Рецензија: Кавадарчани веќе не прифаќаат работа под 10.000 денари

 

kavadarci-098765-098-09-crop-resize

Влезот на „Дрекселмаер“ во Кавадарци во нашата јавност стана предмет на сериозни опсервации и оценки, главно од аспект на целосно симнување на какви било критериуми и издржаности во однос на цената на трудот. За тоа се интересираа и германски пратеници, а една француска професорка напиша и труд – таа го нарече ова што се случува во фабриката во Кавадарци огледало на модерната експлоатација (види овде). Не може да се одбегне фактот дека во таа фабрика имаше и штрајкови што медиумите ги одбележаа (на пример овде).

Но, другата страна одбегнува да одговара на овие „провокации“, ама затоа се користат други форми за да се претстави влезот на „Дрекселмаер“ во земјава како голем успех на владината инвестициска политика. Така и се појави овој текст од дописникот во Кавадарци, кој индиректно го фали овој потег во рамки на „скокот“ на стандардот во „градот на грозјето“.

kavadarci-098765-098-09Линк до оригиналниот напис: Кавадарчани веќе не прифаќаат работа под 10.000 денари

Датум и време на објавување: 13.10.2014, 17:16

Датум на рецензирање: 17.102014

Рецензент: Љубомир Костовски

„Откако Кавадарци од град на грозјето, виното и никелот, прерасна и во град на автомобилската индустрија, со отворањето на германската ’Дрекслмаер’, се раздвижи и пазарот на труд. Голема е конкуренцијата, се намалува невработеноста, а растат и платите. За време на гроздоберот речиси и немаше слободен работник, кој за дневница од 1.000 денари ќе биде ангажиран како аргат во бербата на грозјето. Сѐ помалку има млади за работа во продавници, во бутици и кафулиња. Подобрен е стандардот на граѓаните, велат и трговците. Ваква перцепција имаат и институциите, но граѓаните велат дека платите сѐ уште не се на ниво да ги покријат трошоците“.

Навидум со овој текст сѐ е во ред – има извори на податоци, на располагање е дури и градоначалникот, постојат некакви статистички показатели, кои треба да потврдат дека Кавадарци како општина во моментот е меѓу најдобрите во земјава кога станува збор за број на вработени. Се споменува дури и формулацијата „бројот на вработените е на европско ниво“. Потоа се вели дека работниците веќе не прифаќаат работа со плата пониска од 10.000 денари. Оваа плата, наводно, во земјава ќе била најниска, дури за две години, а во Кавадарци сега е таа реалност.

Основниот проблем е тука – методолошки. Најниската плата (8.100 денари) тука се прогласува за „света крава“ како што пишува и овде и се сака да се претстави како да се работи за просечна плата! Сеедно е дали 10.000 денари за две години ќе биде единица мерка за вложен труд, бидејќи треба да се знае дека просечната германска плата во автоиндустријата, како што е „Дрекселмаер“, изнесува околу 3.200 евра и ако веќе се споменуваат некои „европски нивоа“ тоа е нивото кое е за 2о пати повисоко од нашето!

Впрочем, според податоците на Државниот завод за статистика (последни податоци од крајот на септември, а се однесуваат на измерени величини за јули) ние имаме просечна нето-плата по работник – 21.350 денари (види овде). На толку фалби ние немаме податок за просек на исплатена нето-плата во Кавадарци. Јасно е и зошто – таа, веројатно, се движи кај споменатите 10.000 денари и е пониска од надницата во берењето грозје, според истиот текст за два, два и пол пати!

Да се обидеме да го замислиме профитот кој тука секој газда ќе го истера. Па и да се цените на локално ниво пониски, што е само делумно точно, треба да се спореди стандардот, кога се става „на маса“, со минималната кошничка која кај нас, според пресметки на Синдикатот од февруари годинава (види овде), изнесува 500 евра или повеќе од 30.000 денари. Па, да видиме сега што може да се купи за платите што се земаат во „Дрекселмаер“ и во другите кавадаречки фабрики ? Дури и две плати не се доволни за едно четиричлено семејство за голо преживување.

На овој текст можат да се стават доста други забелешки за навидум постојната фактографија – колку има градот работоспособно население, а колку се вработени, за да се види европскиот „просек“ во вработеност (секако, да се каже и кој е тој европски просек или да се инсистира градоначалникот да ни го објасни!), потоа кои се тие други капацитети кои добро го плаќаат работникот, па се добива висок стандард и слично.

Без такви податоци излегува дека поводот за овој текст била само одбрана на проектот „Дрекселмаер“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција