Рецензија: Унковски, зошто не им кажете на сопствените деца да си заминат од Македонија

FireShot-Screen-Capture-035-ФОТО_-www_kurir_mk_makedonija-crop-resize

Во демократските општества, слободата на јавно изразување на сопственото мислење е една од фундаменталните слободи на граѓаните. Во Република Македонија, тоа право на граѓаните им е загарантирано со членовите 9 и 10 од Уставот на Република Македонија, кои се ускладени со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи.

Текстот што го рецензираме, на груб и безобразен начин се обидува тоа право да му го ускрати на режисерот Слободан Унковски и да го натера да мисли онака како што медимот смета дека треба да мисли за одредени појави во општеството, па отворено му советува „Унковски, зошто не им кажете на сопствените деца да си заминат од Македонија“ ?

FireShot Screen Capture #035 - 'ФОТО_ Унковски, зошто не им кажете на сопствените деца да си заминат од Македонија_' - www_kurir_mk_makedonijaЛинк до оригиналниот напис: Унковски, зошто не им кажете на сопствените деца да си заминат од Македонија

Датум и време на објавување: 30.10.2014 12:23

Датум на рецензирање: 02.11.2014

Рецензент: Александар Писарев

 

„САТАНИСТИЧКА ИЗЈАВА“

Од опширното интервју кое Слободан Унковски го дал за неделникот „Фокус“, извадена е од контекст само една реченица: „Режисерот Слободан Унковски за „Фокус“ ќе изјави, ако некому му мислите добро, кажете му да си замине од Македонија“, врз основа на која е отворена канонада на напади лично на Ункoвски, но и на целото негово семејство и на пријателите што го опкружуваат, за да се сатанизира, стигматизира и прогласи за непријател на владините политики, јасно нагласувајќи дека тој и неговото опкружување се експоненти на опозицијата.

„Истовремено и сопругата на Унковски, Лина Унковска е член на Собранието на Хелсиншки комитет за човековите права на Република Макеоднија, организација финансирана од Сорос Македонија која меѓуд ругото е позната по проопозициски ставови и поддршка на политиките на СДСМ “

 

ЕЛЕМЕНТИ ЗА ОДГОВОРНОСТ

На ист, груб и непримерен начин, со текстот е нарушено и правото на почитување на приватниот и на семејниот живот, кое е загарантирано со Европската конвенција за човековите права, член 1 и 2.

Повикувајќи се на некаков анонимен и, очигледно, измислен извор, медиумот навлегува во „спалната соба“ на Унковски, му завидува и наедно го кара зошто не е сиромашен, па децата да му бидат „како илјадници други“:

„Семејството Унковски важи за едно од подобро ситуираните. Децата на Унковски често може да се забележат низ скопските улици со различни ултра скапи автомобили. … тие ја немале судбината сами да се пробиваат и веројатно самостојно да заработуваат како што тоа го прават илјадници други“….„Според фотографиите кои ни ги испрати револтираниот граѓанин, возниот парк на Унковски е на завидно ниво. Во нивна удобна куќа…. може да се забележат паркирани два модерни автомобила …. кои според тврдењата припаѓаат на неговите деца„…

Врз основа на сè тоа, медиумот го прозива Унковски за слободно искажаниот збор („Зошто Унковски не им каже на сопствените деца да си заминат од Макеоднија, додека посакува илјадници млади, нечии ќерки и синови да си заминат од државата“).

 

МЕГАФОН НА НЕКОЈ ЦЕНТАР

Ова може да се протолкува единствено како нарачка од центрите на моќ, чија континуирана цел се нападите на сите кои мислат поинаку од актуелната власт, кои не носат „розови очила“ кога гледаат на актуелните случувања во општеството и кои, според загарантираните граѓански и политички слободи, се определиле да бидат симпатизери на опозицијата. Целта на нападот не се само Унковски и неговото семејство, туку е искористена можноста, по кој знае кој пат, да се нападне и граѓанскиот сектор и Фондацијата „Отворено општество Македонија“.

„Лина Унковска е член на Собранието на Хелсиншки комитет… организацијата финансирана од СОРОС, која е позната по подршка на СДСМ и невладината која се претставуваше како претставништво на Меѓународниот хелсиншки комитет чија лиценца беше одземена и престана да постои уште пред неколку години“

Сосема недолжни и неоправдано се стигматизирани личности и организации, кои со споменатата изјава во интервјуто немаат апсолутно никаква врска.

Ако медиумот таквата реакција ја извади од контекст и со измислени конструкции ја стигматизира, сатанизира јавната личност, во овој случај режисерот Унковски и неговото семејство, тоа не е ништо друго туку злонамерен напад со политичка заднина, што е спротивно на сите етички норми, стандарди и кодекси на однесување на новинарите.

Целата информација станува проѕирно наменска, тој и неговото семејство, пријателите, соработниците – да се деградираат, етикетираат и прикажат во негативно светло како некаква елита и крем во општеството, блиски поддржувачи на опозицијата и на СДСМ.

Тоа може да се оцени единствено како новинарски производ со најнискиот именител, кој е произлезен од таблоидизираниот (за жал, сè попоуларниот) домашен журнализам. Целта е да му се наметне на читателот, граѓанинот, ставот како треба да се позиционира кон одредени личности, во овој случај кон Слободан Унковски, но и кон другите кои се блиски или имаат соработка со него.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција