вести од светот е едноставна задача многу греши за што пример е и овој напис.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција