Рецензија: ФОТО Документ од ФБИ докажува дека Хитлер побегнал во Аргентина

FireShot-Screen-Capture-070-hitler-crop-resize

Теоријата за тоа дека Хитлер ја преживеал Втората Светска војна и дочекал длабока старост во Аргентина во повеќе наврати „гостувала“ во светските медиуми во зависност од тоа кој и со кои намери повремено ја пласирал. Написот кој е предмет на оваа рецензија се надоврзува на текстови во странски медиуми за објавување на декласификувани тајни документи на американската агенција ФБИ, во кои се зборува за сведоштва на аргентински агенти, кои тврделе дека знаат каде точно Хитлер живе во Јужна Америка. На својот сајт, ФБИ објави четири комплета од по неколку стотици факсимили на документи кои датираат главно од октомври 1945 па до 1947 година, од кои се гледа дека ФБИ добивал информации од разни лица во периодот по Втората Светска војна, кои го известуваат лично директорот на ФБИ, Џон Едгар Хувер за тоа дека поседуваат различни докази или се лични очевидци на фактот дека Адолф Хитлер е жив. На сајтот на ФБИ нема податоци дали Бирото презело некакви активности во поглед на овие информации кои до нив се слевале, иако за повеќето информатори Хувер лично писмено им се заблагодарувал за нивниот интерес и ангажман. Дел од објавените документи се полициски извештаи за остварени средби со доушник-аргентински агент кој нудел инсајдерски информации за Хитлер во замена за политички азил во САД. Тие извештаи се подлога за текстот кој го рецензираме.

Не е јасно зошто српските портали ја актуелизираат темава цели шест месеци откако таа беше актуелна во некои британски и американски медиуми, но очигледно е дека рецензираниот текст се потпира токму на нив. Веројатно затоа во него, како и кај српските извори, темата се обработува на ист начин – површно, односно, се наведува само мал дел од информациите кои ги има во документите на ФБИ, поточно само она што на американската полиција и понудил како детали неименуваниот аргентински шпион, нема други извори, нема изјави, нема епилог на случајот.

Рецензија: ФОТО Документ од ФБИ докажува дека Хитлер побегнал во АргентинаЛинк до оригиналниот напис: ФОТО документ докажува дека Хитлер побегнал во Аргентина

Датум и време на објавување: 26.09.2014 09:05

Датум на рецензирање: 6.10.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Фактите кои се наведуваат во текстот се засновани на документи објавени од страна на Федералното истражно биро на САД, кое може да се смета за релевантен извор на информации. Сепак, фактите кои се наведуваат во извештаите до ФБИ не се потврдени како резултат на истрага на Бирото. На сајтот на ФБИ, каде што тие се објавени, откако биле декласифицирани, односно престанале да бидат тајни документи, никаде не може да се види дали американските власти овие податоци за престојот на Хитлер во Аргентина ги сметаат за вистинити, дали презеле некакви чекори, односно дали отвориле истрага и каков бил епилогот на таа истрага. Оттука, тврдењето во насловот и во текстот кој го рецензираме, дека Хитлер побегнал во Аргентина, не може да се смета за вистинит.

Иако се повикува на релевантен, официјален извор, написот изнесува тврдење кои објавените документи на ФБИ не го потврдуваат – да, искази и сведочења дека Хитлер ја преживеал Втората Светска војна и избегал во Аргентина, каде што потоа живеел, имало, но никаде нема експлицитна потврда дека тие тврдења биле проверени и дека тие се вистинити. Со други зборови, џабе е повикувањето на вистинскиот извор, кога тој не го вели она што се тврди во текстот.

Написот, всушност, дава мошне штур и оскуден преглед на никогаш докажаните тврдења дека Хитлер заедно со својата сопруга Ева Браун живееле по војната уште долги години безбедно засолнети во Аргентина. Вакви теории многупати биле пласирани и од новинари и од историчари кои се занимавале со оваа тема, но никогаш не биле прифатени од научната и стручна јавност. Една од најдеталните анализи е објавена во книгата „Сивиот волк“, на британските новинари Сајмон Данстен и Џерард Вилијамс, каде тие пренесуваат прецизни детали за тоа како била планирана и изведена акцијата на евакуација на Хитлер од разурнатиот Берлин, како бил подготвувано неговото ново живеалиште во Аргентина, па дури и каков му бил животот таму и кога умрел (според авторите, во 1962 година). Доколку се сакало оваа тема поцелосно да биде истражена и пласирана, доволен напор ќе беше веќе и посетата на сајтот на ФБИ, каде се дадени изобилството факсимили поврзани со темата Хитлер по Втората светска војна.

Од текстот е евидентно дека тој претставува превод и адаптација на пишувањата на српски портали, не е оригинално дело, што посредно и се признава со објавувањето на линковите на двата портала кои изнесуваат идентични податоци и донесуваат ист заклучок – дека документите на ФБИ докажуваат дека Хитлер бил жив по војната. Темата која ја обработува написот е една од „евергрин“ актуелните историски теми, посебно бидејќи се работи за контроверза, која никогаш не била ниту докажана ниту демантирана. Но, обработката на темата во предметниов текст е сведена на сензационалистичко пишување без обид темата да се доистражи, всушност, без многу размислување дали таа има уште нешто да пружи. Во овој случај е одено по линијата на најмал отпор – темата ја „истражил“ некој друг, доволно е само неговиот текст да се преработи, да се стави предизвикувачки наслов и – работата е завршена.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција